Изборниот колеџ потврди: Џо Бајден е нов претседател на САД
14 декември 2020Кампањата на Доналд Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во САД денеска и формално заврши со неуспех. Сите американски сојузни држави ги потврдија резултатите од изборите преку ткн. Изборен колеџ, и покрај тоа што во неколку држави се соочуваа со голем притисок и закани по живот.
Клучно беше гласањето во Калифорнија од каде вечерва пристигнаа потребните 55 електорски гласови, со што Бајден го надмина прагот од 270 потребни гласови за и формално да му биде потврдена победата. Инаку, според резултатите од изборите на 3 ноември, Бајден освои 306 електорски гласови наспроти 232 за Трамп, но конечниот број сега е само формалност.
Следниот чекор е преземањето на функцијата на 20 јануари следната година со положување заклетва.
Иако традиционално гласањето на Изборниот колеџ е само формалност, годинава тој имаше посебно значење поради обидите на Трамп да ги оспори резултатите од изборите.
Комплицираниот американски изборен систем датира од 1780 година, и според него, еден кандидат станува претседател преку Изборниот колеџ, а не со освојување мнозинство од дадените гласови.
Кампањата на Бајден најави дека претседателот денеска (15.12) ќе одржи говор од својот дом во Делавер, во кој ќе порача дека „демократијата надвладеала“.
„Доколку некој досега не знаеше, сега знаеме. Она што чука длабоко во срцата на американскиот народ е ова: Демократија. Правото да бидеш слушнат. Твојот глас да се брои. Да ги одбереш лидерите на оваа држава. Да владееш самиот“, ќе порача Бајден.