Израел нападна цели во Појасот Газа
15 март 2019Израелски борбени авиони рано утринава нападнаа речиси 100 цели во појасот Газа, откако синоќа беа испукани две ракети на Тел Авив, првпат од војната во 2014 година на оваа палестинска територија.
Израелската војска соопшти дека е активиран противракетниот систем „Железна купола“ и верува оти ракетите паднале на отворено подрачје, бидејќи нема штети и повредени.
Утринава е соопштено дека се нападнати „терористички цели“, вклучувајќи го и штабот на Хамас во Газа Сити, подземен објект, неколку воени пунктови и центар кој се користи за програма на беспилотни летала на Хамас, пренесоа израелските медиуми.
Експлозиите биле толку силни што можел да се види чад на одалеченост од 25 километри, наведе АП.
Палестинските медуми јавија оти се нападнати и поморски бази кои му припаѓаат на Хамас. Министерството за здравство во Газа соопшти дека еден маж и една жена се ранети во Рафа, кога нивната куќа се нашла на удар. Извештаи за други повреди нема.
Во меѓувреме се огласиле сирените за воздушна одбрана на југот на Израел кај границата со Газа, но војската соопшти оти ракетата која тоа го предизвикала паднала на палестинска територија. Набрзо потоа повторно се огласиле сирени кога две ракети се испалени од Газа, едната е пресретната, а извештаи за повреди и штети нема.
Синоќа се активираа сирени ширум Тел Авив, 80 километри одалечен од Газа. Иако во нападот нема штети и повредени се смета дека тоа е голема ескалација и се очекувал остар израелски одговор.